Воспитани за отпор

01.03.2013 07:43
Воспитувани за отпор

Улм 1939. Во глуво доба ноќе, еден младич се прикрадува до зградата на судот. Неколку дена пред тоа, неговиот најдобар пријател Отл Аихер одбива да пристапи на Хитлер-Југенд и поради тоа не му е дозволено да полага матура. Обидот на овој ноќен активист да биде солидарен и во знак на протест да истапи од Хитлер-Југенд е игнориран. Сега ќе им покаже на сите што мисли за тоа.

Следното утро, жителите на Улм имаат што да видат: на статуата на Јустиција очите се прекриени со лента со превез со кукаст крст. Сторителот не е откриен, но останата е сликата на Јустиција заслепена од свастиката. Младичот кој ја ризикувал својата слобода се презива Шол. Но тоа не е Ханс, кој заедно со својата сестра Софи ќе го заземе заслуженото место во историјата поради дејстувањето на Бела Роза, туку нивниот помал брат Вернер. Сите припаѓаат на истото непоколебливо семејство.

Кога денес се зборува за семејството Шол, пред сè се мисли на Ханс и Софи. Но, тие биле шест браќа и сестри: Инге, Ханс, Елизабет, Софи, Вернер и Тилде. Ги одгледале либерални родители. Таткото Роберт бил пацифист, а мајката Магдалена голем верник. Ги научиле да се залагаат за своите уверувања. Уште како виртембершки политичар Роберт одбил да учествува во Првата светска војна.

Во 1943 година, 24-годишниот Ханс и 21-годишната Софи покажале неверојатна храброст. По апсењето во Гестапо детално признале дека како членови на Бела роза составувале, печателе, умножувале и делеле летоци кои повикувале на активен отпор против Хитлер. Преземале одговорност и за дистрибуција на стотина примероци од летокот „Колеги! Колеги!“ на 18 февруари на универзитетот во Минхен, денот кога се уапсени. Ханс признава дека е автор на графитот „Долу Хитлер!“ на фасадата на универзитетот.

Братот и сестрата се обиделе да ја преземат целата одговорност врз себе тврдејќи дека сè направиле и организирале сами. Останатите осомничени ги окарактеризирале како „аполитични“. Со тоа не го спречиле апсењето на Кристоф Пробст, уште еден член на Бела роза. На крајот Софи замолила да не и’ биде изречена казна помала од онаа на брат и’. А Ханс рекол: „Бев свесен дека тоа што го направив може да ме чини живот“.

Судењето започнало на 22 февруари 1943 година во напната атмосфера. Салата била полна со луѓе во униформи. „Луѓето видно пребледоа кога влезе судијата“, сведочи подоцна судскиот референт Лео Самбергер. Станува збор за судијата Роланд Фрајслер, кој стигнал од Берлин за да им одржи лекција на сите. За себе често говорел дека е „политички војник“ на Хитлер. овој претседател на народниот суд бил познат по врескањето на обвинетите и уживањето во нивното понижување.

Судењето на членовите на Бела роза требало да биде уште еден во низата процеси за заплашување на масите. Бесното куче на нацистичката правда, Фрајслер, требало да ги „рапарчи“ Шолови. „Пред нас стоеја луѓе полни со идеали“, се присетува Самбергер, „нивните одговори на подмолните и понекогаш бесрамни прашања беа сталожени, јасни и храбри“.

Ставот на Ханс и Софи кон национал-социјализмот не бил отсекогаш таков. Децата на Шолови на почетокот биле одушевени од Хитлер-Југенд и Сојузот на германски девојки (BDM). Се расправале со родителите поради тоа. А потоа во 1936 17-годишниот Ханс се вратил од конвенција на нацистите во Нирнберг со скршени илузии. Го отрезнило величењето на беспоговорната послушност кон водачот. Шолови во Хитлер-Југенд и BDM почнале да прават сè поголеми проблеми и тоа ги чинело водечките позиции во тие организации.

Вернер и Ханс се придружиле на забранетиот Сојуз на млади. Кога поради тоа ги уапсиле во 1937, Роберт Шол згрмел: „Ако нешто им се случи, ќе отидам во Берлин и лично ќе го убијам“. Подоцна Инге Шол се сеќава на тоа: „Таква реченица не се заборава, бидејќи ви дава чувство дека стоите на карпа, дека имате некој на кого можете да се потпрете. Тоа е важно во такви времиња.“

Веројатно тоа сознание им дало храброст на Ханс и Софи „самите да интервернираат во движењето на текот на историјата“. Без знаење на родителите, со истомисленици во 1942 ја основале Бела роза. Не им опаднал духот дури ни кога на 22 февруари 1943 ги извеле пред судијата Роланд Фрајслер. „Сега сите вие мислите дека немаме храброст да го повториме сето она што го кажавме пред Гестапо“, изјавила Софи пред занемената публика.

Бранителот по службена должност го искористил своето обраќање пред судот за да објасни колку се срами од своите клиенти. А потоа настанал метеж во судницата. Еден средовечен човек се пробил напред. Тоа бил Роберт Шол, кој повторно застанал до своите деца, по четири месеци во затвор, бидејќи го нарекол Хитлер „божји камшик“. Очајнички молел да биде сослушан како сведок на одбраната. Фрајслер не го толерирал овој излив на емоции и наредил да го изнесат од судницата. Додека го изнесувале, Роберт му довикнал: „Постои и друга правда“.

Ладнокрвно, Фрајслер изрекол смртна пресуда за Ханс и за Софи, како и за Кристоф Пробст. Тоа не ги изненадило обвинетите. Ханс покажал кон судиите: „Денес нè бесите нас, а утре вие ќе бидете на нашето место“. Така последниот збор во овој процес сепак не го кажал Фрајслер, туку семејството Шол. По објавувањето на пресудата, на Вернер Шол, кој бил на отсуство од источниот фронт, му успеало да дојде до постарот брат. „Остани силен, без признавање“, му дофрлил Ханс, а потоа осудените се одведени во затворот Штаделхајм.

Кога Роберт и Магдалена Шол истиот тој ден, помеѓу 16 и 17 часот ги посетиле своите деца во Штаделхајм, не знаеле дека ги гледаат живи последен пат. Ханс ги убедувал дека не чувствува омраза и дека оставил сè зад себе. Таткото ги прегрнал и им ветил: „Ќе останете запаметени“. И Софи се држела храбро. На разделба, мајката ја потсетила Софи дека Исус е со неа. „Да, но и ти“, возвратила таа.

Храброста на тројцата млади луѓе не го оставила рамнодушна ниту затворскиот чувар. Ги собрал на последната заедничка цигара. Потоа дошол тој момент. Во 17 часот се гилотинирани. „За неколку мига ќе се сретнеме во вечноста“, рекол Пробст. Софи отишла прва, потоа Ханс кој извикнал „да живее слободата“, и на крајот Кристоф Пробст.

Крајот на војната го дочекале родителите и сестрите Инге и Елизабет. Тилде умрела уште како дете, Ханс и Софи се погубени, а Вернер исчезнал на источниот фронт во 1944. Утрото на 22 февруари 1943, пред да ги однесат на судење во околви, Ханс напишал на ѕидот на ќелијата: „Наспроти сè остани верен на себе“. Цитатот од Гете бил последниот поздрав на Ханс упатен кон родителите. Тоа било мото на семејството Шол.

Извор: Spiegel

ОкоБоли главаВицФото