МАНУ - јадрото на совеста и свеста на Македонија?

22.02.2013 16:04
МАНУ - јадрото на совеста и свеста во Македонија?

„Политичките лидери се одговорни за кризата во која тонеме! Тие го поделија народот! Македонија страда од недостиг на лидерство!“ Дали овие искази, кои ги слушаме во последно време, се целата наша вистина? Најлесно е да се обвини некого, нели? A тие лидери имаат ли советници и идеолошки апарат во заднината? Немаат. Ги напуштија своите советници. Сега самоволно, тврдоглаво „тераат инает“. НЕМА ДОБРА ВОЛЈА, нема договор, нема разбирање. Македонската јавност ги обвинува политичките лидери за „нештото“ што зрееше во сите овие изминати години...

Нашите најугледни граѓани, нашите академици, сè уште молчат. Прво, мижат пред невкусот и кичот кој нè опкружува. Второ, глуви се на незнаењето, на некултурата. И трето, не реагираат.

Нивниот став е: „Тоа е дневна политика! Ние се занимаваме со научна дејност, пишуваме научни трудови. Ние не се мешаме во тие работи!“ Во ред. Но, оваа „дневна политика“ веќе на сите ни го задушува просторот! Немаме повеќе воздух за дишење. Ние сме нација на кичот, ние сме држава на невкусот! – така нè прогласува светот... Еве сега, капак на неволјата, паѓање на дното...

Дали научната работа е во служба на животната реалност? Би рекле, целта на секоја научна дејност е да го подобри квалитетот на животот, на пократка или подолга патека. Дали функцијата на научната студија е да се напише и да се заврши, објавена или необјавена, во архивите на академијата, или е во служба на човекот, на некој начин, преку својата актуелност, да го издигне на повисоко ниво? Зарем не е денес приоритет итно да се реагира и со научна студија да се оквалификува актуелната состојба во нашата земја? И уште поважно, таа студија да има виталност, применливост во живо(т), а не да заврши во мувлосаните рафтови на архивите? Имам чувство дека во изминатиот период постоеше итна потреба да се анализира кризата во нашето општество. Сè друго е помалку важно во однос на сериозноста на оваа, пред сè, духовна и интелектуална криза... Здрава, темелна анализа, со длабочина и широчина на мислата и сепфатност во аглите на перцепција, интегрална, од повеќе сфери, како четиво за размисла, која ќе ги инспирира политичките кадри во кој правец да се насочат. Велат дека се нема временска дистанца за да се направи анализа, студија и да се донесе заклучок!...Хм! Не можеме да ја погодиме целта кога е во движење! (парафразирано, мислам од Горан Стефановски)

Пред некој ден поминав преку Камениот мост и за прв пат го видов споменикот на Ѓорѓија Пулевски. Доста е голем. Но, помал е од тој на Александар и Филип! Значи, видете, големината на споменикот е аналогна на големината на личноста. Така, сега, црвот нема да им даде мир и ќе ги гризе сè додека не го изградат споменикот на Мајка Тереза, бидејќи сите веќе се согласивме дека Мајка Тереза е најголема! Само така проектот ќе се заокружи и хиерархијата на историските личности ќе добие смисла!

Не можам да им се изначудам ем на овие што градат, ем на другите што не реагираат!

Зошто МАНУ до сега официјално не се произнесе за Проектот СК 2014? Ако не како институција, бидејќи не можат да се усогласат, тогаш, зошто академиците, индивидуално или во група, не оформија мислење, став? Еве, на пример, академиците кои се историчари на уметност, уметници и естетичари по вокација. Мислам дека се подразбира, дека токму тие се повикани, како елита на ова општество, да оформат став во однос на овој проект! (значи став кон општата состојба во културата и системот на вредности што генерира сè друго понатаму) Не само кон ликовното манифестирање – (анти)естетиката во урбаниот простор, туку и кон идеологијата која е во заднината. Бидејќи оваа идеологија добива сè поголема димензија како визуелно опкружување, во формирање на свеста за идентитетот и во градење/рушење на критериумот за вредностите (општествените, општочовечките, уметничките). Не сакаат да преземат одговорност во формирањето на јавното мислење?

Не го разбирам тој феномен! Која е причината за овој молк? Стравот? Или не сакаат да се конфронтираат со власта? Значи, конформизмот е причината? Толку ли е заплеткан тој Гордиев јазол, толку ли е замрсено клопчето на интелектот, та никако да се расплетка за да реагира на ова безумие?

 Сите ќе се согласиме дека вкусот се гради на тој начин што постепено се образува, преку воспитувањето и системот на вредностите во образованието. Каков вкус се гради денес во Македонија? Какви генерации ќе произлезат од ова (анти)образование што го нудиме денес? ТВ програмата е невиден терор! Ако бидам затворена со Сител или некоја друга програма, ќе излудам само за 24 часа

Треба да се реагира и на програмите, содржините кои ни ги нудат медиумите, нели? Тонеме во лош вкус.

Сите овие елементи придонесуваат за атмосферата денес. Нашата состојба денес е причинско-последичен ефект, и, би рекла, фијаско на нашата интелигенција (се разбира, не само од МАНУ!), резултат на незаинтересираноста, неактивноста, нереагирањето во клучните моменти. Нивното игнорирање на сè што се случува во Македонија, нивниот непридонес, нивното занимавање со „споредни работи“ (секоја чест на исклучоците!).

Можеби нашите угледни академици го поддржуваа овој проект и овој вкус? Тогаш зошто не се произнесат јасно и гласно: „Тоа е добро за нашиот народ и за нашата Македонија, или, лошо е, или, добро е, но можеше да биде подобро!“ Бидејќи кога се молчи, не се знае што е што, настанува општа конфузија, па може по грешка да се добие впечаток дека сè е во ред и дека нема проблем. Тогаш немаме повеќе дилеми и не ни останува друго освен да се превоспитаме...

Сите ние сме за Македонија! Зошто, кога е најпотребно, не се даде придонес со својата свест и совест, со своето знаење и стручност, за таа наша Македонија? Зарем толку вреди тој лажен спокој во пасивноста? (Со перманентното долгогодишно нереагирање, во облик на нестав, непишан збор - дело, постепено изгубивме способност за разлачување, сега се нема знаење како да се направи разумен компромис за доброто на сите, владее тврдоглавост, самобендисаност и егоизам.) Зарем паметот на политичарите е поголем од паметот на нашите угледни луѓе, чие животно дело, во областа на науката или уметноста, е крунисано со титулата академик? Кој кого треба да слуша и да следи?

Затоа, на огласната табла на Совеста и Свеста на Македонија ги поставувам овие имиња, на нашите угледни академици (се ограничувам на областите: историја на уметност, археологија, уметност, естетика, уметничка критика, лингвистика, теорија на литературата, историја и теологија, што никако не значи дека другите области не го оформуваат јадрото на свеста и совеста, напротив):
Ката Ќулавкова, Милан Ѓурчинов, Петар Х. Илиевски, Витомир Митевски, Блаже Ристовски, Сузана Тополинска, Вера Битракова Грозданова, Цветан Грозданов, Иван Катарџиев, Митко Маџунков, Матеја Матевски, Боро Митриќески, Божин Павловски, Томе Серафимовски, Георги Старделов, Луан Старова, Васко Ташковски, Влада Урошевиќ, Радован Павловски, Ѓорѓи Поп-Атанасов, Гаезанфер Бајрам, Богомил Ѓузел, Глигор Чемерски...итн.

 ...„Која е таа Татјана Миљовска, некоја си ликовна уметница, што толку се дрзнува да нè стави на тапет ?” Еве, веднаш ќе Ви одговорам. Јас сум обичната граѓанка - Никоја и Ништо, и без животна амбиција да стане МАНУ – фосил…

СЕКОЈ МОРА ДА СФАТИ, ОСОЗНАЕ И ПРИЗНАЕ ДЕКА Е ОДГОВОРЕН, ПОТПОЛНО, ВИСТИНСКИ, ЗА СÈ, не само да ја префрлува одговорноста на Другиот.

Тоа би била пресвртната точка... јадрото на совеста и свеста и почетокот на трансформација на системот (мислам, конечно завршување на процесот на транзиција).
А, во тој процес, тие што знаат повеќе и стекнале мудрост сносат поголема одговорност од другите!...

Лао Це

Сјин Јен Пу Меи

Како што чесниот говор не мора убаво да звучи,
убавите зборови не мора и искрени да бидат;
добриот човек може да биде тих, како што
оној бучниот добар не мора да биде,
тие што знаат не се полни со знаење, како што
луѓето полни со знаење не мора баш сè да знаат.

Мудриот човек не натрупува добра,
притиснат, бидејќи на другите им служи,
тој доволно колку за себе има и уште малку повеќе,
но, оти го подари сето свое богатство,
богат може да се смета, навистина.

Патот небески е дар, кој не може никогаш да се изгуби;
Патот на Мудриот човек се состои во неговата работа
која ја обавува без напор, не очекувајќи
крунисан со успех да биде.

(Книга за Патот и неговата доблест)

Слики: Татјана Миљовска

ОкоБоли главаВицФото