Мрачното минато на Виенската филхармонија

13.03.2013 12:15
Мрачното минато на Виенската филхармонија

Виенската филхармонија позната ширум светот, пред неколку дена најави дека ќе објави долго чувани детали од својата историја за време на нацистичкиот период, после бројните притисоци и обвинувања дека го прикрива неславното минато. Во меѓувреме, некои детали до кои дошла тричлената комисија од историчари веќе излегоа во јавноста.

Оркестарот познат по Новогодишниот концерт кој се пренесува директно секоја година во повеќе од осумдесет земји, има помалку познато минато како инструмент на нацистичката пропаганда од 1939 година. Речиси половина музичари од Виенската филхармонија за време на Втората светска војна биле зачленети во Нацистичката партија, покажуваат новите податоци.

Со децении оваа филхармонија дозволуваше само ограничен пристап до своите архиви. Меѓутоа, политичкиот притисок доведе до основање на тричлена комисија историчари, на чело со Оливер Ратколб, кои го истражуваа периодот помеѓу 1938 и 1945 година. Ратколб исто така се обиде да ја реши мистеријата околу почесниот прстен доделен на нацистичкиот управител на Виена, кој ја надгледувал депортацијата на илјадници Евреи.

Исто така, историчарите откриле дека тринаесет музичари биле исфрлени од оркестарот бидејќи имале еврејско потекло или биле во брак со Евреи.

Еден од членовите на Комисијата, историчарот Фриц Трумпи, вели дека Новогодишниот концерт е смислен за време на нацистичкиот режим. Ретко кога во тој период филхармонијата изведувала дела од семејството Штраус, како што е валцерот „Синиот Дунав“. Новогодишниот концерт служел за промоција на нацистичката пропаганда за посакуваниот имиџ според замислата на Јозеф Гебелс. Тој во своите дневници пишува дека австриската метропола би требало да биде видена како град на културата, музиката и оптимизмот.

Комисијата го објави својот извештај на интернет страницата на Филхармонијата, а тој содржи за прв пат објавени детали за исфрлувањето на тринаесет музичари кои се отстранети од оркестарот поради своето еврејско потекло или противењето на анексијата на Австрија кон Третиот рајх. Од тие тринаесет музичари, петмина умреле во концентрациони логори.

Бернардета Маерхофер, историчар на виенскиот Универзитет, истакнува дека исфрлувањето на еврејските музичари почнало дури и пред 1938 година под австро-фашизмот, период во кој власта во Виена била ориентирана кон италијанскиот сосед.

Исто така, изнесени се детали за доделувањето на „прстенот на честа“, признание кое во 1942 година му е врачено на Балдур фон Ширах, нацистичкиот управител на Виена кој ги затворал очите пред депортацијата на десетици илјади Евреи. На Ширах му е направена и копија од „прстенот на честа“, бидејќи го изгубил оригиналот, откако е пуштен од затвор поради злосторства против човештвото.

Историчарите со години бараа да се открие идентитетот на човекот кој му го дал вториот прстен на Фон Ширах. Според наодите на историчарот Вилијам Бетлејм, кој е интервјуиран во еден документарен филм на таа тема, човекот за кој станува збор е Хелм Вобиш, трубач кој бил член на Нацистичката партија и подоцна на озлогласените Хитлерови СС дивизии. Вобиш е отпуштен во 1945 година, но шест години подоцна ја продолжил својата кариера.

Откривањето на повторното доделување на прстенот на нацистичкиот злосторник излезе на виделина дури неодамна. Неговиот син Рихард пишува за тоа во книга објавена во 2004, но одбива да го каже името на човекот кој му го дал прстенот на татко му.

Директорот на оркестарот Клеменс Хелберг беше обвинуван поради тоа што не вклучил детали за нацистичкото минато на филхармонијата во неговата книга „Кралеви на демократијата“ од 1992, која се смета за официјална историја на оркестарот. Хелберг во својата историја го избегнал овој „инцидент“ тврдејќи дека немал пристап до сите важни документи кога го пишувал своето дело.

Пред неколку дена, тој изјави дека извештајот на историчарите „одамна доцни“, но додаде: „сега знаеме дека сите заедно сме на истиот пат“.

Во изминатите години Виенската филхармонија се најде во жариштето на интересот и стана мета на критики поради неоддавањето признание на еврејските музичари кои биле дел од нејзината историја, како и негирањето на колаборацијата со нацистите. Во врска со тоа, побарано е оркестарот да ги отвори сите архиви и да започне со анализа на минатото. Комисијата историчари за помалку од два месеци ја заврши својата работа врз основа на одлуката на управата на Филхармонијата од јануари оваа година, да се посвети на расветлување на минатото.

Извор: e-novine

ОкоБоли главаВицФото