Чавез. А што потоа?

15.03.2013 09:12
Чавез. А што потоа?

Пред една недела, на 5 март, по долга борба со рак почина Венецуелскиот ’команданте’ Хуго Чавез. Чавез е една од последните контрадикторни личности од тој вид кон кого ретко кој беше индиферентен. Без разлика на тоа во која група на луѓе припаѓаат, оние кои го обожаваат или оние кои остро го критикуваат, сите беа едногласни околу неговите лидерски способности и харизматичност.

Интересно, неговата долга политичка кариера започнува со неуспех, кога во 1992 година заедно со уште неколку други генерали од војската не успеваат со државен удар да го симнат од власт тогашниот демократски избран претседател Карлос Андрес Перез. По таквиот неуспех и две години поминати зад решетки, Чавез успеа да се врати и во 1998 на демократски начин да стигне таму каде што не можеше на воен. Кога еднаш се качи претседателската позиција, ништо освен смртта не успеа да го симне.

Анализирајќи го неговото 14-годишно владеење, можеме да речеме дека тоа не е целосно неуспешно и негативно како што сакаат да го претстават повеќето западни медиуми. Мораме да признаеме дека има и доста позитивни реформи коишто беа дури и пофалени од страна на неколку видни конгресмени во САД, па дури и поранешниот претседател Џими Картер. Кога би морале поконкретно да го оцениме неговото владеење, би рекле дека покрај долгорочно неодржливата економска политика, можеме да видиме позитивни чекори во социјалната политика и неколку успеси во надворешната политика.

Венецуела е држава со најголеми резерви на нафта (поголеми и од Саудиска Арабија) и затоа е и една од државите која страда од т.н. Холандска болест. Холандска болест е ситуација во која цената на одредени природни ресурси коишто некоја држава ги поседува во големи количини ќе порасне, со што расте побарувачката за и вредноста на нејзината валута, што потоа доведува до пад на конкурентноста на другите индустриски сектори во таа држава. Тоа ја отежнува диверзификацијата на економијата и доведува до уште поголема зависност на државата од извозот на тие природни ресурси. Токму тоа, заедно со уплашеноста и бегањето на странските инвеститори заради национализацијата, ја доведе Венецуела во ситуација да биде премногу зависна од извозот на нафта којшто моментално представува околу 90% од вкупниот извоз на земјата. Интересно е тоа што и покрај порастот на цената на нафтата заради зголемената побарувачка од страна на државите во развој, во спротивно со останатите ’нафтени држави’, Венецуелскиот буџетски дефицит во периодот од 2007 до 2012 порасна од 2.8% од БДП на 16% од БДП. Тоа покажува дека наместо паметно долгорочно инвестирање на профитите добиени од извозот на нафта, Чавез се одлучи за краткорочно задоволување на своето гласачко тело преку неколку социјални програми.

Мораме да признаеме дека дел од социјалните програми беа навистина успешни и доведоа до подобрувања во неколку сфери, но и нивното финансирање е зависно од економската состојба во државата, која на долг рок не изгледа баш добро. Точно е дека за време на неговото владеење сиромаштијата во Венецуела се намали за 60%, дека здравствените услови се исклучително подобрени за што е показател и намалената смртност на новороденчиња, дека 100% од населението е писмено и дека се изградија социјални домови за голем дел од бездомните и сиромашните, но дали е сето тоа економски одржливо? Задолженоста на државата и државната нафтена компанија, која финансира голем број од социјалните програми се зголеми четирикратно во последните 7 години и изнесува 140 милијарди долари (од кои 40 милијарди се кредити од Кинеската Банка за Развој). Тука се поставува прашањето, дали е Хуго Чавез уште еден од бројните светски водители обожавани во свое време, коишто зад себе оставаат хронични проблеми со коишто мораат да се справуваат нивните наследници?

Во поглед на надворешната политика Чавез, по примерот на неговиот идол Симон Боливар кој во XIX век играл главна улога во борбата за независност на Јужна Америка од Шпанските колонизатори, постојано се бореше за обединетост на државите од Јужна и Централна Америка и нивна независност во однос на САД. Чавезовиот ’социјализам на XXI век’ не успеа да стане пример за другите земји од јужниот дел на американскиот континент, коишто повеќе се вртат кон Бразил, Чиле и Мексико при барањето на добри пракси. Сепак, Чавез успеа да даде голем придонес при формирањето на две регионални меѓународни организации, Унијата на Јужноамерикански Држави и Заедницата на латиноамерикански и Карибски Држави, каде што за разлика од Организацијата на Американските Држави не членуваат САД и Канада. Покрај тоа, Чавез обезбедуваше неколку неразвиени централно и јужно американски држави со субвенционирана нафта по доста поволни услови. Така, Куба добива годишно околу 3 до 4 милијарди долари субвенционирана нафта што претставува значаен дел од Кубанската економија и е една од главните причини зошто Кубанскиот систем успеа да опстане по распадот на Советскиот сојуз. Никарагва добива субвенционирана нафта во вредност од околу половина милијарда долари, додека Хаити реши дури и да препродава одреден дел од субвенционираната нафта по пазарна цена со што добива околу 400 милиони долари годишно, што претставува околу 4% од нивниот БДП. Помагањето на режимот на Кастро, добрите односи со режимите во Иран, Кина и Русија и национализирањето на неколку американски компании во Венецуела доведоа до поддршка од страна на САД за неуспешниот државен удар за симнување на Чавез во 2002. Односите со САД постојано се влошуваа за време на администрацијата на Буш и кулминираа во 2010 година, кога Чавез го прогласи американскиот амбасадор за ’персона нон грата’. Сето тоа се случува и покрај непрестаниот извоз на нафта во САД којшто представува 40% од нафтениот извоз на Венецуела и 10% од нафтениот увоз на САД. Тоа значи дека Американците нема да престанат да се трудат да играат улога во внатрешните работи на Венецуела, особено сега по смртта на Чавез и на претстојните претседателски избори.

Секој добар лидер размислува за времето по крајот на неговото владеење и за својот наследник. Така и Чавез, пред своето последно заминување на терапија во Куба, го назначи својот заменик, Николас Мадуро, како свој наследник. Колку Мадуро ќе успее да ја одржи обединетоста во социјалистичката партија, која е составена од повеќе фракции (сиромашни, војска, бирократија и бизнис елита) е прашање чиј одговор ќе го дознаеме на претстојните претседателски избори во април. Иако нехаризматичен, Мадуро ја има како предност веќе оформената база која му ја остави Чавез, а и моменталното чувство на жалење и сочувство за починатиот претседател. Но, тоа не значи дека кандидатот на опозицијата Хенрике Каприљес, кој на последните избори во октомври изгуби од Чавез за само 11%, не може да изненади.

Без разлика на резултатите од изборите, Венецуела се наоѓа во ситуација каде што успешноста и одржливоста на социјалните програми и добрите надворешни односи со латино-американските држави се зависни од економскиот развој на земјата. Фискалниот дефицит наложува постепено реформирање на социјалниот систем. Исто така потребно, е и намалување на регулацијата и подобрување на условите за приватниот сектор. Замрзнувањето на цените на одредени производи наместо поголема достапност за сиромашните слоеви, доведува до контра-ефекти и недостаток на производите на пазарот заради неисплатливоста на приватниот сектор да произведува и продава по тие цени. Инфлацијата, која изнесува 25%, создава несигурност кај приватниот сектор и го демотивира да инвестира. Преголемата регулација на пазарот на работна сила, со која државата, сакајќи да одржи ниска невработеност, не им дозволува на компаниите да отпуштаат работници под никакви услови, доведува до намалување на продуктивноста на работната сила и висок степен на отсуства од работа. Решавањето на сите овие проблеми, заедно со постепено пренасочување на приходите од извозот на нафта кон долгорочни инвестиции и диверзификација на економијата, треба да придонесе за одржување на системот кој навистина направи многу за најнесреќниот дел од општеството.

Венецуела е уште еден пример дека економски систем воден во голема мера од страна на државата не може да опстане во глобализиран свет каде скоро сите држави, па дури и неколкуте преостанати комунистички режими, веќе имаат пазарен систем.

ОкоБоли главаВицФото