Државни vs. приватни средни училишта

26.02.2013 09:34
Државни vs. приватни средни училишта

Државното образование е (не)моќ

На 16 февруари се одржа Регионалниот натпревар по Математика за ученици од средните училишта во Македонија. На натпреварот имаа право да учествуваат сите ученици од средните училишта, како од државните така и од приватните. Конечните, сублимирани резултати говорат дека Министерството за Образование и Наука (МОН) или недоволно посветува внимание на државните средни училишта или нема концепт за истите, барем не по предметот математика.

Регионален натпревар по Математика за ученици од средно образование

Како прв натпревар во низата од неколку натпревари – регионалниот натпревар е најмасовен. Во секој од шесте региони учествуваат околу 180 ученици со што вкупниот број на ученици кои се натпреваруваат е околу 1000 ученици. Обично училишните натпревари треба да бидат филтер, но можноста за пријавување на 20 ученици од секое училиште предизвикува голем број на ученици кои учествуваат на овој натпревар да завршат и без освоени поени.

На регионалниот натпревар најдобро пласираните ученици добиваат можност за учество на републичкиот натпревар по математика кој секако е степен повисоко од регионалниот. Право на учество обезбедуваат само најдобрите 50 до 60 ученици од секоја година и вистинскиот квалитет доаѓа до израз.

Бидејќи не сакам само да коментирам за квалитетот на образованието, интегрално ќе ги прикажам анализите од резултатите на регионалниот натпревар и учесниците на републичкиот натпревар.

1. Освоени први награди

a. Прва година: Вкупно 13 – 9 приватни средни училишта; 4 државни средни училишта
b. Втора година: Вкупно 7 – 5 приватни средни училишта; 2 државни средни училишта
c. Трета година: Вкупно 13 – 9 приватни средни училишта; 4 државни средни училишта
d. Четврта година: Вкупно 3 – сите кај државните средни училишта

Или вкупно освоени 36 први награди од кои 23 или 64% за приватните средни училишта и 13 или 36% за државните средни училишта.

2. Освоени втори награди

a. Прва година: Вкупно 15 – 11 приватни средни училишта; 4 државни средни училишта
b. Втора година: Вкупно 8 – 3 приватни средни училишта; 5 државни средни училишта
c. Трета година: Вкупно 12 – 2 приватни средни училишта; 10 државни средни училишта
d. Четврта година: Вкупно 7 – 3 приватни средни училишта; 4 државни средни училишта

Или вкупно освоени 42 втори награди од кои 19 или 45% за приватните средни училишта и 23 или 55% за државните средни училишта.

3. Освоени трети награди

a. Прва година: Вкупно 25 – 7 приватни средни училишта; 18 државни средни училишта
b. Втора година: Вкупно 21 – 7 приватни средни училишта; 14 државни средни училишта
c. Трета година: Вкупно 29 – 6 приватни средни училишта; 23 државни средни училишта
d. Четврта година: Вкупно 11 – 1 приватни средни училишта; 10 државни средни училишта

Или вкупно освоени 86 трети награди од кои 21 или 24% за приватните средни училишта и 65 или 76% за државните средни училишта.

На републичкиот натпревар ќе учествуваат вкупно 164 ученици и тоа 63 или 38% од приватните средни училишта и 101 или 62% од државните средни училишта.

Она што не се гледа во статистиката, а е вредно за кометирање, е фактот што од 63 ученици од приватните средни училишта 59 ученици доаѓаат од училишта со исто име, додека од 101 ученик од државните средни училишта само 16 доаѓаат од средните училишта во градот Скопје.

Логично се наметнува прашањето – Каде заминаа тие тешкаши од математички гимназии од Скопје?

- Раде Јовчевски – Корчагин: три трети награди
- Никола Карев: нема награди
- Орце Николов: една прва награда, една втора награда и пет трети награди
- Георги Димитров: пет трети награди

Јасно се гледа (не)грижата за квалитетот на образованието во средните училишта, а уште појасно се гледа (не)одговорноста кон државните средни училишта. Дека ситуацијата наместо да се подобрува само ќе се влошува говори и фактот што од вкупно 53 освоени награди за учениците од прва година 27 или 51% се од ученици во приватните средни училишта.

Конечно, би сакал јавно и отворено да го поставам прашањето – колку од програмите кои се ветени на полето на математиката и талентираните ученици се остварени и кој е резултатот од нивното имплементирање:

- Проект „Математика со логика“ – 3 милиони денари
- Проект „Македонски таленти“ – 7,5 милиони денари
- Проект „Зголемен фонд на часови по математика во гимназиско образование“ – 2,5 милиони денари

Слики: Paul Hilario