Кина: непријател на интернетот број 1

13.03.2013 13:08
Кина: непријател на интернетот број 1

По повод Светскиот ден на борбата против интернет цензурата, што беше одбележан на 12. март, Репортери без граници објави извештај за „државите непријатели на интернетот“. Меѓу нив, се истакнуваат Кина и Иран.

Диктаторските режими на разни начини продолжуваат да ги контролираат и цензурираат медиумите, а освен Кина и Иран, за најголеми непријатели на слободата на интернетот се сметаат и властите во Бахреин, Сирија и Виетнам.

Како што наведуваат Репортери без граници, чиешто седиште е во Париз, владите на овие пет држави активно се вклучени во контролирањето на инфромативните медиуми, што резултира со сериозни прекршувања на човековите права и на правото на слобода на информирање, пишува Deutsche Welle.

Сè позастапената контрола и цензура нанесува сериозна штета на моделот на интернет што уште од почетоците го конципирале неговите создавачи, а тоа е интернетот што ги победува границите и е слободен простор за размена на информации и мислења, наведуваат Репортери без граници.

Со 30 новинари и 69 блогери и интернет активисти во затвор, Кина е на прво место во светот според бројот на оние на коишто им е одземена слободата поради нешто што го напишале. Таа држава ја цензурира, контролира и филтрира секоја информација за којашто ќе процени дека би можела да биде чувствителна.

Халал интернет

Сепак, борбата на кинеските власти против „cyber слободата“ не ја спречи експанзијата на социјалните мрежи, блоговите, микроблоговите и форумите во Кина, вели професорот од катедрата за новинарство и комуникаија при Универзитетот во Пекинг, Ху Јонг.

Микроблоговите се значајни затоа што кратките пораки што лесно се „шеруваат“ (се шират) на интернет, им помагаат на новинарите и граѓаните да имаат поинаква слика за Кина од онаа што им ја нудат државните медиуми, укажува Ху Јонг.

Тој оценува дека за милиони Кинези, микроблоговите за прв пат им овозможиле слободно да го искажат своето мислење и да имаат пристап до вести или коментари на милиони луѓе ширум светот. Според него, во Кина таквите содржини често се запираат и блокираат, но тешко е да се укинат во целост.

„Таквите трендови ветуваат понатамошен напредок кон независно и живо граѓанско општество во Кина“, вели Ху Јонг.

Според интернет цензурата, зад Кина не заостанува ни Иран, чиишто власти со години сериозно ги контролираат cyber информациите, а Техеран отиде дотаму што изрази желба еден ден за своите граѓани да создаде „халал интернет“.

Иранскиот блогер Араш Абадпур, што моментално живее во Канада, вели дека властите во Иран се одлучуваат на цензура делумно и поради тоа што стравуваат какви последици на нивна штета би можело да има слободното ширење информации. „Иран се плаши од интернетот и поради тоа властите го ограничуваат инвестирањето во инфраструктурата“.

Извор: slate.com