Кора за шупелка

05.03.2013 13:03
Кора за шупелка

Во Музејот на современа уметност во Скопје деновиве се одвива голема ретроспективна изложба на Александар Станкоски, еден од главните идеолози на антиквизацијата и еден од дворските шутови на груевизмот.

(Но треба да се нагласи: груевизмот е сосема посебен историски феномен во кој шарлатаните, кловновите, дворските шутови - се духот и умот на „проектот“, „сол на земјата“. Самиот груевизам - почнувајќи од врховниот шут, Малиот-Големиот, Златниот-Црниот, и завршувајќи со Миленко Јадибурек - е идеологија на шарлатанизмот, на весело помрачената свест. Ниче велеше дека најзанимливите и најлудите историски епохи се оние во кои комедијантите од сите видови станале вистински господари. Крлежа, пак, велеше дека расипаниот вкус во уметноста секогаш има еден свој посебен кадаверичен мирис. „Расипаниот вкус секогаш е сигурен доказ дека под скалите на таквите гнили цивилизации гние нечиј труп. Трупот на некои принципи и животни услови, трупот на гнилите светогледи и на нездравите меѓучовечки односи.“ )

Значи, кога велам дека Ацо Станкоски е дворски шут на груевизмот не мислам да го потценам или второрангирам (тој веројатно е убедливо најкреативниот „преродбеник“), туку укажувам на суштинската природа на културно-политичкиот феномен што за неколку децении ја уназади нашата ионака мошне заостаната земја. Груевизмот, чија срж е антиквизацијата, сигурно е смрдлив цивилизациски леш, но тој пред сè е фарса која токму како да излегла од халуцинациите на сликарот Станкоски. Во таа точка, во препознавањето на џиновската смешка од страна на талентираниот сликар кој целиот опус ѝ го посвети на гротеската - го гледам единственото разумно објаснување зошто сликарот на гротеската стана главен промотор на расипаниот вкус во уметноста, т.е. главен поддржувач на најмизерниот хиперпровинциски неокласицизам од локалните старешини нагалено наречен „барок“.

Текстов сепак не го почнав за да се занимавам со Ацо Рембрант. Сум се занимавал со него во неколку наврати (Барокот на тасманиската пештера, Дно под дното) - и доста е. Намерата не ми е да го оцрнам - иако изложбата во МСУ е понижувачки „аљкава“ и необмислена, самите слики, повеќето од нив, зборуваат за еден, за наши прилики, сосема вонсериски креативен ум.

Исто така, иако сметам дека злото што Станкоски ѝ го направи на македонската култура, поддржувајќи еден варварски и во примитивизам сосема забеган режим, ни од далеку не е зло од калибарот на, на пример, српските интелектуални кучиња на војната предводени од Добрица Ќосиќ. Злото на Станкоски ни во промили не може да се мери ни со злото, на пример, на Алберт Шпер, Хитлеровиот главен архитект, или Лени Рифенштал, омилената режисерка на фирерот. Велам, колку што се сериозни „барокот“ и визиите на овдешното мизерно фирерче, толку е сериозен веројатно главниот груевистички комедијант Ацо Станкоски. Но, сеедно, и покрај мизеријата на антиквизацијата, дури и занемарувајќи ја големата културна и политичка штета од најнискиот меѓу лудачките проекти (да не заборавиме дека некои лудачки проекти се величествени, оти уметноста често соработува со лудилото), проектите на груевизмот ќе останат интересни, ми се чини, дури и во пошироки културно-историски рамки, чисто како феномен на гротеската, на фарсата која речиси е исчистена од своето трагичко потекло. (Погледнете ја само најновата идеја на нашите „душмани“, „крадците на македонскиот идентитет“, Грците, кои пронашле сосема соодветен и духовит одговор на овдешната антиквизација: блиску до Солун ќе градат „антички“ забавен парк, чисто да го засенат оној од скопскиот плоштад.)

Затоа сметам дека промислувајќи го СК014 (круната на антиквизацијата) можеме да придонесеме за една важна актуелна светска расправа пред сè за односот меѓу етиката и уметноста, а потоа и за односот меѓу политиката и културата.

Изложбата на Ацо Станкоски, значи, ми е само поттик бегло да проговорам за етичката критика на уметноста која последниве децении одново стана незаобиколна естетичка тема. Главниот застапник на таканаречениот етицизам, шкотскиот филозоф Берис Гот во својот програмски текст „Етичка критика на уметноста“ тврди дека етичката мана на уметничкото дело истовремено е и негова естетичка мана. Ние ги критикуваме делата што покажуваат бесчувствителност, морална сировост, недостиг од интегритет, ако ја слават суровоста или ако на грд начин ја афирмираат похотноста итн. Гот тврди дека етицистичката теза е нормативна. Имено, за етицистот не е релевантно дали постои некој кој навистина ужива во злоставувањата опишани во роман, на пример, на Маркиз Де Сад. Несомнено е дека такви луѓе постојат. Но, клучното за етицистот е дали во таквите нешта треба да се ужива. Ако ја прифатиме етичката норма која вели дека не треба, тогаш нужно следи дека не треба да се ужива во романот на Де Сад и дека начелно тој е уметнички неуспешен. Постојат отстапувања од етичките норми, но тие не ги доведуваат во прашање нормите како такви - она што етицистот го интересира.

Друг филозоф на уметноста, Метју Киран, не се согласува со Гот. Во својот текст „Забрането знаење“ тој тврди дека неморалните уметнички дела ни помагаат подобро да го разбереме светот токму зашто ни овозможуваат доживувања коишто инаку ни се недостапни. Разбирањето на злото е потребно за да се разбере доброто, вели Киран, а уметноста е единствен медиум за искушување на злото.

Во својот текст „Пофалба на неморалната уметност“, Даниел Џејкобсон, филозоф кој најжестоко ја брани „автономистичката“ позиција на уметноста, оди уште подалеку од Киран и заклучува: „Не само што некои уметнички дела се подобри поради својата неморалност, туку токму благодарение на својот потенцијал за неморал, наративната и драмската уметност можат да имаат важна етичка функција. Ако тоа е точно, тогаш етички витално важната форма на уметноста не може да биде етички беспрекорна.“

На трагата на еден друг славен шкотски филозоф, Дејвид Хјум, книжевниот критичар Вејн Бут вели дека книжевната процена е слична на чинот на склопување пријателство. Читателот го проценува конкретниот автор на делото онака како што се проценува дали сакате некој да ви биде пријател. Добриот пријател може да има различни добри особини (памет, жив дух, интересен е во друштво итн.), а некои од нив се етички: во него може да се има доверба, тој е чувствителен, љубезен итн. Така процената на некого како пријател ја опфаќа, меѓу другото, и процената на неговиот етички карактер којшто, во случајот на конкретниот автор, се прикажува низ книжевното дело.

И само уште една реченица, на крај, можеби за уметноста и пријателството: „По мачниот муабет, нашето квргаво минато се израмни како кора за шупелка.“


Слики: Свирачиња

Слични содржини

Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото