Смогот и срцевите болести се смртоносна комбинација

22.02.2013 13:59
Смогот и срцевите удари се смртоносна комбинација

Загадениот воздух придонесува за пораст на стапката на смртност кај луѓето кои се лекуваат по срцев удар. Ова се вели во истражување објавено во списанието European Heart Journal според кое кај лицата кои се веќе хоспитализирани поради срцеви заболувања, смртноста се зголемува со нивната изложеност на нам добро познатите честички прашина со големина до 2,5 микрометри.

Раководителката на истражувањето, Кетрин Тон, од лондонската Школа за хигиена и тропска медицина вели дека смртноста кај овие луѓе се зголемува за 20% со секое зголемување на концентрациите на прашината за по 10 микрограми.

Обемното истражување опфатило 154 илјади пациенти во Англија и Велс и биле користени податоци за загадување на воздухот во периодот од 2004 до 2010 година.
Стручњаците го потврдуваат очигледното дека пациентите од посиромашните средини често живеат во позагадени услови што ги прави поризични.

Инаку, вчера присуството на овие честички беше високо во Центар и во Карпош. Во Центар на највисокото ниво на загадување беше присуството на честичките прашина со големина од 10 микрометри, а исто е нивото и во Лисиче, Тетово и Кичево.

Извор: greenbox.com.mk