Одбележување на 8 март ширум светот

09.03.2013 11:16
Одбележување на 8 март ширум светот

Темата на годинешниот Меѓународен ден на жената е кампањата за запирање на насилството и злоупотребата на жените. А статистиките се застрашувачки.

Според истражувањето на Обединетите нации, 603 милиони жени ширум светот моментално се соочуваат со ризик од домашно насилство. Речиси 70% од жените искусиле домашно насилство во еден период од животот. А насилството кон жените предизвикува повеќе смртни случаи и повреди кај глобалната женска популација (на возраст помеѓу 15 и 44 години) отколку канцерот, маларијата, сообраќајните несреќи и војните.

Со ваква сериозна тема на агендата, можеби се чини индолентно да го „прославуваме“ МДЖ. Но, мислењата се поделени. За многумина, ова е политички ден, наменет за да ги истакне проблемите со коишто се соочуваат многу жени ширум светот. За други пак, ова е сентиментален настан, од типот на Денот на мајката. Некои земји имаат долги традиции на прославување, а во други се организираат уникатни настани секоја година.

Еве што се случуваше вчера во некои земји ширум светот.

Русија

Во Русија, традиционално, МДЖ се прославува во домовите. Се подготвува специјален семеен оброк, а мажите купуваат подароци за жените, пријателките и колешките – црвените рози се омилен и најзастапен избор. Во некои случаи, просветлените мажи се нудат да ги преземат сите домашни обврски во текот на тој ден, од грижа за децата до перење и готвење. Ова е неработен ден во Русија; па во многу фирми претходниот ден се прославува со мали забави и подароци. Постарите вообичаено не учествуваат во прославувањето на МДЖ – и навистина, 14% од популацијата воопшто не прославуваше во 2010 година.

Кина

Жените сочинуваат околу 46% од работната сила во Кина. Имајќи го ова предвид, МДЖ е празник само за жените. На дел од нив им е дозволено тој ден да работат половина од работното време и да примаат подароци од нивните претпоставени, на пример, билети за Кино. Истото важи и за Македонија, Мадагаскар, Црна Гора и Киргистан.

Руанда

Кампањата „Да се сретнеме на мостот“ почна на МДЖ во 2010 година, кога жените од Руанда и Конго се сретнаа на мост. Идејата беше симболички да се соединат двете земји на местото на масовниот егзодус од геноцидот во Руанда во 1994 година. Секоја група жени носи преполовена порака на којашто, откако ќе се сретнат и двата дела на пораката ќе се спојат, може да се прочита „жените ги градат мостовите на мирот“. Оттогаш, ова движење ги инспирираше жените во многу земји да се сретнат на мост на овој ден. Минатата година, преку 75.000 луѓе во 70 земји учествуваа во ваква акција; од оние што настрадале во војна и геноцид, па до жртвите на родовата нееднаквост. Оваа година повторно се сретнаа групи на мостови, од Бахамите, па до Амстердам.

Романија

Во Романија, овој ден е еквивалент на Денот на мајката, а децата им даваат подароци на нивните баби, мајки и учителки. Пријателките прославуваат организирајќи вечери и забави само за жени – совршен изговор за вечерно излегување во женско друштво.

Камбоџа

Бројот на жени и девојчиња во затворите во Камбоџа бележи огромен пораст минатите пет години, по што системот стана пренаселен во сериозни размери – се работи за надминување на неговите капацитети за 170%.

Затвореничките се најмногу изложени на последиците од овој тренд – бремените жени или мајките не добиваат посебен и соодветен третман и често се присилени да ги родат и чуваат своите деца во затворите. Едно истражување од 2011 година, покажа дека буџетот на системот овозможува само 0,70 долари за секоја затвореничка – со што треба да се покријат сите нејзини трошоци за храна, вода, струја, облека и медицинска нега.

Минатите две години, организацијата за човекови права во Камбоџа LICADHO привлече внимание врз овој проблем со тоа што дистрибуираше храна и основни намирници за затвореничките на МДЖ, а организираше и специјални настани наменети за нив, како традиционални танци и игри.

Бангладеш

МДЖ може да биде совршена прилика и за мажите да се кренат и да се спротивстват на насилството врз жените. Во 2002 година, беа регистрирани повеќе од 500 случаи на напад со киселина врз жени. Фондацијата на преживеани од напад со киселина (инаку, невладина организација) организираше демонстрации на МДЖ само за мажи, како протест против ваквите шокантни практики. Тогаш излегоа зачудувачки 5.000 мажи и нивната поддршка е во постојан пораст – машките филмски ѕвезди и играчи на крикет јавно ја изразуваат својата поддршка. Протестот на МДЖ стана редовен настан – но, во 2012 имаше речиси 100 напади со киселина врз жени.

Италија

Во Италија, жените добиваат цвеќе – жолтите мимози се традиционални, како и во Албанија. Тие се симбол на почит и израз на солидарност кон репресираните жени ширум светот.

Уганда

Уганда го прославува МДЖ со спортски активности. Националниот женски рагби тим одржа демонстрации во рамки на целодневен фестивал, а со маратонот „Трчаме за безбедно мајчинство“ се покренаа фондови за болничките оддели за мајчинство.

Фиџи

Вчера на агедната беа уметностите. Движењето за женски права на Фиџи основаше едногодишна театарска програма за девојчиња, наменета за да ги охрабри да се изразат. Оваа организација се надева дека со тоа што ќе ги учи младите жени од рана возраст јавно и гласно да се изразат, тие ќе се прераснат во самоуверени и елоквентни застапнички на женските права.

Индија

Во Индија се одржува Недела посветена на правата на жените. Овие повеќедневни прослави вклучуваат музички и уметнички перформанси, како и натпревар за избирање најдобра блогерка во Индија. Но, исто така, постои и сериозна порака, преку бесплатни медицински прегледи за жени, бесплатни гинеколошки совети и „Foot March“ – мирен протест што заврши со подарување машини за шиење на вдовиците и младите сиромашни девојки, за да им се помогне да застанат на сопствени нозе.

САД

Girl Rising е филм без преседан, во режија на Ричард Робинс. Ја раскажува приказната на девет непознати девојчиња, од девет различни држави, коишто се обидуваат да се образуваат; напишан е од девет писатели и раскажан од девет светски успешни жени, вклучувајќи ги Ен Хетавеј, Мерил Стрип, Кејт Бланшет, Фрајда Пинто и Алиша Кис. Неговата премиера се одржа на МДЖ и цели кон подигнување на свеста за моќта на образувањето девојчиња.

Освен ова, веројатно најпознатата глобално препознаена и влијателна прослава на МДЖ во Северна Америка е специјалното Google doodle во чест на вчерашниот ден – се надеваме дека го создаде една од двете жени дизајнерки на doodle во Google.

Велика Британија

Во Глазгов, локалните женски групи добија грантови како поддршка. Во Манчестер се одржа доделување награди во чест на МДЖ со цел да се поддржат локалните жени во сфери во коишто не се застапени, како што е, на пример, науката. Во Шкотска, 380 жени со различни профили се сретнаа и дебатираа во Парламентот. Во Лондон, во меѓувреме, се одржа фестивалот Women of the World, што трае пет дена и вклучува работилници, јавни дебати, концерти, дискусии и перформанси со коишто што се прославуваат достигнувањата на жените, се откриваат новите таленти и се дискутира за тешкотиите со коишто и понатаму се соочуваат жените ширум светот.

Извор: telegraph.co.uk
Слики: Tony B Conscious

ОкоБоли главаВицФото