70 години од егзодусот на македонските Евреи

11.03.2013 12:18
70 години од егзодусот на македонските Евреи

Еврејската заедница во Македонија денеска ќе одбележи 70 години од депортацијата на 7.144 македонски Евреи во нацистичкиот логор Треблинка.

Ноќта помеѓу 10 и 11 март 1943 година биле уапсени сите Евреи во Македонија и концентрирани во Монополот, денеска Тутунски комбинат, кој тогаш бил привремен концентрационен логор. Најголем дел од Евреите биле од Битола, Скопје и од Штип и по неколку семејства од помалите градови. Според евиденцијата на тогашните бугарски и германски окупаторски власти, уапсени биле 7.144 Евреи. На 11 март 1943 тие биле собрани во сточни вагони и од Битола и Штип сите заедно доведени во скопскиот Монопол, каде што останале до крајот на март во екстремно лоши хигиенски услови. Целиот имот им бил одземен, а накитот и парите конфискувани. Потоа повторно биле натоварени, помеѓу 80 и 120 во еден вагон, и транспортирани во тогаш окупираната Полска, во логорот на смртта Треблинка, каде што биле егзекутирани.

Делегации на Еврејската заедница, на Владата и на Собранието ќе положат цвеќе пред споменикот на македонските Евреи во Тутунскиот комбинат, како и пред спомениците на депортираните Евреи и на борците загинати во НОБ на гробиштата во Бутел.

Во просториите на Град Скопје ќе се одржи прием на кој претседателот на Евро-азискиот еврејски конгрес Вадим Шулман ќе и’ подари на синагогата „Бет Јаков“ во Скопје еден свиток на Тора. Во Меморијалниот центар на холокаустот на македонските Евреи вчера беше промовирана книгата „Плима и слом“ од Жени Лебл и беше отворена изложбата „Нови сведоци на холокаустот“.

Извор. www.plusinfo.mk