За вредностите и камењата

07.03.2013 10:00
За вредностите и камењата

Камења летаа низ улиците на Скопје, луѓе беа малтретирани и тепани заради тоа што се, зад хулиганите остана бран на уништување. Мора да е време за избори во Македонија.

Неодамна, имав можност да посетам еден од позначајните делови на проектот „Скопје 2014“, „Музејот на македонската борба за државност и самостојност“/ „Музејот на ВМРО“/ „Музејот на жртвите од комунистичкиот режим“ како што гласи неговото официјално и досадно име.

Знаев дека ќе ме возат, но она што го видов ги надмина моите најлоши очекувања: содржината беше исцрпувачка и неинспиративна исто како и називот.

Архитектонското решение како израз на новобогаташкиот сон за изобилие е во остар и несоодветен контраст со вистинскиот тематски фокус на музејот, кој почива на прашањата за угнетувањето, сиромаштијата, за жртвите, борбата и желбите. Влезот на музејот е неумесен како сендвич со шунка на еврејска церемонија.

Влезниот хол изгледа евтино во обид да имитира хол на палата, при што доминира стаклената купола со разиграни бои, симболизирајќи ја недовршената (?!) македонска борба.

Рачно напишаните копии од декларацијата за независност и уставот на македонски и англиски јазик, се обидуваат да инспирираат чувства од типот „Ние, Народот...“, но со само еден процент од американскиот патос. Дури игнорирајќи го фактот дека копиите не се со ист ракопис, целиот приказ изгледа прилично скромно. Уште еден мал народ што се обидува да создаде услови за да биде оквалификуван како „голем“ си направи светилиште. Добро, нека биде така.

Првото нешто што го искусуваш се ограничувања. Не се дозволени индивидуални посети, само групни и исклучиво со водич.
Не дај боже некој да сака да се движи сам и да донесе свои сопствени заклучоци. Индивидуата е ништо. Групата е таа која што треба да ја „свари“ информацијата пренесена од овластениот медиум.

И, навистина, целата поставка е врз база на оваа логика. Во ниту еден момент, во целиот музеј немате објаснувања освен за насловот и авторот на сликите и ликовите олицетворени во повеќе од сто восочни фигури.

Секоја информација мора да биде цензурирана преку филтерот на водичот. Критички пристап? На погрешно место сте. Историјата на националната борба е прикажана линеарно, еден период логички води кон друг, сè до основањето на државноста и демократијата.

И, секако борбата на ВМРО е националната борба. Точка. Алтернативни гледишта? Нема.

Би било интересно да се најде ваква реченица во музејот: „ВМРО покажа особено чуден пресврт на старата тенденција на револуционерната заложба во нихилистичкото насилство заради насилство, кога нејзините агенти станаа терористи платеници“ (Randall D. Law: Terrorism. A History, p. 157). Би било интересно да се има простор за дебата, за толкување, за критичко гледање на фактите.

Наместо тоа, сè што може воопшто да се види во музејот се херои. И по некој анти-херој, во зависност од расположението и политичкото убедување на водичот. Восочните фигури се како потомци на Мадам Тисо и некој виенски хорор кабинет, и слики со масовни сцени насликани од руски и украински сликари кои имаат аура на советски соцреализам, ама без социјализмот.

А ги има повеќе од осумдесет такви или 79 повеќе отколку што некој со чувство за естетика може да поднесе. Интересно е да се види колку македонски современи уметници, од кои многу би се опишале како авангардисти, придонеле во Музејот со слики од скромна уметничка вредност. Благо кажано.

По напуштањето на музејот кон центарот на „Скопје 2014“, целата група е во чудо и едногласно изрази желба за огромни количини алкохол за да се надмине искуството.

Само неколку дена подоцна, следи уште едно експлозивно изненадување.

Националната јавна телевизија е погодена од скандал од епски пропорции. Видео на македонскиот придонес во најзастарениот од сите фестивали, “Песната за евровизија“, предизвикува големи критики, особено на социјалните мрежи, до тој степен што видеото беше повлечено.

Видеото за песната именувана како „Империја“ се врти околу клучните објекти на „Скопје 2014“, давајќи впечаток дека насловот се однесува на нив и дека сведочиме на заживувањето или создавањето или реанимацијата или не знам што друго, на империја.

Иако конотацијата не е таква, бидејќи терминот империја се однесува на самата музика, првичниот впечаток останува. Критиките беа немилосрдни и ја оставија Македонската телевизија посрамена.

Третиот настан што сакам да го спомнам е хакирањето на интернет страницата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ од страна на група која себеси се нарекува „Анонимус“, но која во објаснувањето како мотиви ги зеде верската омраза и екстремните националистички ставови, како одмазда за назначување на поранешен командант на етничките албански бунтовници ОНА за македонски министер за одбрана.

Колку што знам, Македонија е единственото место каде што „Анонимус“ се злоупотребуваат за фашистичка пропаганда. И ова не е прв пат.

Добро, каква врска има ова со хулиганството на улиците на Скопје? Станува збор за вредности. Македонското општество сосема го загуби компасот и се чини дека човечките вредности веќе воопшто не се земаат предвид.

Во Музејот за национална кауза е претставен едностран, фиксиран поглед на историјата, која ја величи употребата на насилство за политички цели, што е впрочем и дел од терористичката традиција на ВМРО. Без простор за критика, без отстапување.

Византиски пристап - штом доаѓа од врвот мора да е точно. Овој пристап е применет во целиот образовен систем кој не успеа да промовира критичко размислување, но затоа е извонредно успешен во индустриското производство на дипломи.

Резултат на тоа се ограничени и некритични граѓани, луѓе кои лесно паѓаат на митови, лесни за манипулација и со желба да бидат дел од нешто значајно / ова е малограѓанската суштина на „Скопје 2014“, причина поради која некои фашистички идиоти ја користат етикетата на „Анонимус“.

Зад настаните од минатиот викенд стојат манипулацијата и безмилосната борба за власт. Предизборното насилство во последниве години е повеќе правило отколку исклучок.

Економско-политички центри на моќ имаат сопствени приватни групи на хулигани, кои се активираат кога е потребно. И секогаш постои маса на млади луѓе подготвена да се приклучи на насилствата, подготвена да биде измамена, бидејќи тие никогаш не научиле да мислат самостојно.

Сè што ви треба е да прогласите непосредната опасност за племето, и овие лажни патриоти ќе дојдат со трчање, често испраќани или придружувани од нивните родители. Тоа е материјал од кој се создаваат маченици. Тие ќе создадат други маченици и така натаму и така натаму се додека насилството не биде отстрането како легитимно средство за постигнување политички цели. Велам легитимно, а не легално. А под насилство мислам на структурно насилство со кое се принудуваат луѓето и нивните семејства да гарантираат дека ќе го дадат нивниот глас за патронот, како и на насилство извршено во име на некои верски фантоми, или насилство кое го применува таткото кој го тепа своето дете за да му купи пиво, или насилство кое го практикува мажот заклучувајќи ја својата сопруга во име на традицијата.

Спотот за „Империја“ е совршен приказ за тоа до каде овој шуплив и лажен патриотизам може да оди. Всушност тоа е само неосвестен, евтин популизам, лековерен неинспиративен обид за меѓународно легитимизирање на претенциозниот проект „Скопје 2014“. За среќа, изгледа дека има лимит колку идиотизам луѓето се подготвени да проголтаат. Затоа: 

Есма & Влатко сас Козите - Империја from Dejan on Vimeo.

Извор: www.balkaninsight.com
Слики: Bernard Jaubert

ОкоБоли главаВицФото