Месечен извештај за човековите права во РМ

02.03.2013 10:21
Месечен извештај за човековите права во РМ

ЈАВНИ НАСТАНИ И ПОВРЕДИ НА ДЕМОКРАТСКИТЕ ПРИНЦИПИ

ПОГРЕШНО УТВРДУВАЊЕ НА СОПСТВЕНАТА НАДЛЕЖНОСТ ОД СТРАНА НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ

На 24.01.2013 година група активисти за човекови права, преку отворено писмо, упати критики до Народниот правобранител поради непокренување постапка за заштита на уставните и законските права на граѓаните прекршени при насилното отстранување на пратениците од опозицијата за време на четириесет и деветтата седница на Собранието на РМ, одржана на 24.12.2012 година. Токму за време на оваа седница, господинот Иџет Мемети беше повторно предложен и реизбран да ја извршува функцијата Народен правобранител во следните 8 години. Дополнително, по поднесена претставка од страна на Здружението на новинари (ЗНМ), Народниот правобранител утврди дека нема надлежност да постапува за инцидентот во кој новинари беа насилното отстранети од галеријата на Собранието. Причините за непостапувањето, според Народниот правобранител, се членот 77 од Уставот на РМ и членот 2 од Законот за народен правобранител, а во врска со членот 43 од Законот за Собранието на РМ. Преку овие одредби е утврдено дека Народниот правобранител ги штити уставните и законските права на граѓаните кога тие им се повредени од органите на државната управа и од други органи и организации кои имаат јавни овластувања.

Хелсиншкиот комитет смета дека и покрај ограничувањата на надлежноста на Народниот правобранител во врска со работата на Собранието на РМ, за време на споменатата седница на Собранието во собраниската зграда дејствуваа овластени службени лица од Министерството за внатрешни работи кое е еден од органите на државната управа во РМ. Според тоа, причините поради кои Народниот правобранител ја утврдил својата ненадлежност не можат да се окарактеризираат ниту како легитимни ниту како уставни или законски. Ова особено кога се има предвид личното присуство на Народниот правобранител во Собранието за време на насилното отстранување на пратеници и новинари. Исто така неприфатливо е и толкувањето, од страна на Народниот правобранител, на член 43 од Законот за Собранието на РМ. Според оваа одредба овластените службени лица на органите на државната управа не можат без одобрение од претседателот на Собранието да имаат пристап во просториите во кои работи Собранието, ниту да преземаат мерки спрема пратениците и спрема други граѓани. Народниот правобранител има надлежност најпрвин да утврди дали претседателот на Собранието одобрил присуство на службени лица од МВР. Независно од утврдувањето на овој факт, Народниот правобранител не ја губи својата надлежност да ги штити правата на граѓаните кога тие се повредени од страна на претставници на државната управа (во случајов МВР), особено кога тие дејствуваат како директни извршители, без разлика на субјектот кој се јавува како наредбодавател.

Поради сите наведени причини, Хелсиншкиот комитет констатира дека Народниот правобранител, и покрај тоа што имал надлежност и можел да поведе постапка по сопствена иницијатива, не ги заштитил уставните и законските права на граѓаните повредени со дејствијата на органите на државната управа. Поради ваквото непостапување се доведува во прашање независноста и самостојноста во вршењето на функцијата Народен правобранител. Во крајна линија, непреземањето на законските мерки кои произлегуваат од надлежностите на Народниот правобранител, претставува и една од основите за негово разрешување. Имено во членот 9, став 1, точка 5 од Законот за Народниот правобранител утврдено е дека Народниот правобранител се разрешува заради нестручно, пристрасно и несовесно вршење на функцијата Народен правобранител.

ГРАЃАНСКА ИНИЦИЈАТИВА „АМАН“

Хелсиншкиот комитет го проследи процесот на собирање и предавање на 13.169 потписи на граѓани во Собранието на Република Македонија како резултат на првата успешно спроведена граѓанска иницијатива од страна на неформално здружение на граѓани. Исто така, Комитетот, следејќи го процесот на практикување на правото на граѓаните да учествуваат во носењето на одлуки од јавен интерес, со особено интересирање ја проследи работата на институциите и нивниот однос кон граѓанските иницијативи.

Комитетот ја поздравува работата на Државната изборна комисија како овластен орган за спроведување на граѓански иницијативи. Комисијата во голем дел од процесот беше во комуникација со овластениот потписник на иницијативата со што се надминаа неколку проблеми кои во голем дел беа резултат на недостаток од практика во спроведување на граѓански иницијативи. Воедно, најголемиот товар од спроведување на иницијативата е на овластениот предлагач односно граѓаните. Државната изборна комисија нема предвидено буџет за граѓански иницијативи, односно е вклучена само во мал дел технички надлежности додека печатењето, доставата и подигнувањето на обрасците низ целата територија на Република Македонија е оставена на граѓаните.

По собирањето на обрасците, граѓаните ги предадоа во надлежната институција - Собранието на Република Македонија. Комитетот забележа генерален недостаток на развиена свест за парламентарна демократија кај дел од пратениците преку навредите кои ги упатија кон преставниците на граѓанската иницијатива АМАН. Имено, иницијативата ги помина собраниските процедури согласно Деловникот на Собранието и беше разгледувана на две собраниски комисии и тоа:

- Комисија за економски прашања, како матично тело во кое се разгледуваат прашања за енергетика
- Законодавно-правна комисија, во која се утврдува дали бараните измени се во согласност со Уставот и законите на РМ

Комитетот го поздравува односот на претставниците на пратеничките партии ДПА и НДП кои се обидоа да дадат поддршка на граѓанската иницијатива особено што изразија сомнеж за работата на спорните институции под чија надлежност е енергетскиот сектор и што побараа јавна расправа за произнесените ставови на граѓаните наспроти Регулаторната комисија за енергетика, Агенцијата за енергетика и Министерството за економија. Во однос на забелешките кон работата на комисиите, Комитетот изразува незадоволство од односот на пратениците од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за искажаните навреди кон преставниците на АМАН, особено кон овластениот предлагач на измените на Законот за енергетика. Во Законодавно–правната комисија не се дискутираше дали бараните измени се во согласност со Уставот и законите на РМ. По расправите во двете комисии предлогот беше ставен на дневен ред на пленарна седница каде што овластениот предлагач Зорица Димовска беше непријатно пречекана од неколку пратеници кои и се обратија со зборовите „комуњарко оди си“, „на која партија и припаѓаш“, „кој те подучуваше“ итн.

И покрај овие околности, Хелсиншкиот комитет ја смета оваа иницијатива за успешно спроведена воедно и како прв значаен обид за учество на граѓаните во носењето на одлуки од јавен интерес преку формите на директна демократија.


ГОВОР НА ОМРАЗА ВО ПЕЧАТЕНИТЕ МЕДИУМИ

На ден 01.02.2013 година, на насловната страна на дневниот весник „Вечер” осамна наслов „Има ли хомосексуалци меѓу новинарите”, кој во продолжение беше проследен со текст, кој повикуваше на скриен линч преку јавно етикетирање, со цел да се омаловажат поединци поради бесмисленото истакнување на нечија сексуална ориентација. Поради горенаведеното, Хелсиншкиот комитет за човекови права реагираше на ваквиот наслов и испрати соопштение до средствата за јавно информирање, во кое меѓу другото, најостро го осуди изданието на весникот „Вечер” од 01.02.2013 година.

Како дел од својата реакција во соопштението испратено до средствата за јавно информирање, Комитетот потсети на разликата меѓу вест и коментар и за разликата меѓу слободата на изразување и говорот на омраза. Воедно, потсети за значењето на повикот на линч кој е свиен во повик кон граѓаните да пријавуваат поединци, новинари за кои се сомневаат дека се лица со хомосексуална ориентација. Заштитата на правото на слободата на изразување не подразбира заштита на говорот на омраза, ниту пак заштита на изразувањата кои поттикнуваат на омраза и насилство.

Во продолжение, комитетот истакна дека залагањето на одредени новинари за одговорно новинарство и независно информирање на јавноста, каде што говорот на омраза мора да биде изоставен, беше нападнато како кампања за геј парада што е надвор од сите параметри на вистината. Вистината која е заборавена преку манипулативната игра на овој дневен весник е оттргнување на вниманието на јавноста од вистинскиот проблем на падот на слободата на новинарството, преку насочување на омразата кон одредени новинари претставени како хомосексуалци. Хомосексуалноста се претставува како деградирачка особина со цел да се деградираат индивидуи без никакви факти и притоа се повредува нивното право на приватност, што е тотално апсурдно за еден модерен весник кој опстојува во демократска држава која промовира вредности на еднаквост и диверзитет за народот и држава која е член на Советот на Европа.

На крај, во своето соопштение, Комитетот ги повикa Владата и Собранието на Република Македонија конечно да ја препознаат потребата од вклучување на сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за говор на омраза и злосторства во Кривичниот законик на Република Македонија што би претставувало почеток на остварувањето на принципот на почитување на различностите, кој треба да претставува еден од основните принципи на една демократска држава. Преку ова соопштение комитетот апелираше и до граѓаните на Република Македонија да не учествуваат во активности кои ќе дадат легитимитет на омразата која се обидуваат да ја поттикнат определени медиуми, поради тоа што секој кој ќе придонесе кон повикот станува директен соучесник во овие дела.

 

ДИСКРИМИНАЦИЈА

СЛУЧАИ НА ДИСКРИМИНАЦИЈА

Во текот на месец јануари 2013 година, Хелсиншкиот комитет во соработка со Мрежата против дискриминација составена од неколку домашни здруженија на граѓани, до Комисијата за заштита од дискриминација поднесе три претставки за утврдување на постоење на дискриминација:

Случај 1 – Бошњаци

Директна дискриминација сторена врз бошњачкиот народ по основ на етничка припадност поради изоставување на бошњачкиот народ како народ кој живее во Република Македонија во учебникот „Запознавање на околината“ за 3-то одделение во основното образование. Имено, во лекцијата за народите кои живеат во Република Македонија е прикажано дека во нашиот крај живеат Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи и Срби и се опишани нивните културни особености и традиции, додека бошњачкиот народ е изоставен. Претставката беше поднесена против Министерство за образование и наука на Република Македонија и авторките на учебникот, а по претходно поднесено барање за бесплатна правна помош.

Случај 2 – Притворени лица од машки пол

Директна дискриминација по основ на пол сторена врз сите лица од машки пол против кои е определена мерката притвор и кои се наоѓаат или ќе се најдат во притворските одделенија на затворите во Република Македонија од страна на Министерството за правда. Имено, во Правилникот за куќниот ред за извршување на мерката притвор во притворските одделенија на затворите е предвидено дека капењето на притворени лица од машки пол се врши најмалку еднаш неделно, додека за притворени лица од женски пол капењето се врши најмалку два пати неделно, што според Комитетот претставува нерамноправност на мажите наспроти жените притвореници која се огледа во неможноста мажите да го уживаат правото на одржување на личната хигиена во мера и на начин како што тоа е овозможено за жените притвореници.

Случај 3 – проф. д-р Фросина Ременски

Директна дискриминација сторена врз проф. д-р Фросина Ременски по основ на политичка припадност, од страна на Министерство за образование и наука на Република Македонија – Државен просветен инспекторат и државниот просветен инспектор во Одделението за инспекциски надзор во високото образование. Имено, по спроведен вонреден инспекциски надзор на Факултетот за безбедност - Скопје, од страна на државниот просветен инспектор бил составен Записник во кој било утврдено дека проф. д-р Фросина Ременски, како член на Советот за безбедност, врши функција во политичката партија Социјалдемократски Сојуз на Република Македонија поради што истата не може истовремено да ја врши функцијата продекан на факултет и треба да се откаже од една од функциите. Хелсиншкиот комитет смета дека член на Советот за безбедност, кој е советодавно тело, не претставува вршење на функција во политичка партија, поради што сметаме дека инспекторот извршил директна дискриминација врз основа на политичка припадност, неосновано ограничувајќи и на проф. д-р Фросина Ременски повеќе права, а пред се правото да биде носител на функција.

РОМИТЕ И ОБРАЗОВНИОТ СИСТЕМ

До Хелсиншкиот комитет со барање за правна помош се обратија лицата Бирхан Касупи и Сенат Емини, родители на ученици во основното училиште Страшо Пинџур. Имено, лицето Бирхан Касуми нè извести дека на 06.11.2012 година, пред да започне втората смена во училиштето, околу 13:10 часот, неговиот син и друго дете од шесто одделение се забутале во училиштето, при што детето му се обратило со зборовите „Ти не си човек ти си Циган“. Веднаш потоа истото дете го повикало својот родител кој влегол во училницата и почнал да го навредува синот на Бирхан поради неговата ромска националност и му удрил и шлаканици и клоци на малолетното дете. Родителот нè извести дека и полицискиот службеник кој постапувал на местото на настанот покажал несоодветно, непрофесионално однесување, навреда и дискриминаторски однос кон него и неговото дете. Сличен е случајот и со синот на лицето Сенат Емини, кој на часот по физичка култура, најпрво бил навредуван од страна на родител на негов соученик поради националната припадност, а потоа почнал да го удира по главата и телото, по што детето паднало на земја. И во двата случаи не била повикана полиција од надлежните во училиштето, туку од страна на родителите на децата, кога дознале за настаните. Поради овие случаи од страна на родителите на децата од ромска националност била поднесена петиција за дискриминација на децата-роми во ова училиште.

Постапувајќи по барањето за бесплатна правна помош, Хелсиншкиот комитет за човекови права испрати барање за известување до директорот на основното училиште Страшо Пинџур за преземените дејствија за расчистување на случаите, како и за дејствијата кои биле преземани за промовирање и едуцирање на учениците и нивните родители за толеранција и недискриминација врз основа на национална припадност. Директорот на училиштето не извести дека е свикан училишен одбор, разговарано е со наставниците, како и дека во училиштето постојано се промовира интеркултурност, почитување на националната припадност и принципот на недискриминација по било која основа.

Писмо беше испратено и до Министерот за труд и социјална политика, кој во медиумите за овие случаи изјави дека го осудува насилството врз децата и дека ќе бидат преземени сите мерки за истото да биде санкционирано од институциите на системот, но оттаму добивме одговор дека министерството всушност не е надлежно за постапување во овие случаи, освен во делот на дискриминација.

За случајот на Бирхан Касупи е известен и Народниот правобранител, а за наводно сторената дискриминација врз основа на национална припадност од страна на училиштето и полицискиот службеник, Бирхан Касупи поднел и претставка до Комисијата за заштита од дискриминација.

Хелсиншкиот комитет за човекови права согласно својата мисија за заштита на човековите права и заштитата од дискриминација по било која основа, најостро ги осудува овие настани кои претставуваат израз на нетолеранција поради националната припадност на граѓаните, не само од страна на учениците, туку и од нивните родители. Со ваквото насилно однесување од страна на родителите се загрозуваат правата на децата и нивната безбедност во училиштето, како и почитувањето на националната припадност, која се штити и со Уставот на Република Македонија.

Сметаме дека мора да се обезбеди едукација за родителите и учениците во основните и средните училишта, како и обуки за наставниците и професорите за принципот на еднаков третман кон сите луѓе, без разлика на нивните различности, како и да се обезбедат средства од општините кои би биле наменети за ангажирање на лица за обезбедување на училиштата, со цел да се спречат идни настани на насилство врз децата и да се обезбеди почитување на сите права на граѓаните, признаени со Уставот на Република Македонија и ратификуваните меѓународни договори, со што ќе се постигне поголема толеранција за различностите по било која основа меѓу учениците, а со тоа и поголема безбедност во училиштето.

Слики: Noell S. Oszvald