Чии се моите сеќавања

01.03.2013 17:11
Чии се моите сеќавања

Во 1993 година, кога се приближував накај шеесетатта, почнав да доживувам необичен феномен: ме обземаа спонтани, нежни сеќавања на раното детство, кои лежеа недопрени повеќе од педесет години. Не само сеќавањата, туку и состојбите на умот, мислите, атмосферите и страстите поврзани со нив, особено сеќавањата на детството во Лондон пред Втората светска војна. Поттикнат од нив, напишав два кратки мемоарски текста за нешта кои во детството ми беа многу поважни од училиштето; еден за големиот природонаучен музеј во јужен Кенсингтон, а другиот за Хамфри Дејви, хемичар од почетокот на деветнаесеттиот век, кој во тие дамнешни денови ми беше пример и чии живописно доловени експерименти ме возбудуваа и инспирираа. Мислам дека овие текстови покренаа силен автобиографски импулс и кон крајот на 1997 година се впуштив во тригодишен проект за пишување мемоарска книга од времето на моите ученички денови, која ја објавив во 2001 година под наслов “Uncle Tungsten”.

Очекував одредена несигурност на сеќавањата, делумно зашто настаните за кои пишував се одиграле пред повеќе од педесет години и зашто поголемиот дел од луѓето со кои можев да ги споредам спомените сега веќе не се меѓу живите; делумно и затоа што пишувајќи за првите петнаесет години од својот живот не можев да ги консултирам писмата и дневниците кои упорно ги чував и водев од својата осумнаесетта година.

Се помирив со тоа дека најверојатно сум заборавил или загубил многу, но претпоставував дека сеќавањата кои сè уште ги имам, особено оние живописните, конкретните и деталните, во суштина се добри и точни. Се шокирав кога открив дека некои од нив не се.

Интересен пример за тоа, првиот што го забележав, се однесува на два инциденти од времето на бомбардирањето на Лондон во зимата 1940-1941 година. Тоа го опишав во книгата “Uncle Tungsten”:

„Една ноќ, бомба од 450 килограми падна во градината до нас, но за среќа не експлодираше. Сите ние, целата улица како што ми се чинеше, се искрадовме (моето семејство отиде во станот кај роднините) во пижами, одејќи колку што е можно потивко (можеби вибрациите можат да ја детонираат бомбата?). Надвор беше мрачно, зашто ја почитувавме наредбата за гаснењето на светлото и сите носевме батериски ламби пригушени со црвена хартија. Не знаевме дали следното утро куќите сè уште ќе ни бидат тука.

Една друга случка, запаллива бомба падна зад нашата куќа и гореше со ужасен бел пламен. Татко ми имаше рачна пумпа, а браќата ми додаваа канти со вода. Но, ми се чинеше дека водата не помага во гаснењето на овој пеколен оган, всушност водата само дополнително го разгоруваше огнот. Се слушна злокобно пиштење и прскање кога водата го заплиснуваше усвитениот метал, а за тоа време бомбата ја топеше својата чаура и исфрлаше зрна и парчиња истопен метал во сите правци.“

Неколку месеци откако книгата беше објавена, разговарав за овие инциденти со мојот брат Мајкл. Мајкл е постар од мене пет години и беше со мене во Брејфилд, училишен интернат во кој бевме евакуирани при почетокот на војната (и каде ќе поминам четири ужасни години, злоупотребуван од училишните другари и садистичкиот директор). Мојот брат веднаш го потврди првиот инцидент, кажувајќи: „Се сеќавам токму така како што го опиша.“ Но, за другиот рече: „Ти тоа не го виде воопшто. Не беше таму.“

Неговите зборови ме шокираа. Како можеше да го доведува моето сеќавање под знак прашалник, за чија веродостојност би можел да се заколнам на суд и во кое никогаш не се сомневав? „Како можеш тоа да го помислиш?“ се спротивставив. „Еве, како сега да ја гледам бомбата, татко ми со пумпата и Маркус и Дејвид како ги носат кантите. Како би можел сето тоа да го видам толку јасно доколку не бев таму?“

„Не си го видел тоа, воопшто“, рече Мајкл, “Во тоа време двајцата бевме во Брејфилд. Но, Дејвид (постариот брат) ни пишуваше за тоа. Многу впечатливо, драматично писмо. Беше занесен од тоа писмо.“ Очигледно дека не сум бил само занесен, туку веројатно сум конструирал сцена во главата од зборовите на Дејвид, а потоа сум ја усвоил, претворајќи ја во сопствен спомен.

Кога Мајкл ми го раскажа тоа, се обидов да ги споредам двете сеќавања, првото, чиј директен искуствен печат не беше спорен, со ова другото, конструираното. Во првиот инцидент се чувствував како да сум во телото на детето, кое се тресе во тенка пижама, беше декември, а јас бев престрашен и зашто бев многу понизок од возрасните луѓе околу мене, морав да се поткревам за да им ги видам лицата.

Другата глетка, онаа со запалливата бомба, беше подеднакво јасна, многу живописна, детална и конкретна. Се обидував да се убедам себеси дека се разликува од првото, дека носи траги на апропријација на туѓо искуство и претворања на вербален опис во слика. Но, иако сега знам, интелектуално, дека ова сеќавање е „лажно“ и понатаму ми се чини исто толку реално, многу лично, како и претходното. Се запрашав дали тоа станало подеднакво реално, подеднакво лично и подеднакво длабоко всадено во мојата психа (претпоставувам во нервниот систем) како и вистинското примарно сеќавање? Дали би можела да се воочи разликата по пат на психоанализа или функционално сликање на мозокот?

Моето „лажно“ сеќавање беше налик на она вистинското и лесно можеше да биде мое лично искуство. И јас можев да се најдам на тоа место многу лесно, можеби описот од писмото на мојот брат не би ме допрел толку доколку не е така. Сите ние ги „преместуваме“ доживувањата во некоја мерка и понекогаш не сме сигурни дали некој настан ни е прераскажан или за него сме читале или дури сме го сонувале или пак навистина ни се случил.

Тоа особено важи за настаните од најраното детство, за таканаречените „најрани сеќавања“. Многу јасно се сеќавам дека кога имав две години го повлеков нашето куче Питер за опашката додека гризеше коска под масата. Питер скокна и ме гризна на лицето, па додека врескав, ме однесоа во ординацијата на татко ми, каде ме зашија со неколку конци.

Во ова има објективна реалност: Питер навистина ме гризна кога имав две години и ден денешен ја носам таа лузна. Но, дали го паметам тоа навистина или ми зборувале, па подоцна сум „конструирал“ сеќавање, кое во мојот мозок го зацврстиле подоцнежните прераскажувања? Таа глетка ми се чини исклучително реална и стравот кој го поврзувам со тоа е секако реален, затоа што по таа случка почнав да се плашам од големи животни и од тоа дека одненадеж ќе ме нападнат и гризнат, а Питер беше голем колку мене кога имав две години.

Даниел Шахтер детално пишуваше за искривувањето на сеќавањата и „изворната конфузија“ која го следи, а во книгата “Searching for Memory” ја изнесува познатата приказна за Роналд Реган:

„За време на претседателската кампања во 1980 година, Роналд Реган ја повторуваше потресната приказна за некој пилот од Втората светска војна, кој им наредил на членовите на посадата да се спасуваат, кога авионот бил погоден од непријателски оган. Неговиот млад митролезец бил толку сериозно ранет што не можел да се евакуира од авионот. Реган едвај се воздржуваше да не заплаче додека го повторуваше јуначкиот одговор на пилотот: „Нема врска. Ќе го спуштиме заедно.“ Новинарите наскоро сфатија дека оваа приказна е речиси идентична копија на сцената од филмот “A wing and a prayer” од 1944 година. Судејќи според сè, Реган ги запаметил податоците, но го заборавил нивниот извор.“

Во тоа време Реган имаше 69 години и ќе стане претседател во наредните осум години, а заболе од очигледна деменција дури во деведесеттите. Но, целиот живот се занимаваше со глума и приказни и покажуваше наклонетост за романтични фантазии и театралност од раната младост. Тој не ги глумеше емоциите кога ја прераскажуваше оваа приказна, неговата приказна, неговата стварност како што тој мислеше и дури и да го испитуваа на полиграф (функционалното сликање на мозокот тогаш не постоеше), тој не би ги покажал реакциите кои ја следат свесно изречената невистина.

Зачудувачки е да се сфати дека некои од нашите најдраги спомени можеби никогаш не се случиле или дека му се случиле на некој друг. Претпоставувам дека многу од моите интереси и импулси, кои ми се чинат потполно лични, се јавиле од туѓи сугестии, кои силно влијаеле врз мене, свесно или несвесно, па потоа сум ги заборавил. Исто така, иако често одржувам предавања на слични теми, никогаш не можам да се сетам што точно сум кажал претходниот пат, ниту можам да се натерам да ги следам претходните белешки. Губејќи го свесното сеќавање за тоа што сум го зборувал претходно и немајќи текст, секогаш одново ги откривам своите теми, кои ми се чинат како потполно нови. Овој вид на заборавање можеби е неопходен за креативната или здравата криптомнезија, која овозможува старите мисли одново да бидат споени, испишани, класифицирани и збогатени со нови и свежи сфаќања.

Понекогаш заборавањето се претвора во самоплагирање, кога повторувам цели фрази или реченици како да се нови, а за тоа понекогаш придонесува и обичната заборавеност. Прелистувајќи стари тетратки, пронаоѓам дека многу идеи кои се скицирани во нив, со години биле заборавани, а потоа оживеани и преработени како нови. Претпоставувам дека таквото заборавање му се случува секому, а можеби особено зачестило кај оние што пишуваат или сликаат или компонираат, затоа што креативноста можеби бара такво заборавање, за да можат сеќавањата и идеите одново да се родат и да се согледаат во нов контекст и перспектива.

Речникот на Вебстер го дефинира „плагијаторството“ како „крадење и подметнување на туѓи идеи или зборови како свои: користење на туѓиот труд без наведување на изворот, значи дека се прави книжевен грабеж; од постојниот извор, оригиналната идеја или производ да се претстават како нови.“ Оваа дефиниција во голема мерка се преклопува со дефиницијата за „криптомнезијата“. Основната разлика е во тоа што плагијаторството е, како што се толкува вообичаено, свесно и намерно, додека криптомнезијата не е ниту едното ниту другото. Можеби терминот „криптомнезија“ би требало да биде попознат, затоа што, иако може да се зборува за „несвесно плагијаторство“, зборот „плагијат“ е толку морално обоен, тој сугерира прекршок и измама, што иако му припаѓа на „несвесното“, истиот ја задржува пежоративната конотација.

Во 1970 година Џорџ Харисон ја компонираше исклучително успешната песна “My sweet lord”, се покажа дека таа беше многу слична на песната од Роналд Мек “He’s so fine”, снимена осум години порано. Кога работата се заврши на суд, судијата го прогласи Харисон виновен за „плагијат“, но тој покажа психолошка проникливост и разбирање во образложението на пресудата. Ова е неговиот заклучок:

„Дали Харисон намерно ја искористил музиката од песната “He’s so fine”? Не верувам дека го направил тоа намерно. Меѓутоа, според законот, ова е кршење на авторските права и тоа не е помалку сериозно иако е направено несвесно.“

Хелен Келер била обвинета за „плагијат“ кога имала само дванаесет години. Иако таа била глува и слепа уште од мали нозе и, се разбира, таа не знаела да зборува, пред да ја запознае Ени Саливан на шест години, таа станала плодна авторка откако ја совладала дактилологијата и Брајовата азбука. Како девојче, меѓу другото, ја напишала и приказната “The frost king”, која ја подарила на својата пријателка како роденденски подарок. Кога приказната стигнала во едно списание, читателите набрзо сфатиле дека таа многу потсетува на приказната за деца со наслов “The Frost Fairies” на авторката Маргарет Кенби. Сега воодушевувањето кон Хелен Келер се претворило во прекорување и Хелен е обвинета за плагијат и свесна измама, иако таа рекла дека не се сеќава дали некогаш ја прочитала приказната на Маргарет Кенби и дека приказната ја смислила самата. Малата Хелен ја подложиле на немилосрдно испитување, кое на неа ќе остави белег до крајот на животот.

Но, Хелен Келер имала и свои бранители, меѓу кои и Маргарет Кенби, која била воодушевена со тоа што Хелен можела да ја запамети и реконструира приказната, која три години претходно дактилолошки ѝ ја напишале на рака, толку детално. „Колку боженствено активен и силен ум има тоа дете!“, напишала Кенби. И Александар Грем Бел застанал во нејзина одбрана велејќи: „Нашите најоригинални состави се сочинети исклучиво од изрази преработени од некој друг.“

Всушност, Келер не можела да ги развие својот ум и имагинација до таа мерка без присвојување на туѓите јазици. Можеби во некоја општа смисла сите ние зависиме од туѓите мисли и слики.

Келер и самата рекла дека таквите апропријации најчесто можат да се јават кога книгите ѝ се впишуваат на рака и кога зборовите ги прима пасивно. Понекогаш, кога тоа се случува, таа не може да идентификува или да се сети на изворот, а понекогаш дури ни на тоа дали мислите се нејзини или се дојдени однадвор. До таква забуна ретко доаѓало кога таа активно читала, користејќи ја Брајовата азбука и поминувајќи со прстот преку листовите.

Прашањето за плагијатот, парафразата, криптомнезијата или позајмувањето на Колриџ ги интригира научниците и биографите речиси два века и особено е интересно имајќи ја предвид неговата неверојатна способност на паметењето, неговата имагинациска генијалност и неговото комплицирано и понекогаш тегобно чувство за идентитет со повеќе облици. Тоа најубаво го опишал Ричард Холмс во својата двотомна биографија за Колриџ.

Колриџ бил незаситен, сестран читател кој изгледа дека паметел сè што ќе прочитал. Сочувани се сведочењата за него од студентските денови кога го прелистувал Times, а потоа можел да го изрецитира целото издание, вклучувајќи ги и рекламите, од збор до збор. За младиот Колриџ, Холмс пишува:

„Тоа е дел од неговиот дар, огромен читачки капацитет, исклучително паметење, говорен талент за повикување и организирање на туѓите идеи и природен инстинкт на предавач и проповедник за собирање материјали насекаде.“

Книжевното позајмување било вообичаено во седумнаесеттиот век, Шекспир слободно позајмувал од многумина свои современици, како и Милтон. Пријателските позајмици сè уште биле чести во осумнаесеттиот век и Колриџ, Вордсворт и Саути позајмувале еден од друг, а понекогаш, како што тврди Холмс, објавувале со името на другиот.

Но, тоа што било вообичаено, природно и шеговито во младоста на Колриџ, постепено добивало непријатен облик, особено во однос на германските филозофи (пред сè Фридрих Шелинг), кои тој ги „откривал“, обожувал, преведувал и на крајот ги користел на сосема необичен начин. Цели страници од Biographia Literaria на Колриџ се состојат од нецитирани, целосно преземени пасуси од Шелинг. Иако овие срамни и штетни постапки веднаш се карактеризирани како „книжевна клептоманија“, тоа што се случувало навистина било многу покомплексно и помистериозно, како што објаснува Холмс во вториот том од својата биографија. Тој ги пронаоѓа најфлагрантните плагијати на Колриџ во најтрагичниот период од неговиот живот, кога го напуштил Вродсворт, кога го мачела длабока анксиозност и интелектуална несигурност и најтешка опиумска зависност. Во тоа време, пишува Холмс, „неговите германски автори му пружале поддршка и утеха, според метафората која и самиот тој често ја користел, се држел за нив како пијан за стап.“

Пред тоа, како што опишува Холмс, Колриџ развил уште една чудна склоност за германскиот писател Жан Пол Рихтер, склоност која го навела да ги преведе и препише списите на Рихтер и потоа да ги елаборира на свој начин, па во своите белешки да разговара и комуницира со Рихтер. На некои места, нивните гласови стануваат толку испреплетени што е невозможно да се разликуваат.

Во 1996 година прочитав приказ од новата драма на Брајан Фрил, „Moli Svini“. Се работи за масажерка, слепа од раѓање, која како средовечна жена е оперирана, а потоа прогледала. Но потоа сфатила дека оваа неочекувана способност е длабоко збунувачка. Моли не може да ги препознае ниту луѓето ниту работите, не го разбира тоа што го гледа и на крајот со олеснување го враќа своето првобитно слепило. Ова сиже ме вчудоневиди, зашто само три години пред тоа во New Yorker објавив историја со болести на пациенти со многу слична приказна (“to see and not see”). Кога го набавив примерокот од новата драма на Фрил, не ме изненади тоа што концептот и стилот беа брилијантни, но ме изненади, повеќе заради тематската сличност, тоа што пронајдов цели фрази и реченици од мојот текст.

Му пишав на Фрил и тој ми одговори дека навистина го прочитал мојот текст и дека тој длабоко го потресол (делумно зашто мислел дека и тој го губи видот). Читал и многу други истории на болести за слични случаи. Фрил заклучи дека веројатно ненамерно употребил реченици од мојот текст и се согласи во драмата да ги наведе како еден од изворите.

Фројд бил фасциниран од секојдневните недостатоци и грешки во сеќавањето и нивната врска со емоциите, особено оние несвесните, но морал да прифати и многу посериозни изобличувања на сеќавањата кај некои од своите пациенти, особено кога му прераскажувале дека во детството биле сексуално заведени и злоупотребени. На почетокот, овие доживувања ги сфаќал буквално, но подоцна, кога кај неколку случаи се покажало дека за нив нема многу докази и дека не се многу веројатни, почнал да се прашува дали таквите сеќавања се искривени од фантазијата и дали некои од нив можеби се целосни измислици, конструирани несвесно, но толку убедливи што и пациентите поверувале во нив. Приказните кои ги раскажувале пациентите и нему и себеси, можеле во голема мерка да го одредат текот на нивните животи и на Фројд му се чинело дека нивната психолошка реалност е веројатно иста, без разлика дали потекнуваат од доживеаното искуство или од фантазијата.

Во наше време описите и обвинувањата за злоупотребувањата во детството достигнаа речиси епидемиски размери. Многу се зборуваше за таканаречените оживеани сеќавања, сеќавања на искуства кои се толку трауматични што одбранбениот механизам ги потиснал, па потоа, со помош на психотерапија тие се обновени. Во посебно мрачни и фантастични облици спаѓаат описите на разни сатанистички обреди, често пратени со присилен сексуален однос. Таквите обвинувања уништија многу животи и семејства. Но се покажа, барем во некои случаи, дека таквите описи можат да бидат инсинуирани или всадени од страна на другиот. Особено е успешна вообичаената комбинација на поводлив сведок (најчесто дете) и авторитарна личност (можеби психотерапевт, наставник, социјален работник или полициски службеник).

Од инквизицијата и салемските вештерки, до советските судења од триесеттите и Абу Граиб, разните видови „екстремно иследување“ или физичките и ментални тортури, користени се за извлекување на политички и верски „признанија“. И додека таквите иследувања првенствено можат да се вршат со цел добивање информации, скриената намера може да биде и перење на мозок, предизвикување на промени во мислењето или полнење на главата со всадени, самообвинувачки сеќавања, а тоа може да се изведе исклучително успешно.

Но, присилната сугестија не е секогаш неопходна за искривување на сеќавањата. Познато е дека сведочењата на очевидците можат да бидат погрешни и подложни на сугестија, а тоа често има сериозни последици за погрешно осомничените. Со отривањето на ДНК анализата, сега е возможно во многу случаи објективно да се потврди или побие таквото сведочење и Шахтер истакнува дека „неодамна спроведената анализа на четириесет случаи во кои ДНК доказите утврдиле невиност на погрешно осудените, открила дека во триесет и шест случаи (90 проценти), погрешната идентификација на очевидците влијаела на осудувачката пресуда.“

Ако во последните триесет години имавме бран на синдромот на неверодостојно сеќавање и идентитет, во истиот период дојде до значајни форензички откритија, како и теоретски и експериментални, кои се однесуваат на неверодостојноста на сеќавањата. Елизабет Лофтус, психолог и истражувач на паметењето, документираше загрижувачки успешно всадување на лажно сеќавање по пат на едноставно сугерирање на фиктивно доживување на испитаникот. Такви псевдо-настани, кои ги измислија психолозите, се движат од благо вознемирувачки или комични инциденти (на пример, дека испитаникот во детството се загубил во трговски центар) до сериозни инциденти (дека го нападнало животно или дека сериозно го нападнало некое друго дете). По првобитниот сомнеж („Никогаш не сум се загубил во трговски центар“), па потоа несигурноста, испитаникот може толку длабоко да поверува дека ќе продолжи да инсистира на вистинитоста на всаденото сеќавање дури и откако испитувачот ќе признае дека настанот воопшто не се одиграл.

Без разлика дали се работи за замислено или вистинито злоупотребување во детството, вистински или експериментално вградени сеќавања, измамени сведоци или скршени затвореници, за несвесниот „плагијат“ и лажните сеќавања кои веројатно сите ги имаме заради мешањето на изворите, во сите тие случаи е јасно дека во отсуство на потврда од страна, не постои едноставен начин да направиме разлика помеѓу вистинското сеќавање или инспирацијата и позајменото или сугерираното помеѓу, како што ги нарекува психоаналитичарот Доналд Спенс, „историските вистини“ и „наративните вистини“.

Дури и кога ќе се открие скриениот механизам за лажното сеќавање, како што успеав да направам со помош на мојот брат во случајот со инцидентот со запаливата бомба (или како што правеше Лофтус кога на своите испитаници им откриваше дека тие сеќавања се всадени), тоа не значи дека ќе исчезне чувството за проживеаното искуство кое ги следи. Ниту, кога сме веќе кај тоа, очигледното несовпаѓање или апсурдност на некои сеќавања ќе го разниша нашето убедување или верување. Луѓето кои тврдат дека ги киднапирале вонземјани не лажат кога зборуваат дека се одведени на вселенски брод, ниту се свесни дека тоа го измислиле, некои искрено веруваат дека тоа навистина се случило.

Кога еднаш ќе се конструира таква приказна или сеќавање, кои се придружени со живописни слики и силни емоции, сосема е можно да не постои внатрешен, психолошки начин, вистинитото да се одвои од невистинитото, а нема ниту надворешен, ниту невролошки начин. Взаемните психолошки врски од таквото сеќавање можат да се испитаат со фунцкионално сликање на мозокот и тие слики откриваат дека силните сеќавања произведуваат силна активност на мозокот во сетилните зони, емоционалните (лимбички) зони и извршните зони, а тоа е практично идентичен образец, без разлика дали „сеќавањето“ е засновано на вистинско доживување или не.

Изгледа дека не постои механизам во мозокот што ја открива вистинитоста на нашите сеќавања. Немаме непосреден пристап до историската вистина и тоа што го чувствуваме или тврдиме дека е вистина (како што Хелен Келер имала можност да утврди) зависи подеднакво од нашата имагинација и нашите сетила. Не постои начин реалните настани да се пренесат или забележат директно во нашиот мозок, тие се доживеани или конструирани на многу субјективен начин, кој пред сè се разликува од личност до личност, а притоа различно се реинтерпретира или повторно се доживува кога и да се повика во сеќавањето. (Невронаучникот Џералд Еделман често зборува за набљудувањето како „создавање“ и за сеќавањето како „повторно создавање“ или „повторна категоризација“.) Често, наративната вистина е нашата единствена вистина, приказните кои си ги раскажуваме едни на други, приказните кои одново и повторно ги категоризираме и преработуваме. Таквата субјективност е вградена во природата на паметењето и произлегува од механизмот во човечкиот мозок. Вистинско чудо е тоа што сериозните аберации се релативно ретки и тоа што нашето сеќавање е релативно солидно и веродостојно.

Како човечки битија ние сме надарени со мозочен систем кој е полн со недостатоци, слаб и несовршен, но во исто време многу флексибилен и креативен. Несигурноста или индиферентноста, кога станува збор за изворот, можеби е парадоксална предност; кога би можеле да ги обележиме изворите на нашето целокупно знаење, често би биле преплавени со ирелевантни податоци.

Индиферентноста кон изворите ни овозможува да го усвоиме тоа што го читаме, тоа што ни се кажува; тоа што го зборуваат, мислат, пишуваат и сликаат другите е подеднакво интензивно и богато како да станува збор за примарно искуство. Тоа ни овозможува да гледаме и слушаме со туѓите очи или уши, да влеземе во нечија глава, да ја апсорбираме уметноста, науката, религијата и целата култура, да придонесеме за заедничкиот ум, општото поле на знаењето. Ваквиот вид делење и учествување, ваквата заедница не би била можна доколку нашето целокупно знаење, нашето сеќавање, обележано и идентификувано - е сфатено како приватно и исклучително наше. Сеќавањето е дијалошко и не потекнува само од непосредното искуство, туку од интеракцијата на многу умови.

Извор: http://www.nybooks.com

Слични содржини

Психологија / Теорија
Наука / Живот / Теорија
Наука / Живот / Теорија
Психологија / Наука / Теорија
Општество / Психологија / Живот / Теорија
Психологија / Теорија / Историја
Психологија / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото