Филозоф ја пронашол врската меѓу прашањето за името и дупките на улиците

18.03.2013 12:00
Филозоф ја пронашол врската меѓу прашањето за името и дупките на улиците

Скопје, 18 март 2013

Во изјава за најновиот број на филозофското списание „Портокал на мудроста“, истакнатиот филозоф и мистик Полтрониј Куроглавски откри дека во неговата најнова книга ќе ја образложи врската помеѓу проблемот со името помеѓу Македонија и Грција, и дупките на улиците и останатите локални теми.

Куроглавски вели дека воопшто не е чудно тоа што на митинзите на владејачката партија, во очи на локалните избори, доминираат национални и националистички теми.

„Иако навидум изгледа чудно, името на државата е во директна поврзаност со состојбата на патиштата, улиците, водоснабдувањето, паркингот, загаденоста на воздухот, зелените површини и другите работи што влијаат врз квалитетот на животот“, вели Куроглавски.

До овие сознанија истакнатиот познатиот филозоф дошол откако присуствувал на десетина митинзи на владејачката партија и детално ја анализирал нивната содржина. Дополнителен поттик за откритието била и позитивната промена на неговата девизна сметка.

Ексклузивно за Пара вести, Полтрониј Куроглавски обелодени дека во завршна фаза се наоѓа и неговата студија која докажува дека за сегашната мизерна состојба на земјата виновни се владетелите од пред 15 години. Книгата има работен наслов „Бранко е крив - медитации на еден морон“ и ќе биде објавена за издавачката куќа Тресикур прес.

Слика: Jean Leon Gerome