Касиерка

04.03.2013 10:23
Касиерка

Маша најде печурка, ја скина и ја однесе на пазар. На пазарот ја удрија по главата, и уште се чинеше дека ќе ја удрат и по нозете. Маша се исплаши и избега оттаму. Дотрча до некоја кооперација и сакаше да се скрие зад касата. Раководителот ја забележа и и’ рече: „Што имаш во рацете?“ А Маша му вели: „Печурка“. Раководителот рече: „Еј, ама е снаодлива. Сакаш ли да те вработам?“ Маша вели: „Е, не можеш да ме вработиш“. Раководителот рече: „Е, можам“ - и ја стави да ја врти рачката на касата.

Маша вртеше, вртеше и наеднаш умре. Дојде милиција, направи записник и му рече на раководителот дека треба да плати казна - 15 рубљи.

Раководителот праша: „Зошто казна?“ А милицајците велат: „Поради убиство“. Раководителот се исплаши, брзо ја плати казната и рече: „Само однесете ја побрзо мртвата касиерка“. А продавачот од одделот за овошје рече: „Не, тоа не е вистина, таа не беше касиерка. Таа само ја вртеше рачката. Еве каде е касиерката“. Милицајците велат:

-Нам ни е сеедно: речено ни е да ја земеме касиерката, така и ќе направиме.

И тргнаа кон касиерката.

Касиерката легна на подот покрај касата и рече: „Не одам“. Милиционерите прашуваат: „Зошто, мори, глупачке една, не сакаш да дојдеш со нас?“ Касиерката рече: „Вие мене жива ќе ме погребете“.

Милиционерите почнаа да ја креваат од подот, но никако не можеа да ја кренат, зашто беше полничка.

-Фатете ја за нозете - рече продавачот од одделот за овошје.

-Не, - рече раководителот - оваа касиерка ми служи наместо жена. Затоа, ќе ве молам да не ја разголувате одоздола.

Милицајците ја зедоа касиерката под мишки и влечејќи ја по земја ја изнесоа од кооперацијата.

Раководителот им рече на продавачите да ја средат продавницата и да почнат со тргување.

-А што да правиме со покојната? - праша продавачот од одделот за овошје, покажувајќи кон Маша.

- Батјушки, - рече раководителот, - ние сосем се испреметкавме. Навистина, што ќе правиме со покојната?

- А кој ќе седи на каса? - праша продавачот.

Раководителот се фати со рацете за глава. Со коленото ги растураше јаболката од тезгите и викаше:

-Безобразие!

-Безобразие! - во хор повторуваа продавачите.

Наеднаш раководителот ги почеша мустаќите и рече:

-Хе-хе! Не е лесно да ме доведеш во ќорсокак! Да ја ставиме покојната на каса, можеби купувачите и нема да забележат кој седи на касата.

Ја ставија покојната на каса, и во устата и’ пикнаа цигара за повеќе да наликува на жива, а во рацете, за да биде поуверливо, и’ ја ставија печурката. Седи покојната на каса како да е жива, само бојата на лицето и’ беше многу зелена, и едното око отворено, а другото затворено.

-Ништо, рече раководителот, - ќе помине.

А купувачите дури и тропаа на вратата, и негодуваа зошто кооперацијата не отвора. Особено една домаќинка во свилено палто се развика: тресе со кошницата и со топукот удира на кваката. А зад домаќинката, некаква си старица со навлака на главата вика, навредува и го нарекува раководителот на кооперацијата циција.

Раководителот ја отвори вратата и ги пушти купувачите. Тие веднаш се стрчаа кон одделот за месо, а потоа, таму каде што се продава шеќер и зачини. А старицата се упати право во одделот за риба, но патем се загледа во касиерката и застана.

-Боже, - рече, - боже господе!

А домаќинката со свилено палто, откако помина во сите оддели, се упати кон касата. Но само што погледна кон касиерката, веднаш се скамени, и молчејќи остана да стои и да гледа. А продавачите исто така молчеа и гледаа кон раководителот. А раководителот ѕиркаше од зад тезгите и чекаше што ќе се случи понатаму.

Домаќинката во свилено палто се сврте кон продавачите и праша:

-Која е таа што седи на касата?

А продавачите молчеа, зашто не знаеја што да одговорат.

Раководителот исто така молчеше.

Луѓето дојдоа од сите страни. На улицата се создаде толпа. Се појавија домари. Се разлеаја пискотници. Со еден збор, скандал.

Толпата беше подготвена да стои околу кооперацијата цела вечер, но некој рече дека кај Озерската уличка паѓаат старици од прозорец. Тогаш толпата покрај кооперацијата се разретчи, зашто многумина од нив отидоа таму.

Превод од руски: Ѓорѓи Крстевски
Слики: Julien Pacaud

Расказот е преземен од книгата „Старица и други раскази“ во издание на Темплум, која може да се купи во скопските книжарници.

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото