НЛО над Скопје

08.03.2013 14:18
НЛО над Скопје

ЛЕТЕЧКИ ЧИНИИ НАД МАКЕДОНСКАТА ПРЕСТОЛНИНА
 

Руското здружение „УФО“ коешто се занимава со следење на неидентификувани летечки објекти, пред два дена на својата веб-страница презентираше шокантна репортажа снимена од нивниот претставник кој деновиве престојуваше во Скопје.

Тој успеа да сними несекојдневен настан - неидентификуван летечки објект кој среде пладне го надлетуваше центарот на македонската престолнина токму во времето на судирот на полицијата и младите демонстранти. Интересно е што, иако веста нашироко се „прошета“ низ целата интернет мрежа на Руската Федерација, таа не беше забележена од македонските и локалните балкански медиуми.

Дури вчера откако се појавија инсинуации за поврзаноста на надлетувањето на овој летeчки објект и интервенцијата на полицијата, се огласи анонимен владин извор кој изјави дека не се работи за неидентификуван објект туку за новото експериментално летало на службата за Јавно обвинителство на Република Македонија конструирано од страна на тројца млади македонски иноватори кои се веќе пет години стипендисти на американската корпорација за експериментални летала “AFJ – Levitation”. По неколкугодишна работа во лабораториите на корпорацијата, во соработка со американските тимови и со веќе децении разработената производствена линија за експериментални летечки објекти, македонското летало беше произведено, размонтирано во делови, транспортирано во Македонија и тука дел по дел повторно составено.

Иако во досегашниот период проектот од разбирливи причини се чувал во најстога тајност, пред неколку дена дефокусирањето на јавноста поради наведените немири во Скопје беше искористено за пробниот лет на леталото над градот. Запрашан зошто овој чин беше обвиен во толкава конспиративност, владиниот човек задолжен за комуникацијата на проектот со јавноста изјави дека на пробниот лет не му се даде публицитет поради можните непредвидени реакции на населението со оглед на визуелната сличност на леталото со озлогласените „вонземјани“ и нивните „летечки чинии“.

Притиснати од аферата, владините служби мораа нешто пред предвиденото време да ги обзнанат фотографиите од кои јасно се гледа дека полетувањето на летечкиот објект беше изведено од покривот на зградата на Јавното обвинителство чијашто изградба е во завршна фаза и каде ќе биде и неговото постојано место на престој и место за полетување и слетување. Запрашан која е намената на ова летало и поврзаноста со посочената јавна установа и нејзината зграда, ни беше кажано следново:

„Проектот целосно ќе биде обзнанет за неколку недели. Сега само можам да ви кажам дека леталото има две функции, едната е практична и со својата софистицирана опрема (најсовремена GPS-технологија во комбинација со најновата генерација квантно-информатичка технологија) ќе биде искористена за следење и сузбивање на финансискиот и друг криминал во земјата, што како дејност во изминатиот период беше со право критикувана поради слабите резултати.“

Кога го запрашавме за втората функција, ни беше соопштено следново:

„Овој проект ќе им ја затвори устата на злонамерните критичари на проектот „Скопје 2014“ според кои се работи за конзервативен проект кој нема ништо со реалноста и современоста. Дури сега, со обзнанувањето на оваа технологија, досега држена во тајност, ќе се покаже дека зградата на Јавното обвинителство (како и некои други згради од проектот) која со својот долен дел е изградена во духот на антиката, ја симболизира нашата почит кон традицијата, додека со горниот - супермодерен и составен од стакло и челик, го покажува нашиот стремеж кон високите технологии што ќе нè поведе во високотехнолошката иднина. Кажано метафорички - античкото наследство со своите столбови ќе нè крене кон современоста.“

На оваа изјава реплицираше и претставник на опозицијата кој наведените објаснувања ги нарече лажни:

„Ова не е точно. Сегашната влада е свесна дека казната за сиот криминал на кој таа кумувала последниве седум години ќе ја стигне веднаш истиот ден кога ќе доживее пораз на следните веќе најавени предвремени парламентарни избори. Знаејќи го тоа, нејзината врхушка, во соработка со мрежата на организираниот меѓународен криминал си обезбедува сигурно бекство од земјата без никаква, дури ни теоретска можност за нивно следење и апсење. Во леталото кое е стационирано на покривот на Јавното обвинителство (зарем е тоа случајност?) ќе се натовари целата елита на партијата и на нивните коалициони партнери и заедно со најголемиот дел од државните девизни резерви и резервите во злато, за помалку од 20 секунди ќе биде на сигурно - надвор од границите на државата.“

 

ОкоБоли главаВицФото