Црна смрт

15.03.2013 12:14
Црна смрт

Дали некогаш сте се запрашале како би се развила Европа ако одреден настан од историјата не се случел? Или ако просто се случело нешто друго? На развојот на мислата, нормално, влијаат безброј фактори, како општествени, така и вонопштествени. Бубонската чума од XIV век била еден од таквите настани, нешто на кое никој не сметал, за кое никој не бил подготвен, а влијанието кое чумата го имала се чувствува и до денес.

Можеме да шпекулираме за тоа на што би личела Европа ако црната смрт не дошла во неа. Оваа болест не бирала - луѓето умирале масовно, популациите биле десеткувани, некои дури и избришани од лицето на земјата. Болеста стигнала од Азија, преку денешна Турција, на бродовите кои заено со заразените глувци, а набрзо и луѓе, се закотвиле во јужните пристаништа на Европа, од Гибралтар до Апенинскиот полуостров. Патот на смртта набрзо почнале да го следат и Лондон, Виена и Киев, додека чумата на крајот се проширила и во Скандинавија.

Интересно е како чумата влијаела на развојот на јазикот (да!) во Скандинавија, поточно во денешна Норвешка. Оваа болест речиси веднаш го збришала тамошното население. Без многу задршка може да се тврди дека население во Скандинавија речиси повеќе немало. Високата класа буквално изумрела; не останал речиси никој. Преживеале само оние луѓе кои живееле далеку од остатокот на светот, изолирани во планините и фјордовите на скандинавскиот планински венец, бидејќи немале контакт со болниот свет. Затоа кај нив и се задржале старонорвешките говори, додека на југот и истокот на Норвешка се развил т.н. бокмал, јазик кој во суштина не е ништо друго туку лошо пренесен дански, бидејќи набрзо по големата чума започнало зголеменото данско влијание на Норвешка - просто, тој појас станал „слободен“ за населување и културно влијание. Поради сево ова дошло и до развој на два „вариетети“ на норвешкиот јазик, т.е. различна пишана култура и книжевност во денешна Норвешка. Разликата за која зборуваме е разлика помеѓу старонорвешките дијалекти групирани под името „нинорск“, што парадоксално се преведува како новонорвешки, и данскиот, книжевен дијалект бокмал, кој се говори во Осло. Лингивстички, зборуваме и за јазикот кој е често категоризиран како данско-норвешки (Dano-Norwegian). Накратко, една лоша болест имала влијание кое и денес се гледа во таа земја.

Во остатокот од Европа дошло до краткотраен интелектуален копапс. Смртта била насекаде, па било практично невозможно да се размислува за што било друго. Дошло и до повторно прогонување на Евреите - впрочем, кого да обвините за масовниот помор ако не Евреите, вековните дежурни виновници. Во февруари 1349 година дошло до масакр на две илјади Евреи во Стразбур, додека во Келн биле убиени сите до еден. Учените луѓе и владетелите не стигнале ни да се свртат околу себе, а камо ли да почнат да размислуваат за причините за болеста, додека на некои места била мртва повеќе од половина од популацијата. Поради недостиг од знаење, во комбинација со религијата и празноверието, дошло до мистични објаснувања како што се астролошките; дури се наоѓале и начини да се обвинат земјотресите ако немало доволно Евреи (за кои се сметало дека ги „затруле изворите со вода“).

Дошло и до опаѓање на моќта на црквата, која никако не успеала да му помогне на народот кој умирал, иако од неа тоа се очекувало. Се развиле редовите на „флагелантите“ кои самите се камшикувале, „преземајќи“ ја казната за туѓите гревови како „метод“ на борба. Не треба ни да се нагласува колку јалово било тоа.

Сума сумарум, околу стотина милиони луѓе за кратко време умреле. Европа се променила и социолошки, и демографски, и интелектуално, а нам ни останува да шпекулираме за тоа што би се случило ако чумата не ја посетела Европа и колку бистри умови убила.

Извор: Danas

Слични содржини

Европа / Балкан / Историја
Европа / Теорија / Историја
Европа / Историја
Европа / Теорија / Историја
Европа / Теорија / Историја
Европа / Балкан / Историја

ОкоБоли главаВицФото