Жижек: новата словенечка влада нема да ги спречи протестите

02.03.2013 12:21
Жижек: новата влада нема да ги спречи протестите

Угледниот словенечки филозоф и теоретичар Славој Жижек изјави дека се сомнева дека новата влада на Аленка Братушек ќе ги запре протестите против домашната политичка елита, повторно најавени за крајот на идната недела.

Во разговор за љубљанско Дело, Жижек изјави дека поголем потенцијал за потребните политички и општествени промени гледа во уличните протести во словенечките градови последниве месеци, отколку во составувањето нова влада која треба да ја води Братушек, откако на конзервативната влада на Јанез Јанша и’ беше изгласана недоверба.

„Вредоста на протестите е во отфрлањето на двата пола на словенечката политика“, вели Жижек, алудирајќи на традиционалните политички партии од левицата и десницата.

Славој Жижек е еден од духовните ментори на проектот Окупирај го Волстрит, започнат во Њујорк во 2011 година. Тој смета дека условите за излез од должничката криза кои меѓународните финансиски институции им ги поставуваат на малите земји се „диктат“, што потоа предизвикува отпор поради неисполнетите очекувања на луѓето. Затоа Жижек се залага за конституирање нова левица која би знаела да одговори на тоа и би ги поддржала барањата на демонстрантите за нов демократски модел со повеќе непосредно влијание врз донесувањето одлуки.

Денешните партии од левицата не знаат да го преточат општественото незадоволство во земјите погодени од должничка и финансиска криза во „позитивна програма за општествени промени“, па потребна е нова левица која ќе знае да го направи тоа, оценува Жижек, додавајќи дека допрва треба да се види дали Аленка Братушек ќе биде само Јанез Јанша со човечки лик или нешто повеќе.

Тој е многу критичен кон моделот кој меѓународните финансиски установи го применија за спасување на презадолжената Грција, а тврди дека начинот на кој се извлече Исланд од должничката и политичката криза покажува дека и во тешки моменти може да се донесат добри стратешки одлуки.

Извор: www.delo.si

ОкоБоли главаВицФото