Тотална контрола над масата и робовите

05.03.2013 14:39
Тотална контрола над масата и робовите

Кога и да затреба, на овој свет лесно се наоѓа човек како што е извесен Мајкл Џ. Роџерс, познат по прекарот „Мајк“. Ако случајно го немаше, некој ќе требаше да го измисли.

Овој американски политичар, конзервативен конгресмен од Мичиген и Претседателскиот Одбор за безбедност на Конгесот на САД, заедно со својот колега од Демократската партија Ч. А. Руперсбергер III, познат по прекарот „Dutch“ во ноември 2010 година го потпиша предлог законот со име CISPA (Cyber Intelligence Sharing and Protection Act; во мојот веројатно непрецизен превод: Документ за споделување заштита на електронските разузнувачки податоци).

И така влезе директно во историјата.

Всушност, кога ќе размислам малку подобро, гледам дека од историја во овој случај сепак нема ништо. Sorry Mike, but - иднината главно не ги памети предложувачите на закони. Па дури ни оние кои со директно ангажирање силно и неотповикливо влијаат овој наш (и онака трагично неслободен) свет, во истата таа иднина, да стане што посличен на нашите најстрашни дистопии.

Како дотичниот Мајк Роџерс, на пример.

Самиот предлог закон CISPA, познат и под кодното име HR 3523, поради тоа, нормално, не е ништо помалку опасен. Станува збор за документ со кој ако - или попрецизно, кога еднаш ќе се преминат сите пречки на патот до легислација - ќе се овозможи со ништо попречена и сигурни сме, многу интензивна двонасочна размена на приватни податоци кои се однесуваат буквално на секој од нас, помеѓу интернет компаниите и провајдерите, на пример, Microsoft, Фејсбук и Гугл (сите три компании се потписници на овој документ) од една страна, и владата и војската на САД од друга страна. Овој документ, исто така, однапред згодно ја предвидува апсолутната правна заштита на двете страни, пружајќи им имунитет од каква било кривична и граѓанска одговорност. На сите останати, стотици милиони редовни корисници на интернет на целата планета, кои поради денес веќе многу old school и поеднакво наивната доверба во суштинската дискретност на интернетот, со години слободно ја размачкуваа сопствената приватност по кибер-просторот како и каде што ќе стигнат, истиот тој предлог закон не им пружа каква било можност да направат што и да е во врска со тоа. Ниту дополнително да ги повратат или заштитат на каков било начин своите невнимателно испорачани приватни податоци.

Како и во случајот на другите предлози на подеднакво рестриктивни закони и договори кои се однесуваат на интернетот и се кријат под глупави акроними (PIPA, SOPA и - секако најпознатиот меѓу нив - ACTA), изгласувањето и ставањето на сила на предлог законот CISPA кој по слободата на светската мрежа е оценет како поштетен и поопасен од претходните три заедно, е успешно, иако привремено, запрено.

Да се потсетиме на глобалните масовни протести на анонимните корисници на интернет кои ги започна, организираше и вешто ги канализираше виралната и по default неформална и сразмерно радикална организација Анонимуси. Нејзините припадници (во превод: кој било што ќе посака такво нешто), под мистериозно насмеаните маски на Гај Хоукс на лицата, во текот на зимата и пролетта 2012 година агилно демонстрираа ширум планетата. Тие големи протести на анонимните и исто така маскирани граѓани, кои токму таа пословична и само наводна интернет „анонимност“ вешто ја претворија во сопствено елементарно оружје, придонесоа озлогласената ACTA (Anti-Counterfieting Trade Agreement или Трговски договор против фалсификување) која на почетокот на 2010 ја потпишаа САД, ЕУ, Канада, Швајцарија, Австралија, Нов Зеланд, Кореја и Мароко и чија што првична намера беше на мала врата да воведе цензура на интернет, да доживее дебакл. Што навистина се случи откако овој договор во ЕУ, како рестриктивен и неправеден, го отфрлија трите клучни комитети на Европскиот парламент. Иако CISPA во САД на почетокот предизвика подеднакво силно противење како на анонимните корисници на интернет, така и на невладиниот сектор, разни борци за човекови права, па и на самата Бела куќа, таа сепак помина на гласањето на застапниците на Претставничкот дом на американскиот Конгрес. Меѓутоа, бидејќи потоа не ја поддржа и Сенатот, и во овој случај беше запрена.

До - како што се испостави - некој позгоден момент.

А бидејќи на законодавците Роџерс и Руперсбергер (Мајк и Dutch, ви текнува на нив?) не им недостига упорност, истиот предлог закон под кодно име HR 3523 - сосема непроменета CISPA, пред само неколку дена повторно е изнесен на повторно гласање пред застапниците на Претставничкиот дом на Конгресот на САД.

За целата работа да биде само уште поуверлива и подраматична, оваа нагла реинкарнација на тој екстремно непопуларен и пред неполна година одбиен закон, уследи непосредно откако Барак Обама потпиша документ коj има сила на извршна наредба, а со кој се бара итно создавање на кибер-безбедносни мерки против напад на САД. Истото беше на тапет и за време на неговиот неодамнешен редовен годишен „State of the Union“ говор во Конгресот, кога претседателот на САД, во тоа огромно море од теми кои ја мачат Америка, во кое спаѓаат и хакерските напади на виталните онлајн функции на американското општество, ги издвои, покрај корпорациите и финансиските институции, исто така и големите системи, како електричните мрежи или контролите на авио сообраќајот, како главни и најранливи мети на можни хакерски напади, Обама всушност многу брзо заврши со тој дел од приказната префрлувајќи се на крајот на топката на самиот Конгрес со повик да ја изгласа легислацијата со која на најдобар начин од кибер-тероризмот ќе се зачува американската безбедност, како и американската економија.

Анонимните граѓани и нивните права не ги спомена со ниту еден единствен збор.

А CISPA, ете, повторно јава. Од предлог законот каков што е даден уште кон крајот на 2010, не е отстранета ниту една од сите спорни точки со кои значително се намалуваат слободите и практично се укинуваат елементарните човекови права на сите кои кога било оставиле свои податоци или какви било траги, каде било на интернет.

Дали овој пат ќе помине или не ќе дознаеме наскоро, но сите претходни искуства ни говорат дека волјата на упорните законодавци не е можно да се запре. Порано или подоцна работата што ја наумиле ќе стане регулирана и кога тоа еднаш ќе се случи, најверојатно ќе биде дополнително усовршено и веројатно во уште позлокобен облик.

Тешко е да се прифати дека вакви работи се можни, дека навистина се случуваат денес, кога веќе загазивме во XXI век од кој некогаш очекувавме толку многу. Не тврдам дека сум стручен, но нели тоа се вика, таа цврста врска помеѓу секогаш презаинтересираната држава и секогаш прекрупниот (во овој случај интернет) капитал - фашизам?

И нели е посоодветно слободните граѓани - во мигот кога ќе им го одземете правото законски да се борат против едното и против другото - да се нарекуваат поданици, маса, робови или раја?

Или евентуално - анонимуси?

Мрачното минато, така, во својот репрограмиран вид, нормално, се вселува во највисоките футуристички и најслободни од сите простори со кои нашите глобални генерации располагаат - интернетот. Ние на тоа можеме само да трепкаме или со необични маски на лицето да одиме на протести и демонстрации, да се дружиме со сличните на себе, но само под услов потоа повторно мирно да одиме во нашите домови, да ги извадиме тие глупави маски и послушно да продолжиме да голтаме сѐ што на глобалната трпеза на рестрикции постојано ни се сервира.

Затоа, драги пријатели, кои и да сте, каде и да живеете, од каде и да доаѓате, подгответе се за една нова ера. Време во кое ќе бидеме далеку повидливи, и во таа видливост значително поранливи отколку што сме помислиле дека е можно.

Еден сосема нов вид неслобода, впрочем, веќе некое време упорно и без престан ни тропа на вратата. Се огласува со цвркотливи акроними - SOPA, PIPA, ACTA и CISPA - и со белозабата насмевка на баналното зло симната од пластичното лице на републиканскиот конгресмен од Мичиген, Мајкл Џ. Роџерс, познат по прекарот Мајк.

И мултиплицирана во седум милијарди примероци.

А ако сте од оние кои во сè секогаш опсесивно бараат каква било причина за оптимизам, тогаш слободно (но затоа ништо помалку очајнички) можете да се фатите за фактот дека оваа нова глобална ера која осамнува, покрај сè мрачно што носи, исто така докажува една во суштина оптимистичка теза.

Да, освен „реалната“, денес постои и „виртуелната“, кибер-планета. Чии што граници се далеку поматни отколку во „реалниот“ свет.

И каде што сите се рамноправни во сѐ.

Па и во неслободите.

Извор: Jutarnji list

ОкоБоли главаВицФото