Збогум Кичево, здраво Скопје!

07.03.2013 13:04
Збогум Кичево, здраво Скопје!

„Сега слободно може да се пишува за љубов“, беше мојот прв радосен коментар за договорот кој го склопи Филе и со кој се обезбеди учество на опозицијата во овие локални избори. Така и мислам да направам целиот овој месец не пишувајќи тука, по дозволата од главната и одговорна уредничка и по тоа што, ете вака, ќе им го соопштам ова на читателите.

Втората причина се и претстојните локални избори чија кампања почна со лаги, измами и пцовки. Секој ден, во секој поглед, сè повеќе овие избори ми мирисаат на неспроведениот попис на населението и мислам дека многу бргу може и да засмрдат како истиот.

И најголемата причина е длабоката поделеност на општеството по сите рабови, но најмногу на македонски и албански дел. Толкава е таа поделеност што и со самото нејзино наведување може да ја продлабочиме. Во вакво време и во ваква кампања, едноставно, и за зборовите пишани од еден Албанец на македонски јазик, може да се има исто така поделено значење.

Дека поделеноста е огромна сведочи и фактот дека и тоа малку што ни недостасува се различни нешта. Албанците немаат политичко водство и претставеност, а Македонците немат медиуми. Чест на исклучоците, но сепак, при ваква поделеност, не можат ниту да потврдат некое општо правило.

Дека Албанците не се политички претставени потврди и најголемиот настан од неделава што измина, саботните спонтани протести кои само после завршениот дел, дегенерираа во насилство, оган и политичка инструментализација.

Ако овие граѓани Албанци на Скопје беа политички претставени, чуму тогаш толкави реакции, како што беше случај, како никогаш досега, и од опозициските партии и од властите, како во Албанија, така и во Косово? Исто така и пред да стигнат овдешните политички партии да се изјаснат за настаните од петокот, тие граѓани веќе беа најавиле протест за да го искажат своето мислење, со што покажаа дека се многу понапред, и во време и во простор, од овие и вакви „албански политички партии“. Партиските официјални изјави на сите три субјекта - ДУИ, ДПА и НДП - беа дури со датум сабота, денот кога тие граѓани веќе беа на протест?! Истите политички субјекти ден потоа само им служеа на спинерите, со придружување на какофонијата на македонски, со меѓусебни обвинувања за инструментализирање на протестите, на овој начин збунувајќи ја, уште повеќе јавноста, која и онака е неадекватно информирана. Да имаа каква било врска протестите со Талат Џафери, ДУИ и него ќе го донесеше на Бит-Пазар, каде што им текна да направат мал конгломерат - делегација од шумари, политичари и навивачи, која сакаше да преговара со протестантите во вториот, дегенериран дел од протестите. Таа делегација само успеа да воспостави нова атлетска дициплина: трка во брз од, на педесет метри, наназад. Безболно затскривајќи се позади полицијата, која веќе беше испреговарала разминување со протестантите?!

Другото поделено, малку нешто кое ни фали, се медиумите. Нема поголем доказ и одговор за ова од тоа што направи Штефан Филе, кој најзначајната информација не ја пренесе на ниеден друг емитер туку на личниот твитер. Емитувањето на таа екслузивна вест, во кое било нормално општество и држава со нормален јавен сервис и јавно мнение, би му припаднало на некој медиум.

Има и многу други аргументи за медиумската сцена. Како тоа дека граѓаните успеја да ја срушат „Империјата“ на државата и јавниот сервис МРТВ преку Фејсбук, а не преку други, приватни телевизии и други мејнстрим медиуми. Тоа веројатно зашто едната од приватните телевизии, зависни од државата - која пак е во приватна сопственост - е зафатена со себефалење дека конечно од чиновник преминала во часовник. Кутрата таа, се фали себеси дека барем некој ја прашува колку е часот!

Но, има надеж и за двата поделени недостатоци. Една од точките на Филе беа и медиумите, но и пролонгирањето на роковите за кандидирање за овие избори. Така од европски мерки може да се изроди некој медиум или постоечките да се подобрат, а исто така единствената албанска политичка придобивка од доаѓањето на Филе, може да не биде само испушената цигара на претседателот на ДУИ. Туку и точката со која за една недела се пролонгираше рокот за кандидирање на кандидатите за градоначалници. Бидејќи во Македонија веќе има случаи на позајмување на партиските печати за кандидирање, тоа истото може да го направи и некоја структура или поединец за да се кандидира, токму на овие избори. Поверојатно е тоа во Чаир, каде веќе се виде енергијата, живоста, но игневот од ваквата постојна политичка претставеност.

Насловот на ова колумна е од сликата кога една група протестанти кинеше голем постер на кичевецот, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, од фасадата на една зграда на Бит-Пазар. Првиот талог што се појави после отстранувањето на тој, пред законскиот рок на почеток на кампањата поставен постер, беше една друга реклама: Здраво Скопје!

Секако, слободно и поделено, може да се чита и насловот имајќи го на ум и тоа дека СДСМ уште одамна беше решена да не прави политика во Кичево, туку да постапи вака етнички. Многу пред и да им текне на ДПМНЕ и во времето пред 24 декември, кога и според СДСМ имаше држава. Сега веројатно поради тоа што на Скопје ќе му недостасува „Синан Сакиќ“, СДСМ се врати и во Собранието, веројатно со самонарачана музичка желба: „Отпор постао п..... дим, откад си сречо отишла са њим, аааа ааааааа....“. До читање, во април.

Извор: Фокус
Слики: Свирачиња