Допирање

16.03.2013 14:20
Допирање

Оваа одредница, како што гласи и нејзиниот назив, не го обработува допирот, туку „допирањето“. Не го обработува ни значењето на посебен тип или регистар сензибилитети, различен од другите регистри како што се слухот или видот, и кој е подложен на анализа низ подрегистрите како што се перцепцијата на топлината, текстурата или вибрациите на допрените површини. „Допирање“ – глаголска именка – означува, пред сè, движење преку кое едно тело доаѓа во контакт со некое друго тело. Контакт – тоа е, генерално, досегнување или размена на досегнувања – сам по себе е дефиниција на „допирањето“, како заедничко присуство на две тела и истовремено го дефинира телото како нешто што може да стапи во контакт (или допир): и навистина, телото не може да оди подалеку од контактот, а притоа да не ги промени, поништи, расипе или разложи својствата на своето тело.

Ако телото премине на контакт, ако продре, ако пребарува или освои, или ако само допушти да биде освоено од друго тело, тоа менува, го менува или другото тело, или себе самото, или двете заедно. Генерално, правецот на тоа пречекорување, дури и ако не се поклопи во целост, води кон впивање, проголтување, примање храна или кон инкорпорација. Со тоа, телото се менува во една друга телесност. Тој сплет на телата, при што намерно се оди во правец на концентрација, евапорација или општа сублимација на телата во нешто што веќе нема да може да биде „тело“ доколку притоа едното не се разликува од другото: резултатот – прифаќањето или отфрлањето – на оваа концентрација ќе се нарекува никако поинаку туку „дух“. А духот не е ништо друго туку премин на телата или повеќе целини во единство што понира во себе, за коешто, главно, не постои никаква надворешност. Духот не е ограден од ништо: тој впива во себе сè или се претопува во нешто надвор од себе.

Всушност, пример што го објаснува ова е најопштата претстава за сексуалниот однос како контакт што треба да се заврши со пенетрација. Самата пенетрација треба да се претвори во идеална или духовна – па дури и мистична – интимна причесна при што би исчезнала разликата меѓу личностите. Но, оваа претстава ја поништува телесноста, а само различната телесност овозможува вљубените тела да се допираат и да не престанат да се допираат сè додека не дојде до интимноста на претпоставената „пенетрација“. Интимноста не е идентитет, а нема ни потреба да биде. (Од друга страна, оттука произлегува реципрочниот заклучок според кој интимноста на истото со самото себе е невозможна: „мојата“ интима може да биде за мене само надворешност и одреден начин да се допрам „себе“, а не е возможно и да „биде во мене“, па со самото тоа не може ни да „биде јас“ на обичен монадички начин).

Значи, допирањето претставува совршен чин што го поставува, потврдува и истовремено и во вистинска смисла на зборот го исполнува битието или постоењето на телото. Каков и да е склопот чувства (вид, слух, вкус, кинестезија, магнестезија итн.), во секоја од овие состојби или според секоја од овие положби, телото се изложува на допирање. И самиот вид, како сетило што го држи предметот на дистанца и што не се активира случајно, во крајна инстанца, мора да биде изложен на допирање: или, пак, може да се рече дека е допрено самото растојание на коешто е виден објектот, бидејќи истото е доживеано како растојание, или ќе речеме дека се допрени воздухот и останатата потенцијална средина преку којашто поминува видот (стаклото на прозорецот и секогаш различните проѕирни тела на оптичкиот апарат). (Овде вршиме само лесна екстраполација на тврдењата на Аристотел, За душата, III, 1.)

Телото е суштински предодредено да допира и тоа го прави непрестајно. Тоа упорно продолжува да ги допира блиските и околните тела и самото себе. Допираат неговите просторност и темпоралност и неговата материјалност – таа е подложна на допири и/или допрена – или не е подложна на допири и/или не е допрена: таа станува многу поширока телесност, преку спојувањето, впивањето, испреплетеноста, освен ако не се претвори, како што се вели, во чиста спиритуалност. Тогаш, таа станува недопирлива, веќе не зависи од контактите и растојанијата (до телото/телата), туку одредена е само од самото свое сопство за коешто надворешноста останува негова сопствена трага. Несомнено, телото секогаш се лизга во насока на тоа сопство, секогаш знае што значи да се остане свој, што го прави духот, на некој начин, сличен на спинозијанската супстанца. Нешто што допира сè, што во извесна смисла би било душата на светот: облик на универзално тело сочинето од сите тела. Но, тоа сè-постоечко, што се активира кога едно тело ќе допре некои други тела, е само екстраполиран показател на сопствената судбина – што е телото наспроти телата, а не духот наспроти себе. Или треба да се рече барем дека духот не треба да се вреднува како претстава на едно единствено тело – партикуларно или целосно – па дури и ако се оспори телесноста, а токму тој служи за нејзино активирање, предизвикување, тој е нејзиниот impetus и conatus. Разликата меѓу телата и нивното заемно допирање се единствените што му даваат прилика на духот.

Со допирањето, телото се препушта на две истовремени операции. Од една страна, тоа создава растојание или дистанца, а од друга, го протресува другото тело.

При допирањето се создава растојание, бидејќи законот налага неможност допирањето да продре без самопоништување. Допирањето ја потврдува дистанцата што тука е намалена до крајност. Тоа намалување до крајност се покажува и како конечен израз: она што е допрено и самото допирање, сразмерно и заемно. Допирањето ги извртува површините, но притоа, тие сепак не може да се помешаат, дури и ако поради тоа би морале да се уништат како површини. Тогаш, кожите се чувствуваат како кожи, што ќе рече дека чувствуваат екстровертност што ги прави кожи и површини. Кожата е токму она според коешто телото се препознава како тело: како екстровертно точно според мерата на својата обвивка, така и интровертно. Допирајќи ја кожата на другиот го допирам токму тоа што сум наспроти него, што ќе рече, во близина и наспроти, наспроти близината – во присуство на јасна разлика што колку повеќе се приближува кон границата на непрепознатливото, станува сè поистенчена, посилна, па дури и поиритантна и поочајна.

Од друга страна, телото што допира го протресува другото тело: не може да го допре, а притоа да не го втисне потегот во него. Тој потег може да остане бескрајно мал, незабележителен, дури ни како трепет, но може да биде и недвосмислен пресврт или бранување што избива на површина, но не може да надмине одреден интензитет, без да биде проектирано во далечина со што ќе го сопре допирањето. Телото допира, тоа го растресува другото тело, а тоа се прави само со такт. Тактот на контактот е во леснотијата на допирот што се контролира за да не се претвори во удар, но притоа не пропушта да притисне, па дури и да протресе, да стегне, да притесни. Едно тело го притиска другото за да се совпадне со неговиот допир и да се активира при контактот со него и поради самиот тој контакт.

Кај овие два тесно поврзани начини, телото што допира друго тело не само што го допира, туку и „во него“ или на него самото допира во нешто негово што не е изложено на допир. Тоа го допира (или допира во) недопирливото или (во) „духот“. Го допира (или допира во) она што и’ се измолкнува на непосредноста „којашто погрешно се врзува за допирањето и на која телото секогаш смета, како на присуство само по себе, како и на интуиционизмот воопшто, на трансцеденталниот идеализам или на онтологијата“ (Derrida, 1992).

Слики: I. Boinot

Извор: Le dictionnaire du corps

Слични содржини

Живот / Култура / Теорија
Живот / Теорија
Психологија / Живот / Теорија
Општество / Психологија / Живот / Теорија
Книжевност / Психологија / Живот / Теорија
Психологија / Живот

ОкоБоли главаВицФото