По што е познат новиот папa Хорхе Марио Берголио

14.03.2013 09:22
По што е познат новиот папa Хорхе Марио Берголио

Аргентинскиот кардинал Хорхе Марио Берголио е избран за нов католички поглавар. Тој е 266 папа по ред и прв папа кој доаѓа од Латинска Америка.

Новиот папа го избра името Фрањо I, што значи дека првенствено ќе се залага за помагање на сиромашните. Овој скромен Аргентинец со конзервативни ставови е роден на 17 декември 1936 година и е дете на италијански родители. Неговиот татко Марио бил железнички работник, а мајката Регина била домаќинка.

Растел во семејство со пет деца, а студирал на Филозофскиот и теолошкиот факултет во Сан Мигуел. Бил професор по теологија, а по завршувањето на факултетот во 1992 станал бискуп на Буенос Аирес, а во 1998 надбискуп. Живеел во скромен стан надвор од главниот град на Аргентина, си готвел сам, а викендите ги поминувал во осаменост. Често ги посетувал сиромашните и патувал пеш.

Откако е прогласен за кардинал одучил да не купува нова облека, туку ја носел онаа која му ја дале претходните кардинали. Често патувал со автобус, а кога дошол во Рим патувал со економска класа.

Се залагал за основање нови парохии и покренувал иницијативи за нови пасторални програми, како што е комисијата за развод на бракови.

Коавторката на биографијата на Берголио, Франческа Амброгети, го опишува како умерена личност која се држи подалеку од медиумското внимание, а длабоко е загрижена поради социјалната нееднаквост во Латинска Америка и во другите делови од светот.

Се залага за конзервативните ставови на Католичката црква и познат е како остар противник на абортусот, истополовите бракови, еутаназијата и контрацепцијата. Откако во 2010 година Аргентина ги легализираше истополовите бракови, Берголио испрати писмен протест до властите, во кој ги предупредува дека таквиот потег „сериозно ќе го загрози семејството“.

Да се потсетиме: кога во 2005 година се бираше поглавар на католичката црква, Аргентинецот беше главен конкурент на тогаш избраниот Јозеф Рацингер т.е. Бенедит XVI.

Новиот лидер на 1,2 милијарди римокатолици на оваа функција го очекуваат бројни искушенија, посебо кога станува збор за борбата против скандалите и внатрешните судири. На местото папа официјално ќе биде поставен на 19 март.

Извор: www.guardian.co.uk