Норвешка откри големи резерви на нафта и гас на територија отстапена од Русија

06.03.2013 16:18
Норвешка откри големи резерви на нафта и гас на територија отстапена од Русија

Норвешка откри 1,9 милијарди барели нафта и гас во Баренцовото Море, на територија која Русија и’ ја отстапи во 2010 година.

Резервите се откриени на подрачје на морското дно со големина на Швајцарија. Се проценува дека вкупната вредност на резервите изнесува речиси 30 милијарди долари, а 15% од резервите се сочинети од нафта, додека остатокот е гас.

„Многу сме возбудени и среќни поради ветувачките резултати“, изјави Бент Ниланд, шеф на Норвешкиот петролејски директорат, кој раководи со гасните и нафтените резерви на Норвешка.

Ова откритие е многу значајно за норвешките резерви на нафта, кои секојдневно стануваат сè помали и се предвидува дека би можеле да паднат на 25-годишниот минимум во 2013 година.

Меѓутоа, одредени стручњаци наведуваат дека иако најновите сознанија се охрабрувачки за Норвешка, тие исто така можат да претставуваат голема опасност, бидејќи норвешките нафтени компании би можеле да ја преминат руската граница при експлоатирањето на ресурсите во Баренцовото Море.

Според договорот од 2010 година за поделба на спорните територии, постои клаузула за експлоатација, која предвидува дека доколку наоѓалиштето ја преминува границата на двете држави, и двете имаат право на коритење на ресурсите.

Норвешка и Советскиот сојуз (подоцна Русија) имаа спор во врска со истражувањето на нафтата и гасот во Баренцовото Море уште во 70-те години на минатиот век.

Конечниот договор за поделба на територијата е потпишан во септември 2010 година, на состанокот помеѓу тогашниот руски претседател Дмитриј Медведев и норвешкиот премиер Јенс Столтенберг.

Извор: klix.ba