Сè е исто, само бог го нема

18.03.2013 08:23
Сè е исто, само бог го нема

Недела е во северен Лондон, црквата е преполна со народ, се слуша проповед, се ори песна, сè изгледа обично... но црквата е полна со атеисти. Пред два месеци почнаа неделните собири на атеистите во една напуштена црква во Лондон. Лондонските атеисти во недела одат во црква за да присуствуваат на научни предавања, да пеат песни и „да го слават чудото на животот“. Присутните неверници најчесто ги забавува Сандерсон Џонс, британски комичар и познат „атеистички проповедник“.

Атеистичката неделна „служба“ по формата изгледа слична на религиската, а вклучува поздрав за добредојде, песни, беседи на разни говорници, читања, повторно песни и завршен поздрав. Разликата е во содржината. Атеистите наместо црковни химни пеат песни од Стиви Вондер и Квин, наместо молитви имаат две минути тишина, наместо Библијата ја читаат Алиса во земјата на чудата, наместо предавања за огнот и пеколот имаат предавања на физичарот д-р Хари Клиф за антиматеријата. Значи, имаме црква, заедница, неделна служба, проповед, само недостасува бог. А очигледно целата манифестација може и без тоа. Лондонските атеисти велат дека немаат ништо против бог, едноставно, не веруваат во него. Тие го сакаат духот на заедницата и градат заедница на нерелигиозни луѓе.

Во Лондон, градот со повеќе од 20% декларирни атеисти, очигледно постои потреба за вакво движење. Бројот на нерелигиозни луѓе во Англија и Велс во последните десет години е зголемен повеќе од двојно; во 2001 година се попишани повеќе од 6 милиони нерелигиозни луѓе, а во 2011 повеќе од 14 милиони. Атеистите во Лондон се сè погласни, па имаат и реклами на автобусите на градскиот превоз, со слоган: „Веројатно нема бог. Сега престани да се грижиш и уживај во својот живот“. Неделните атеистички собири во црквата ги посетуваат повеќе од 300 луѓе, на што традиционалните цркви во соседството можат да им позавидат. На шега се вели дека атеистичката црква наскоро може да стане поголема и од Англиската Црква, бидејќи христијани во Лондон има само два пати повеќе од атеисти, со тренд на понатамошен пад.

 

Нормално, се огласија и некои религиски фанатици, бесни бидејќи на овие луѓе им е добро. Мет Слик, основач на Канцеларијата за христијанска апологетика и истражувања, тврди дека нивното движење е опасно, бидејќи преку нив Сатаната лично ја гради својата црква: „Ѓаволот работи преку нив за да ја замени христијанската црква со црква на ѓаволот. Атеизмот е крајна негација на бог. Оваа црква е манифестација на непријателите на Евангелието, за да се замени христијанството, да се расипе и да се ослабне“ - гневно вели Слик, кој со причина стравува дека ова движење ќе нанесе сериозна штета на црковниот монопол на духовноста. Имено, атеистите на големо зборуваат за преземање на уште некои, традиционално религиски функции, како што се венчавките во црква, или службата на погреби.

Секој нивен собир има одредена тема. Една од минатите теми беше „чудото“, како одговор на критиката дека на атеистите им недостига чувство за тоа. Џонс говореше дека смртта на мајка му влијаела на неговиот духовен пат и решеноста да извлече максимум од секој миг, свесен дека животот е премногу краток и дека потоа не следи ништо. На денот кога христијаните ширум светот го слават Велигден, атеистите исто така ќе одржат велигденска служба, која ја најавуваат со следните зборови:

„Велигденска служба во атеистичко руво, зарем не звучи логично? Не грижете се, ние сме рационални, но да не ја истураме врз бебињата сè повалканата вода од лавор. Имало пролетни фестивали од почетокот на времето, и зарем не би било штета да изгубиме 1.400 години британска историја поради минорни теолошки разлики? Да. Би било. Патем, и ние сакаме чоколадни јајца!“

Движењето на неделни собири веќе се шири и надвор од Англија. Закажани се собири во Глазгов на 31 март и во Мелбурн на 21 април. Ако сакате да започнете неделни собири во вашиот град, доволно е да ги контактирате. Повеќе за ова движење може да погледнете на овој линк.

Извор: e-novine

ОкоБоли главаВицФото