Закон против алчноста

07.03.2013 14:04
Закон против алчноста

Швајцарците на референдум гласаа против неограниченото богатење на менаџерите. Во Италија е сменета владата на технократите. Постои популизам на разумот, а тој се вика демократија. На луѓето им е преку глава од општествено разорувачкиот капитализам. Незадоволството расте, бесот врие. И тоа пред сè поради Германците, кои се плашат за своите пари и навредуваат.

Кловновската афера покажува дека ниту кандидатот на социјалдемократите не ја разбира ситуацијата во Европа. Германија станува европски проблем, а Пер Штајнбрук не е решение.

Среќна Швајцарија! Понекогаш просто мораме да и’ завидуваме на нејзината демократија. Минатиот викенд, Швајцарците на референдум ставија точка на лудилото на баснословните менаџерски бонуси, отпремнини и заработувачка. Во иднина за нив ќе одлучуваат акционерите, а не како до сега менаџерите. Во иднина нема да има ниту награди за доаѓање во компанијата, ниту златни падобрани. Баш се дрски тоа Швајцарците.

Колку само бедно изгледаат сите обиди на Европската унија да го направи истото, во споредба со оваа одлука. Безначајната реформичка на банкарските бонуси, која не го заслужува ни тоа име, беше повод за вистинска поплака во лондонскиот Сити. Господата со панталони на трегери не сакаат кога народот ќе се јави за збор и сакаат никој да не ги попречува во нивните работи.

Тоа го покажаа и реакциите на изборите во Италија. Нема „јасен однос на силите“, „пазарите“ веднаш реагираат. Тие се вистинскиот суверен и така и се однесуваат. Рејтинг агенцијата Муди се закани со намалување на кредитниот рејтинг. И пазарот на обврзници реагираше: „Високите камати се укор поради изборниот хаос“, извести германската новинска агенција (DPA). И тоа бидејќи во меѓувреме многу новинари сметаат дека е нешто сосема нормално кога „пазарите“ и’ делат укори на политиката.


Luca Giordano, Христ ги брка лихварите од храмот, 1670

 
Се прашуваме: па зошто тогаш финансиските пазари не составуваат влади? Чекај малку, па тоа веќе одамна е случај. Професорот по економија Марио Монти во Италија и банкарот Лукас Пападемос во Грција, вистински технократи кои ги постави пазарот - и Ангела Меркел.

Германската канцеларка ја фрли Европа во оковите на разорувачката идеологија на штедење. „Austerity“, „Austerität“, „штедење“. Тоа звучи толку студено и трезвено, но во стварноста е пекол. Курсот на штедење ја гуши економијата, што доведува до раст на задолженоста во однос на БДП. Довербата не се враќа вака. Парите се медиум на прашањето на довербата. Мудриот Волфганг Минхау пред неколку дена напиша: „Тоа се вика стапица на задолженоста, од која не се излегува без помош отстрана. Колку повеќе преташ, толку повеќе тонеш во калта.“

На Европејците очигледно им е доста од Ангела Меркел и пазарот. „Германскиот сон е европска ноќна мора“, напиша францускиот дневник Le Mond. Не поминаа ни 25 години од повторното обединување, а Германија веќе се наоѓа на пат до политичка изолација во Европа.

Тоа е политичкото завештание на оваа канцеларка. Меркел не сфати дека Европа е политички, а не калкулантски проект. Таа не им објасни на Германците што се тоа европски интеграции. Не мораат само другите да се интегрираат, туку мораме и ние. „Шок по италијанските избори. Дали тие сакаат да ни го уништат нашето евро?“, соопштува онлајн изданието на Билд. Тука лежи недоразбирањето. Тоа не е само „наше“ евро.


Giotto di Bondone (1267-1337), Христ ги брка лихварите од храмот

 
Меѓутоа, ниту предизвикувачот на Меркел, Пер Штајнбрук, не е во состојба да им ја објасни на Германците важноста на Европа. Штајнбрук го нарече победникот на изборите Бепе Грило „кловн“, не сфаќајќи што се случува во Италија.

Таму каде што владеат корупцијата, криминалот и клептократијата, кловнот е веројатно разумна алтернатива. Но, Грило не е кловн. Тој е морализатор. Италијанската политика не е навикната на тоа, а ниту германската. Неговите барања: ограничување на мандатот, намалување на заработката на пратениците, законите за конфликт на интереси кај политичарите, се сè освен комедијантство. А „грилините“ кои штотуку влегуваат во парламентот, не се технократи или лобисти, туку претставници на народот во вистинска смисла на зборот.

Да беше Штајнбрук вистински социјалдемократ, ќе покажеше симпатии за овие луѓе и ќе им посакаше среќа на нивниот пат.

Социологот Оскар Негт напиша: „Сегашноста страда од хронична неухранетост на продуктивна имагинација“. За Германија тоа е точно, но за наша среќа, не и за цела Европа.

Извор: Spiegel, 04.03.2013.
Насловна слика: Masaccio, Посветено на парите, 1420

ОкоБоли главаВицФото