На Марс постоеле услови за живот

13.03.2013 11:00
На Марс постоеле услови за живот

Американската агенција за истражување на вселената (НАСА) соопшти дека роботското возило Кјуриосити на Марс пронашло минерална глина, која настанува под влијание на неутралната вода.

Научниците велат дека ова е уште еден показател кој укажува на тоа дека во далечното минато на Марс владееле услови во кои е можно да постоел живот.

До сега во многу испитани карпи се пронајдени траги од кисела вода, во која животот би можел да се развие значително потешко отколку во неутрална вода.

Постоењето на глината покажува дека на некои места на Марс пред неколку милијарди години владееlе услови кои овозможувале постоење на живот.

„Пронајдовме опкружување кое е населиво, во кое би можел да опстане живот. Ако сте биле таму во времето кога таа вода постоела, веројатно би можеле да ја пиете“, изјави Џон Гроцингер, научник од програмата Кјуриосити.

Роботот во својата мини-лабораторија ја проучил правта до која дошол со дупчење на карпата во кратерот Гејл на екваторот на Марс.

Со анализата е утврдено дека во правта има сулфур, азот, хидроген, кислород, фосфор и јаглерод, што се некои од клучните елементи за животот.

Исто така, пронајдени се оксидирани материи, што значи дека во тоа опкружување се движеле електрони. Тоа би можело да биде извор на енергија на едноставни облици на живот.

Претходно Кјуриосити откри одамна исушено речно корито, во кое водата некогаш течела со голема брзина и била длабока околу еден метар.

Извор: klix.ba