ЕУ да престане да подметнува сопки

11.03.2013 12:53
ЕУ да престане да подметнува сопки

Среде изборна година, Германија игра на картата што Италија, Холандија, Франција и Британија веќе ја фрлија, откривајќи дека атавистичкиот супериорен и презрив однос кон истокот е сè уште жив и здрав.

Така, официјалната изјава на германскиот министер за внатрешни работи, Ханс Петер Фридрих, со којашто предупредува дека Романија и Бугарија ќе ги дочека „вето“ на состанокот на Советот за правосудство и внатрешни работи на 7. март, претставува потврда за опресијата и внатрешните политички игри на ЕУ, што е далеку од принципот на еднаков третман за сите членки на Унијата.

Романија повторно останува во предворјето на шенгенската зона, и повторно од причини што немаат никаква врска со условите за приклучување. Несомнено е дека Фридрих (од Христијанската социјална унија), како коалициски партнер на Ангела Меркел и нејзината Демохристијанска унија, ги изразува ставовите на владеачката коалиција во Германија и го отсликува притисокот на избирачкото тело.

Легендарната праведност на Германија исчезнува кога еден од лидерите на европскиот „мотор“ ќе ги помеша внатрешната и европската политика. Зборувајќи за внатрешното изборно прашање, за распределбата на социјалната помош, германскиот министер зборува за недостатоците на визниот систем во Романија и Бугарија. „Оние што доаѓаат за да добијат социјална помош, и што на тој начин го злоупотребуваат правото на слобода на движење, мора да бидат сопрени“, коментира овој владин министер.

На сличен начин го третираа шенгенскиот проблем и поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони и поранешниот француски претседател Никола Саркози. Оваа тактика на диверзија што ја користат старите Европјани за да го одвратат вниманието на јавноста од чувствителните внатрешни прашања, им припаѓа на маневрите што ја прават ЕУ сè помалку и помалку веродостојна, затоа што е сè помалку и помалку способна да ги решава сопствените проблеми.

Се разбира дека отворениот став на Британија за непочитувањето на европските договори за овозможување пристап до пазарот на трудот за Бугарите и Романците, почнувајќи од 1 јануари 2014 година, исто така ја потврдува оваа деструктивна тенденција на Унијата. Служејќи се со горчлив јазик, премиерот Дејвид Камерон ја поддржува идејата за инвазијата на работници од овие две земји што негативно ќе влијае врз вработувањето на Британците. И тој игра на истиот џокер – стравот од странците – за да го поправи својот имиџ во земјата.

Ништо од ова не би било можно, ако владата во Букурешт постапуваше коректно во внатрешната политика и кон својот народ. Ниеден романски министер за надворешни или внатрешни работи нема да плати за неуспехот на владата, ниту пак за навредливиот третман што земјите на ЕУ го манифестираат кон европските граѓани со романско потекло.

Според романскиот министер Титус Корлатеан: „Романија де факто ги осигура своите граници кон ЕУ уште кога пристапи кон Унијата во 2007 година...Техничката процена покажува дека сите шенгенски услови се спроведени на истоветен и правилен начин“. Токму затоа, нормало е да се запрашаме зошто на ЕУ толку ѝ пречи Романија? Уште колку технички прашања ќе се употребат како средство за политичка и економска уцена?

Реакцијата на министерот за надворешни работи (којшто вели дека Букурешт „нема повеќе да биде заинтересиран“ во случај на уште едно вето), поддржана од премиерот Виктор Понта, а осудена од претседателот Трајан Базеску, јасно ја одразува социјалната реалност, со прецизност како онаа на Ханс Петер Фридрих: Романците, кои сфаќаат што сè е неизвесно, веќе се уморни од европската политика на уценување.

Во февруари, вознемирена од ставот на Турција – членка на НАТО и важен партнер на рспаќето меѓу истокот и западот – Ангела Меркел отпатува во Анкара за да разговара со турскиот премиер, што сега повнимателно гледа кон Азија и Кина, откако преговорите за пристапување кон ЕУ, по сè изгледа, се развлекоа до недоглед.

Излегува дека е можно лидерите на земјите на ЕУ да одговараат и на притисокот на западот кон истокот, и на оној во обратниот правец. Затоа што во време кога Британија повикува на референдум за излез од Унијата, можеби Романија би требала да престане безусловно да прифаќа да биде мета на уцените на моќните земји на ЕУ.

Поглед од Германија – чувајте се од предрасуди

По забелешките на германскиот министер за надворешни работи, Ханс Петер Фридрих, за емигрантите од другите европски земји, германскиот печат ги критикуваше предрасудите кон Романците, Бугарите, а особено кон Ромите од овие земји,

Во текстот со наслов „Шест вистини за Ромите во Германија“, таблоидот Bild пишува: „иако многу мигранти се сиромашни, па некои од општините со високи долгови мора да трошат милиони евра за да ги спасуваат, не постои масовна миграција“ на Ромите во Германија.

Bild пишува дека „80% од мигрантите од Бугарија и Романија нашле стабилна и постојана работа“, и дека не постојат статистички податоци за застапеноста на Ромите меѓу бугарските и романските криминалци.

Die Tageszeitung пишува: „Квалификуваните Романци и Бугари доаѓаат овде за да работат. Меѓутоа, факт е дека сите не успеваат да најдат вработување...Да се зборува за „ромски експрес“...претставува гадна инсиунација што никако не е случајна. Подготвеноста сопствената благосостојба секогаш да се смета за загрозена е типично германска одлика...Понекогаш Грците се заканата, понекогаш азилантите, но никој не се вклопува во тој шаблон подобро од Ромите. Ниедна група не предизвикува толку негативни асоцијации, а Демохристијанската унија се потруди со сите сили така и да остане.

Извор: presseurop.eu, Jurnalul Naţional

ОкоБоли главаВицФото