За демокрацките работи

27.02.2013 09:38
За демокрацките работи

Само во државата со име Македонија политиката може да се доживува на територија на партиите. Демократијата, слободата, јавниот интерес и јавното воопшто... Тоа се атрибути кои мора да останат затворени за граѓаните, или достапни за нив само преку партиски ангажман. Нормално е партиите (особено кога се на власт) да имаат интерес од исклучувањето на граѓаните. Нормално е да се обидат во што поголема мерка да си ги присвојат сите аспекти на владеењето, управувањето и планирањето во државата. Тоа е во нивната природа. Како што на скорпијата и’ е во природата да ја убие жабата која ја пренесува преку вода, така и партиите имаат тенденција да ги исклучат граѓаните од сите процеси на донесување одлуки, иако и самата држава која е жртвата на нивното владеење својот суверенитет го црпи од граѓаните и нивната волја да се откажат од дел од својот личен суверенитет за некое подобро добро кое може да им го овозможи државата. Како и да е, не смее ни да се посмисли дека граѓаните со тоа се откажале од правото да мислат со своја глава, да имаат став за состојбите во општеството во кое живеат, активно да учествуваат во носењето одлуки и... Ако нешто во државата очигледно не функционира или работи на нивна штета, граѓаните имаат право (и обврска) да се непослушни, да протестираат, а во моменти кога системски се газат нивните права и слободи, да се побунат.

Само во државата која љубиме да ја нарекуваме Македонија, може за година и пол да се:

- уцени правото на слободно гласање на брачен пар со овозможување на in vitro оплодување,
- присилуваат луѓе да соберат по 20 гласови за владејачката партија за да не ја изгубат работата,
- убие момче на партиска прослава среде плоштад Македонија,
- прикрива убиство извршено на плоштад од страна на полиција,
- држи судството за мадиња,
- држат медиумите за мадиња,
- уапси лидер на партија ден по изборите,
- затвори првата независна телевизиска куќа,
- кратат правата на невработените,
- крати помошта на социјалните случаи,
- задолжи без мерка државата и народот,
- покачуваат цените на енергенсите од ракав и без да се води сметка за законите и Уставот,
- лаже,
- краде,
- уценува,
- заплашува,
- пуштат две толпи да се тепаат на мегданот под калето,
- колат и претепуваат случајно избрани жртви за да се предизвика национална омраза,
- потрошат стотици милиони државни пари во еден километар квадратен,
- собира арач од дуќанџиите што е поголем од вредноста на сета стока што ја има во дуќанот,
- исмеваат и навредуваат јавно сите неистомисленици на власта,
- да се негира правото на протест на припадници на опозициони партии и членови на некои невладини организации,
- упатуваат закани до роднинии блиски на учесници во протести
- бркаат од јавен простор учесници на протест против поскапувања,
- тера политички затвореник да се извинува јавно,
- тужат и тераат да се извинуваат новинари и уредници,
- заплашуваат луѓе кои излегуваат на протести,
- тепаат активисти среде плоштад на марш за толеранција (!!!),
- задолжи државата и народот до гуша,
- исфрлат од Собранието на клоци сите пратеници на опозицијата,
- исфрлат од Собранието за уши сите новинари,
- донесат контра протестанти за да се тепаат со припадниците на опозицијата,
- тепа народ пред Собрание и потоа да им се поделат по 200 евра на тие полицајци што најмногу тепале (!!!!!!!)
- исмева, етикетира и навредува претставник на граѓанска иницијатива која собрала над 13.000 потписи од граѓаните на Македонија додека зборува во Собранието на Македонија...

Набројувањето може да продолжи уште долго. Со безбројни индивидуални случаи кога обичниот човек е шиканиран, поткупен, потценет, избркан, истепан... Со стотици случаи кога новинарот и новинарскиот текст е цензуриран и исто толку случаи кога новинарот се самоцензурира. Со десетици случаи кога докторите се претставени во јавноста како пациенти, а пациентите пред камера само уште што не рекле дека го поздравуваат соживотот со лебарките во болничките соби. И сето ова за само година и пол...

Многумина се прашуваат зошто по сè ова, нема протести на улица. Зошто улиците на Скопје не личат на улиците на Мадрид? Зошто Битола не е како Атина, или зошто Штип не заличи на Марибор или Љубљана? Зошто сите седат дома и молчат? Одговорот е содржан во долгата листа погоре. Затоа што убиството се прикрива, затоа што за посилен ќотек се дели награда од 200 евра, затоа што судијата ќе те тера да се извинуваш до седмо колено напред и назад, затоа што ќе те избркаат од работа... Освен тоа, огромен дел од народот е пресиромашен за да може да протестира. Не дека нема мотив, причини и желба да го стори тоа, туку затоа што тешката сиромаштија евтино се поткупува. Петстотини денари во готово, ќе купат леб и млеко за една недела, кинење на една неплатена сметка е Нова година, вреќа брашно и пакет зејтин – Божик дошол порано... На страна пустата надеж дека наскоро ќе го вработат синот, дека ќе средат работа за на кардиологија, дека ќе помогнат за in vitro…

Друга работа е што таканаречените медиуми во парчето земја опфатено со географското име Македонија, успеаја да создадат дискурс според кој ова што се случува со Републиката, Уставот, Слободата и Правдата, се сведува на борба меѓу две политички партии и уште позлобно – на едноставна и проста борба за власт, предизборна активност, маркетинг! Кои од наивност, кои инструирани од нивните спонзори и газди, а некои сигурно и затоа што така препишале од другите. Јас лично, таа приказна, дека е работа само и само на СДСМ да се справи со ВМРО и да дојде на власт, одбивам да ја прифатам за своја! Сосема е логично, природно, очекувано граѓаните да застанат во одбрана на Републиката, Уставот, Слободата и Правдата кога тие се загрозени или нивните вредности извитоперени. Ужасно е глупаво, погрешно и злонамерно секој ангажман на граѓаните сторен за да се изрази протест против она што ни се случува, да се изедначува со партиска активност. Не е работа само на СДСМ да се справува со политиките кои за производ имаат целосно негирање на демократијата и узурпација на сиот простор. Тоа што беа исфрлени пратениците на СДСМ и на нивната коалиција, не ги засега само членовите на таа партија, ги засега сите граѓани. Тој чин ја уништува сета смисла на демократското општество: кога од парламент се исфрлаат пратеници и новинари, што ни дава за право да мислиме дека на избори не се исфрлаат нашите гласови од кутиите? Која е институцијата која е останата недопрена и до која можеме да се обратиме за помош? Кој државен орган ќе нè заштити, кога друг дел од која било власт ни ги нарушува правата? Колку можеме да и’ веруваме на државата Република Македонија?

Мојата цел е постојано да се хуманизира општеството во кое живеам. На сите нивоа и во сите појавни облици. Тоа само по себе подразбира дека не смеам да ја премолчам која било појава која води кон обратното – дехуманизација или стагнација на општеството. Човековиот свет мора постојано да се унапредува и постојано да биде изложен на критика која ќе го овозможи тоа. Молчењето не е интровертност или пасивност, тоа е реакционерна активност. Затоа, ќе ја искористам секоја прилика да демонстрирам на улица, секој мегафон за да бидам слушнат и секоја хауба за да бидам виден. Мојата одговорност и мојата борба е овде и сега, во несовршени услови, со несовршена матрица, но совршено соодветни и совршено целисоходни.

ЌЕ ПОБЕДИМЕ!

Слики: Свирачиња