Сведоштво за сиромаштијата

14.03.2013 09:09
Сведоштво за сиромаштијата

„Реконструкцијата и обновата на социјалната држава се неопходни. Но тоа не значи дека треба да и’ зададеме смртоносен удар, туку станува збор за зачувување на нејзината суштина.“ Ова го рече Герхард Шредер претставувајќи ја „агендата 2010“ нa 14 март 2003.

Десет години подоцна е јасно дека оваа цел не е остварена. Социјалната држава еродираше. Германија е на пат кон класното општество. Треба да се навикнеме на овој поим. Времињата во кои социјално-политичкиот капитализам олицетворен во реченицата на вториот канцелар на повоена Германија, Лудвиг Ерхард, „благосостојба за сите“ се чинеше барем малку можен - се минато. Ерата на социјалната пазарна економија е зад нас.

Во Германија дојде до големо развластување, но не на богатите, туку на граѓаните. „Извештајот за сиромаштијата на германската влада“, кој е претставен минатата недела е идеален доказ за тоа. Само, ќе мора да се потрудиме да ја откриеме тажната порака на овој извештај, бидејќи владата последниве месеци жестоко се потруди да ја разубави вистинската состојба на нештата.

Но, не можеше да ја сокрие вистината. Германија е неправедна земја. Во 1970 година 10% од населението поседуваше 44% од вкупниот нето имот во (Западна) Германија, а во 2011 66%. Општите даноци како данокот на заработка и ДДВ сочинуваат 80% од даночните приходи, а даноците на корпорација и капитална добивка само 12%. Речиси 8 милиони луѓе во Германија работат во сектор со ниска заработувачка, а 12 милиони од нив живеат на или под границата на сиромаштија. 25% од сите вработени во Германија работат т.н. несигурни работи: договори на одредено време, по учинок, пракса. Секое второ новоотворено работно место е работно место на неодредено време.

Можеме да продолжиме со изнесување слични статистики; многу од нив се наоѓаат во овој извештај, а другите може да ги најдеме во истражувањата на социолозите. Сето тоа всушност е одамна познато. А повеќето луѓе само рамнодушно ги креваат рамениците. „Не ми е јасно зошто толку малку луѓе се бунат против непропорционалниот пораст на заработувачката и имотот“, се чуди социјалниот историчар Ханс-Улрих Велер.

Меѓутоа, Велер би требало да го знае одговорот, бидејќи што се броевите во споредба со интересите? Што е стварноста во споредба со структурите на моќта? Индустријата, владејачките партии, повеќето медиуми, пристрасните истражувачи и институти, сите тие помагат во негирањето и игнорирањето на фактите. Картелот профитери е толку моќен што повеќе и не мора да обрнува внимание на стварноста, туку може да создава сопствена.

А ако ни тоа не помага, посегнуваат по аргументот дека парите не нѐ прават среќни. Така, неодамна во Бундестагот, по повод расправата за претстојниот извештај за сиромаштијата, пратеникот на ЦДУ, Матијас Цимер, изјави: „Целата расправа премногу се занимава со материјалните фактори.“

Пред наши очи веќе одамна се одигрува крах на ова општество. Се распаѓаат улиците, училиштата, градовите. На раскрсниците среќаваме луѓе како копаат по контејнерите во потрага по шишиња, за да заработат некое евро од кауцијата. Но, нè научија повеќе да не им веруваме на своите очи и да ја сметаме неправдата за неопходна, а безумието за разумно. И сето тоа само за остварените приходи да се слеваат кон горните слоеви, со истовремено прикривање дека тоа навистина се случува.

Тоа е систем на лага. Идеолозите на неолиберализмот говорат за заслугите за кои следи награда. Но, ние не живееме во општество на заслуги. Ние живееме во корпоративна држава. Во својата агенда-говор Шредер рече: „Во овој миг изгледите некое дете од повисоките слоеви да учи во гимназија се шест до десет пати поголеми од оние на децата од работничките семејства. Мора да го промениме тоа.“ А денес, десет години подоцна, претседателот на СПД, Зигмар Габриел, вели: „Оваа социјална држава мора да направи сѐ за нашето потекло да не ни ја одредува судбината.“

Социјално-политичките цели не се остварени. Но затоа економско-политичките се. Политиката на агенди, која ја осмисли Шредер, а Меркел ја продолжи, ја засилува германската економија, но затоа ги ослабе Германците.

На своите најпотресни страници, извештајот сведочи за целосно губење на илузиите кај луѓето. На прашањето за причините за нечие богатство, само една четвртина од испитаниците ги наведуваат исклучителната способност и напорната работа. Од друга страна, далеку поголем број сметаат дека главните причини се потеклото (46%) или социјалните врски (39%), додека оние најдлабоко разочараните ја наведуваат превртливоста (30%) или неправедноста на економскиот систем (25%).

Што е пострашно, тоа што овие луѓе се реални до таа мера или што се толку пасивни?

Извор: Spiegel, 11.03.2013.
Фотографии: Тамира Кросли

ОкоБоли главаВицФото