Цвеќиња да, но пред сè права и слободи

08.03.2013 15:00
Цвеќиња да, но пред сè права и слободи

Цивил – Центар за слобода им го честита 8 Март – Меѓународниот ден на правата на жената на сите граѓанки на Република Македонија и светот.

Ја користиме оваа можност да констатираме дека правата и слободите на жените се грубо прекршувани секојдневно и на сите нивоа.

Официјалните политики на државните институции ја третираат жената како репродуктивно средство и како објект на субординација и декор.

На работното место, жената е често малтретирана и помалку платена.

Наспроти човековото право на државјанство, голем број жени во Република Македонија немаат државјанство иако ги исполнуваат сите услови за тоа.

Повиците за учество и застапеност на жената во политиката, односно институциите на власт со 30 проценти, Цивил – Центар за слобода ги смета за дефетистички и потценувачки. Бараме најмалку 50 проценти застапеност на жената во политиката и државните институции, соодветно на нивната застапеност во општата популација. Тоа би бил само прв чекор – улогата и застапеноста на жената не смее да биде декларативна, односно декоративна.

Понижувањето на жените во институциите, работното место, нивното место во општеството, па дури и во учебниците за основно и средно образование, мора да се промени веднаш.

Среќен 8 Март!