Гледач начекал опозициска реклама на телевизија

06.03.2013 14:41
Гледач начекал опозициска реклама на телевизија

Скопје, 6 март 2013

Менувајќи канали по случаен избор, 20-годишниот Петар Андреевски од Скопје наишол на телевизиски рекламен спот на една од опозициските партии. Шокиран, тој веднаш ја извести редакцијата на Пара вести.

„Иако имам право на глас, не се интересирам премногу за политика. Но, сознанието дека постојат и други партии освен ВМРО-ДПМНЕ ме фрапираше!“, рече нашиот соговорник.

Петар Андреевски вели дека за политиката се информирал главно преку телевизија, па судејќи според рекламите и присуството на политичарите во медумите, заклучил дека во Македонија постои само една политичка партија.

„Сега, откако знам дека владејачката партија не е единствена, ќе размислам и за тоа да излезам на избори и да гласам за некоја друга политичка опција“, додава Андреевски.

Според истражувањето на Радознал Љубопитников од Институтот за дознавање битни работи, инаку соработник на Пара вести, примерот на Петар Андреевски е далеку од единствен. Дури 50% од младите во Македонија на возраст до помеѓу 18 и 24 години веруваат дека во земјата постои само една партија.

Љубопитников смета дека откритието на Андреевски, доколку соодветно се популаризира, може темелно да ја промени политичката клима и расположението на гласачите во Македонија.

Слика: Leah Saulnier