Анаис Нин – искрената лажливка

08.03.2013 11:24
Анаис Нин – искрената лажливка

Која е Анаис Нин? Жена-мит, страсна, шармантна и оригинална уметница или пак, како Алма Малер и Дора Мар, само фатална муза на мажите? Во секој случај, дури и да не доминира нејзината улога како писателка, своето време – првата половина на 20. век – го обоила со оган, славејќи ја уметноста и уметничкиот свет, славејќи го самиот живот. Дури и во виорот на војната или во времињата кога неговата сенка ги надвиснувала сите подрачја, таа им останала верна на своите идеали и на својата филозофија: „Уметноста е мојата единствена религија.“

Љубопитна, огнена, подготвена на сексуални експерименти, соблазнива – таа и денес предизвикува внимание, 35 години по нејзината смрт. Родена е на 21 февруари 1903 година. Додека Анаис се впуштала во опсесивна потрага по своите идеали, својот љубовен апсолут, па во истите периоди имала и до 4 постојани љубовници, понекогаш и по некоја љубовница (експерименталните искуства не можат да се пребројат), примала и давала; тие години, безброј жени секоја вечер, уморни и желни за сон, со стиснати заби ги извршувале своите брачни должности, поднесувајќи жртви во име на љубовта. Но, тоа е посебна тема...

Анаис била многу искрена лажливка: „Често ми се случува да изговарам лаги кои се неверојатно вистинити“, вели во еден од своите дневници. Во дневничките записи собрани под заедничкиот наслов Оган – Анаис ја опишува, а потоа и дополнително ја проживува својата потрага по вечната, идеалната љубов. Како што поминувало времето таа станувала сè посвесна дека сето тоа тешко ќе го пронајде во еден маж (или жена).Токму затоа со сета сила земала, грабала (давајќи уште повеќе за возврат) од секого по нешто, онолку колку што можела: близначката сродност од некој, складот на интелектите од друг, креативната соработка, емоциите, сензуалноста ... но најмногу страста во сета своја полнотија – од онаа ангелски возвишената (или таа се трансформирала во таква дури откако била профилтрирана низ нејзините записи?) до најсуровата (која не ја ценела многу, но секогаш ја доживувала како загатка). Од партнерот барала и наоѓала – и рамноправност, и татко и мајка, и дете ... додека цело време ја барала силата која може другиот да ѝ ја пружи и да ја надополни нејзината личност. Најпосле, во болката која имала сладникав вкус, дошла до сознаннието дека таа сила лежи во самата неа, дека не постои ниеден маж чија сила ја надминува нејзината.

Во третиот дел од нецензурираниот Дневник, записите на Анаис започнуваат со нејзиното преселување од Париз во Њујорк, каде проживува една страсна авантура со својот пријател – психоаналитичарот и ученикот на Фројд – Ото Ранк. Њујорк во тоа време го поседувал токму она што ѝ било потребно – неговото пламено срце чукало заедно со нејзиното, во ритамот на џезот, таа танцувала и живеела динамично и страсно во пар со градот. Во овој град Анаис била неверојатно креативна – пишувала, успешно се занимавала со психоанализата и доживувала најинтензивни авантури. На крајот сепак се вратила во Париз, со скршено срце по сознавањето на фактот дека е повторно сама, дека нејзиниот „близнак“ (Ранк), со кого можела да дише во истиот ритам и со истиот интензитет, со кого сакала да подели сè, единствениот кој поседувал нешто од оној префинет женски принцип, парадоксално, бил маж кој воопшто и не ја привлекувал телесно. Обидите за измама на сопственото тело и на душата на Ранк пропаднале. Се вратила во Париз, кај нејзиниот вечен сопруг Хуго и кај нејзиниот вечен љубовник Хенри Милер.

За време на многу години, Хенри бил нејзината судбина, нејзиниот книжевен и животен лајтмотив, оној со кој секогаш доживувала најголема страст. Таа имала големо влијание врз неговото творештво, но и тој ѝ го давал најголемиот поттик за развојот на нејзината сопствена креативност. Била негова муза, негов „мецена“, од морален и од финансиски аспект. А Хенри бил „животен надреалист“ кој не се грижел премногу за утрешниот ден, кој страсно работел, живеел, јадел, пиел и водел љубов (не секогаш само со Анаис). Со другите (обичните и нормалните луѓе) уживал и се веселел, при што ги користел сите прилики кои му се пружале. Анаис била вистински згрозена од сето ова, често паѓала под притисокот на нивните разлики, меѓу кои биле и непрефинетиот хедонизам на Хенри, неговата неприбирливост и едноставност. Хенри им ставал крај на расправиите велејќи дека сака да се забавува за „да не заврши како Ниче“. Во секој случај, Анаис никогаш не го напуштила Хенри, секогаш го поттикнувала во однос на неговата работа и издаваштвото, во промовирањето на неговите дела, му позајмувала пари и работела за него, го љубела, готвела и чистела за него, му ја плаќала киријата. Жена-змеј. За неа ништо не претставувало проблем, сè додека илузијата живеела во неа (или барем дел од илузијата). Навистина, дали Анаис му била вистинска муза на Милер, или само некој кој Милер секогаш го користел за сите свои потреби? Понекогаш била целосно свесна за своите жртви и огорчено пишувала реченици како оваа: „Хенри, ти не си маж, ти си дете кое цица од градите кои го хранат сè додека тие не почнат да крвават.“ Сепак, на крајот на краиштата, Хенри обилно ѝ ги нудел нештата кои ѝ биле ужасно потребни (неговите усни, неговиот оган, животниот дијалог и поттикот за нејзиното творештво).

Ако внимателно ги погледнеме записите на Анаис Нин ќе сфатиме дека се исполнети со многубројни докази и примери за тоа дека сме секогаш склони да ја сакаме „сликата“, проекцијата, илузијата, дека нам вообичаената слика ни е многу често поважна и од реалната личност. Романтичната Анаис и покрај сè сепак била навистина свесна дека бракот (во неговиот вообичаен облик) всушност го разорува сонот за љубовта како апсолут, дека го оневозможува сонот за животот како апсолутна слобода. Имала среќа што нејзиниот Хју (Хуго) и овозможил толку лежерен и таинствен брак, а воедно секогаш ѝ бил приврзан, ѝ пружал духовна и материјална поддршка, великодушно нудејќи ѝ ја слободата која ја посакувала. По сите нејзини неуспешни летови, Хуго бил нејзиното „нежно тло“. Дали тоа било праведно кон него? Ако и Хуго бил среќен на тој начин ... нашиот морален суд е секако непотребен.

Митско битие или жена-девојка-сонувач?

Често паѓала, но и брзо се враќала на нозе, како дете ги бришела траговите на душата, секогаш тежнеејќи кон една цел – од својот живот да направи уметност. Како што и самата велела, паралелно ја живеела и физичката и метафизичката реалност. Не била сосема наивна, некои работи свесно ги занемарувала, но сепак била многу остроумна и критична кон „простите и безначајните“ луѓе (трошка снобизам?), но, истото го мислела и за оној друг вид луѓе – „луѓето замотани во целофан“.

Читајќи ги нејзините дневници, многу јасно можеме да ги забележиме (иако понекогаш само во мали траги) „женскиот“ и „машкиот“ принцип. Жените секогаш се прикажани како оние помоќните, поотпорните, со јасно зацртани цели... Во нејзините записи, жените се оние кои не се откажуваат толку лесно. Анаис вели дека ниеден од нејзините пламени не згаснал. Таа и на „разгорувањето на пламенот“ му придава ритуално значење.

Во моментите кога била разочарана од Ранк, Хенри и Хуго, таа не бегала, туку упорно се впуштала во потрага по нов љубовен оган, кој пристигнал во облик на Гонзало Мора, перуанскиот уметник и револуционер, комунист и идеалист. Биле страсно вљубени. Анаис била пресреќна бидејќи конечно се работело за вистинска страст, животна енергија, и заради тоа што таа на Гонзало не му служела само како „искра“, поттик за неговото творештво и уметност. Некое време ја идеализирала оваа љубов, непрекинато воделе заносна љубов, Гонзало се претворил во отелотворување на нејзиниот „сон“...

Страниците од нејзиниот дневник кои се исполнети со описите на овој фатален маж се напишани со поинаков стил. Тоа веќе не е оној намерно изведен „документарен“, „суров“ стил (инаку, се ужаснувала од „метаморфозите“ и уметничките зафати во самата срж на животот). Тука нејзиното пишување по малку наликува и на она надреалното, не се работи за „тек на свеста“, туку пред сè за некој емотивен тек кој лебди над свеста која ја насочува авторката, на еден поетичен и музикален начин. Љубовната среќа „меѓу страниците на книгите“ можеби знае да биде и малку досадна, бидејќи иако мислата е единствена, кристално јасна и чиста, тешко е да се избегнат и буквалните и метафоричките повторувања.

Инаку Нин во своите дневници понекогаш е и премногу „напорна“ (и била совршено свесна за ова), кога завлегува во непотребни детаљи, но сето тоа е во склад со вистинитоста на приказот на она што емотивно го преживувала. Секогаш била во дилема за тоа дали да им се посвети на Дневниците или на фикцијата, а со текот на времето станувала сè посвесна дека е повешта во дневничката проза.

Да се вратиме на фаталниот Гонзало – и тука се повторила судбината на „жртвувањето“ за уште еден машки идеал: комунизмот. Анаис во многу наврати многу убаво објаснува зошто не е склона кон колективните емоции, револуциите, зошто не се пронаоѓа во активизмот, кој според нејзините убедувања, го уништува уметничкиот индивидуализам:
„Во моментов работам за остварувањето на републиканска Шпанија бидејќи сум заљубена, а тоа е единственото нешто кое е важно... мојата женска душа ги исмејува сите тие идеали, сите тие машки друштва, бидејќи гледам низ нив, зад нив. Јас не се двоумам помеѓу комунизмот, фашизмот и анархизмот, туку помеѓу сонот и реалноста.“

Во срцето на сето тоа, во животот на Анаис кој на прв поглед изгледа многу немирен и промискуитетен, се наоѓа нејзиниот „танц“, нејзиниот „пламен“ со чија помош осветлила многу мажи и жени со кои доаѓала во допир. За остварувањето на нејзиниот постојан огнен танц и помеѓу неколку личности истовремено, за нејзиниот волшебен ефект на она што таа самата го опишувала како „мешање и преливање на спермата“, се разбира дека и била потребна и голема вештина и итрина при балансирањето, еден талент за лажење. Плетела совршени мрежи од лаги, а со помош на среќата, која навистина се чини дека ги следи храбрите, пливала во тој комплексен амбиент како риба во вода. Можеби токму поради тоа што кога лажела се чувствувала сосема невино. Токму непрекинатото градење на кули од лаги, прилагодувањето кон лудиот распоред, постигнувањето целосна опуштеност при глумењето пред сите околу неа, би биле нештата пред кои сепак би се предале и многу други жени кои имаат темперамент и љубопитност слични на нејзините. Пред кои повеќето жени би капитулирале. Интересно е дека материјалните проблеми никогаш посебно не ја вознемирувале – повремената сиромаштија, снаоѓањето, позајмиците и пребројувањето на долговите за неа биле природни како дишењето, како нешто за кое не се ни размислува. Нејзиниот ум бил преокупиран само со чувствата, страстите и креативноста, а „метафизичките“ нешта успешно ги заменувале оние физичките.

На што се должи значењето на Дневнците на Анаис Нин, кои ги пишувала секојдневно, кои имаат повеќе од 35 000 страници, од 1914 година (кога имала само единаесет години) па сè до својата смрт (во 1977, пред повеќе од 35 години)?

Освен тоа што претставуваат многу верно сведоштво за едно време, од социјално-политички аспект, но и многу повеќе од аспект на нивната уметничка вредност (прикажувајќи го светот на една уметничка душа), нивната голема вредност се состои во храброста на Анаис Нин која женскиот дух или „женските чувства и страсти“ ги издигнала до една култна димензија, при што создала еден јасен портрет на една силна жена, жена со силен ум, а сепак создадена од кревките нишки на сонот. Тие се пример за тоа како комбинацијата на леснотијата на живеењето и искреноста кон своето сопствено битие доведува до будење на „сите сопствени демони“ без кои животот и не е живот. И на крајот, доаѓа фактот дека идеалот на другата половина не постои, дека совршениот партнер не постои. Дека креацијата се раѓа само од сопствената сила. А лошите демони кои пустошат, успешно ги растерува само осаменоста во сопствената соба или душа, со подотворен прозорец, со свеста дека во надворешната врева можеме кога било да се впуштиме.

Конечно, дали Анаис била жена која успеала бескомпромисно да го зграпчи својот сон, или пак нејзиниот живот бил само константа која била врзана за неа самата, но сепак прилагодена кон машкиот свет? Во секој случај, се борела и бестрашно палела помали и поголеми огнови и пламени, кои потоа ги вметнала во своето опсежно дело.

„Јас сум единствено способна за тоа да го собирам животот од сè околу мене, сè додека толку преполн не ми стане неподнослив, премногу силен, па потоа се распрскувам во моите хистерични кризи, на милиони парчиња, поради преголемото количество на живот во мене ... Вистиснко страдање е да се живее во „внатрешноста на животот“ ... би сакала да сум несвесна. Би сакала некој да ме убие, да ме направи нечувствителна, немоќна. Различните делови од мене би морале да умрат, но јас самата добро се заштитив од смртта. Мојот дневник е преполн со живот, преплавен од реалноста, исполнет со топлина.“

Извор: voxfeminae.net

Слични содржини

Општество / Живот / Уметност
Фотографија / Живот / Култура / Уметност
Графички Дизајн / Книжевност / Живот / Уметност
Психологија / Живот / Уметност

ОкоБоли главаВицФото