1017 hPa
38 %
23 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 15:59
КООПЕРАЦИЈА
Ве поканува на изложбата:
Каде се сите?
16. 03. 2013, сабота, 19:00
(изложбата ќе биде отворена само вечерта до 22:00)
Локација: Туристички сојуз на Скопје, ул. Даме Груев, бл.3, бр.5 (мезанин), Скопје.
Учесници: Дијана Томиќ-Радевска, Мирна Арсовска, Христина Иваноска, Ивана Драгшиќ, Александар Спасоски, Оливер Мусовиќ, Игор Сековски, Борис Шемов, Симон Узуновски, Никола Узуновски, Игор Тошевски, Ѓорѓе Јовановиќ, Филип Јовановски, Владимир Јанчевски
и
Уметност и/или политика: Двојното кодирање како предизвик или парадокс?
јавна дискусија, која ќе се одржи на истата локација, на 17. 03. 2013 (недела), со почеток во 12:00
Учесници:
Проф. д-р Небојша Вилиќ, историчар на уметност
М-р Сафет Ахмети, историчар на уметност
М-р Харалд Шенкер, аналитичар
Модератор: Владимир Јанчевски
Во време на драматични општествени и политички превирања, секогаш се издигнува дилемата: дали да се поставуваат прашања, или пак, е крајно време да се даваат одговори. Токму во оваа состојба на „итност“ на глобално ниво, сè почесто се поставува прашањето за политичката улога на уметноста и нејзиниот критички однос кон прашања кои се од важност за целокупниот општествен систем. Нивното преиспитување, во име на изнаоѓање на нови вредности, неизбежно доведува до преиспитување не само на внатрешната автономност на уметничкото (како проект на модерната), туку и на автономијата на уметникот, да дејствува како уметник, по сопствено убедување, спремен да се соочи со сите последици. И светот на уметноста, без оглед на строгата специјализација на сопствениот дискурс, била, и е, борбено поле со силно изразени антагонизми кои најчесто се резултат на спротивставени дискурси. Тоа што во теоријата е одамна елаборирано, станува сè појасно и сè повеќе влијае и врз уметничката пракса: таа, уметноста, без разлика дали ги тематизира политичките релации, имплицитно или експлицитно е политика. Свесноста за ваквата состојба, го насочува дејствувањето на уметникот кон политичкото и ја отвора можноста за искористување и на ова средство за еманципација и отпор против потчинувањето од страна на сеопфатниот општествен спектакл.
Во нашиот локален контекст, современата уметност е во постојана состојба на маргиналност, а уметникот е приморан да изнајде начин како да ги надмине антагонизмите во сопствениот домен, истовремено обидувајќи се да ги лоцира, да ги разбере и да се обиде да даде одговори и на противречностите во поширокиот општествен контекст. „Каде се сите?“, е прашање насочено кон можностите за дефинирање на улогата на уметничкиот чин како критички чекор свртен кон деконструкцијата на системите на моќ, но и обид за креирање на паралелени, алтернативни простори за делување. Имајќи предвид дека се срушени сите илузии дека уметноста може да биде сфатена како домен целосно издвоен од животот, „Каде се сите?“ се обидува да проговори за специфичните услови во кои уметникот се обидува да го дефинира и проблематизира уметничкото во рамки на политичкиот дискурс. Оттука, неминовно се потврдува и значењето на дијалогот помеѓу уметникот и публиката, токму преку делото, имајќи ги предвид сите можни ограничувања во рамки на еден исклучително исполитизиран свет на конфронтации и поделби. Уметниците, во метафоричка смисла, отсекогаш својот приватен простор го претворале во јавен преку споделување. Но денес, кога јавниот простор и глобално и локално е под удар на корпоративниот маркетинг и политичката пропаганда, уметниците се принудени тоа да го сторат и буквално, претворајќи ги сите достапни приватни простори во јавни, еден вид заеднички арени каде индивидуалните ставови и вредности би можеле да се преиспитуваат токму преку интензивирана комуникација.
КООПЕРАЦИЈА се заблагодарува на Бојана Јанева-Шемова и Туристички сојуз на Скопје за отстапениот простор.
www.kooperacija.info