Деспотија или нова сензибилност

08.03.2013 15:28

Линијата на раздвојување меѓу цивилизациите, што и да мисли Хантингтон за тоа, ќе се одвива врз прашањето за еманципацијата, во прв ред на жените, но и на сите други малцински групи во општеството, од хомосексуалците до етничките малцинства. Оние култури во кои насилничките елити зборуваат во име на народот - притоа фалсификувајќи ја својата културна содржина - и коишто малцинствата (жените или хомосексуалците, на пример) ги сметаат за „второкласни” членови на заедницата, тие култури, според хрватскиот социолог Вјеран Катунариќ, „не би смееле да влезат во кругот на нашата цивилизација”. „Цивилизацијата мора да има универзалистички вредности во таа смисла сите луѓе да бидат еднакви, а не некои да се затвораат дома и тоа да се прогласува за свето начело. Затоа во нашата цивилизација христијанството ќе доживее трансформација во интелектуална, теолошка и воспитна смисла. Притоа, не само во поглед на напуштањето на сегрегацијата и дискриминацијата спрема жените во клерикалните врвови - иако и тоа е историски анахронизам - туку и напуштање на едиповски моделираното свето семејство - татко скитник, нажалена мајка и никогаш пораснат син.”

Ја препознавате Македонија отаде набележаната цивилизациска линија помеѓу Исток и Запад? Чувствувате ли дека во поглед на еманципацијата заостануваме најмалку неколку десетлетија дури и зад помалку развиените европски земји? Меѓу другото, фактот што Македонија е единствената европска земја во која не постои регистрирано здружение на хомосексуалци и кајшто јавното појавување на хомосексуалците или зависниците речиси е (само)забрането, најдобро зборува во кој цивилизациски круг сега припаѓа нашата земја.

Грубоста, пак, на главните јавни личности, како во политиката така и во културата, дополнително ја зајакнува грдата слика за Македонија како држава на заостанати патријархалци. Од тој аспект, сосема е доволно да се анализира ТВ-дуелот меѓу двајцата моќници, Љубчо Георгиевски и Бранко Црвенковски, кои придвижуваат значајна енергија на препознавање, за да се сфати дека некаква поизразена сензибилност за туѓите позиции (или за одредени европски политички трендови) не постои дури и кај оние кои барем формално и куртуазно треба да ја играат ролјата на „обединувачи” во по илјада шева поделенава и очајна земја.

Се разбира дека во таквата ситуација одговорноста паѓа врз грубоста на власта која, дополнително допингувана со коруптивни пари, делува толку наакано и бескрупулозно што освен голата сила (и семоќта на парите) веќе нема апсолутно никакви извори на авторитет.

И според тоа - голата физичка сила, во која спаѓа и економската принуда, како единствен легитимен авторитет - Македонија во моментов е далеку отаде зацртаниот цивилизациски круг.

Но, не се само политичарите оние кои придонесуваат за упорното триумфирање на деспотскиот општествен модел кај нас. Погледнете го Игор Џамбазов, еден од современите симболи на земјава, кој триесет пати дневно, бесрамно злоупотребувајќи купче деца зад себе, рекламира коцкарски активности. Погледнете го популарниот и често навистина духовит „алтернативен” спортски коментатор Јанко Илковски: тони сексизам, шовинизам, расизам дури, коишто толку благопријатно ги драшкаат ушите на потонатите Македонци. Токму неразбирањето на Јанко Илковски за тоа каков е посакуваниот модел за европски маж („педерчиња”, вели тој за фудбалерите што се држат за раце), најдобро зборува за тој глупав, надминат и, пред сè, во општествена смисла, деструктивен мачоизам што (под православен превез, замислете!) го фура армијата љубители на Јанко национале.

Ќе завршам со спомнатиот Катунариќ: „Потребен ни е еден поинаков, посензибилен и понежен маж. Не подложен и пасивен, бидејќи тој е прикриен тиранин, исто како и неговите женски 'колешки', сите оние домашни страдалнички кои се кадарни да поднесуваат насилство и неправди и кои ги обожуваат фашистичките водачи. Трајниот хиерархиски однос раѓа стравотна омраза меѓу луѓето. Играта на рамноправно ниво, пак, создава љубов. (...) Ако хетеросексуалниот однос и понатаму се дестабилизира, ако се зацврстува како синоним за репродукција и доминација, пред нас се отвора опасноста на тоталитаризмот.”


Форум, 14.07.2000.