Јанѕата на Бога

18.03.2013 13:27
Јанѕата на Бога

* * *

Бог вели:
„Јас немав сила
сам да ја обезбедам судбината на овој свет.
Затоа, скришум,
измислив еден друг бог,
што понекогаш го испрашувам:
Зар не мислиш дека мојот океан
би можел да биде помалку влажен?
А мојот платан, зар не би било подобро
да галопира по тревникот?
И, да бидеме искрени, зар мојот човек
не заслужува едно или две крила?

Тој друг бог
ќе стане ли мој соперник?“

* * *

Бог вели:
„Тоа беше итен случај;
се запрашав
за што служат
моите најчудни суштества:
змејот, ангелот и еднорогот.
Ги свикав оние во кои верував,
оние вистински, моќни, непорекливи:
баобабот, товарниот коњ,
планината налактена над морето.
Тие одржаа десет состаноци
без да се согласат.
Решив да ги оставам
змејот, ангелот и еднорогот;
за да избегнам некои недоразбирања,
верував сепак дека е најдобро да ги направам невидливи.“

* * *

Бог вели: „Сакам да одговарам за моите дела
пред некој поголем
кој би ме испрашувал
зошто сум го создал животот,
зората и смртта,
кристалот и ’рѓата,
самовилското коњче и термитот.
Сакам да ја докажам својата невиност пред еден суд,
со судија и со сведоци:
добродетелта не е добродетел ако нема грев,
надежта не е надеж
ако не се очајува.
Сакам да бидам исправуван или укоруван:
не треба да се остави еден бог наполно сам
со својот свет.
Сакам да знам дали ја заслужувам
оваа божественост.“

* * *

„Ако сакаш, ружо“,
вели Бог, „јас ќе ги загубам како тебе
мирисот, поленот, латиците.
Ако сакаш, волку,
јас ќе бидам, како тебе, убиец
со крвава челуст.
Ако сакаш, камену,
јас ќе бидам како тебе, мошне тежок, мошне сонлив.
Ако сакаш, ѕвездо,
јас ќе пловам со тебе кон хоризонтот,
кон музиката.“
Цветот, животното и ѕвездата одговорија:
„Немаме потреба од еден бог што н
è подражава.“

* * *

„Денот се раѓа врз еден свет
што јас не сум го создал“, вели Бог.
„Гледам една каталпа што галопира низ полето,
следена од едно мошне нежно животно,
можеби еден незавршен еднорог.
Слушам како камењата изменуваат меѓу себе
една топла музика
и како морето свирка пред една комета
што е дојдена да му направи чест.
Некои деца си играат
а другите се чини размислуваат за мојата судбина.
Овој рај, кајшто сум јас натрапник,
дали е поубедлив,
вкупно земено, од мојот?“

* * *

„Стварноста е добра работа“, вели Бог:
„може да се јаде со црн пипер;
може да се облече, волнено палто
и кошула од свила.
Јас пак ви нудам нешто
што е позабавно:
сонот и она што го разурнува,
отсутноста која станува поскапа
од премногу видениот свет.
Сметате дека е тешко?
Чувајте си ја вашата стварност: таа може да се пребројува,
да се прелепува, се продава во вреќички,
како сапунски прашок,
како отров за глувци.“


* * *

Беше ли неопходно
тоа трескавично тело,
таа тешка душа
и таа надеж среде полжави-голиштарци?
Беа ли дарежливи
таа ѕвезда и премногу висока,
тој кремен и премногу тврд,
таа река што постојано бега?
Беа ли неизбежни
таа беда во срцето,
тој дух како стаорец
и тој непријател на говорот?
Бог вели: „Имаш право:
човекот е ризик
преголем за мене“


* * *

„Замини в пустина“, вели Бог,
„и наведни се со челото наспроти каменот:
три ноќи подоцна ќе станеш сопствен двојник.
Качи се на врв,
поздрави ги снегот и лавата,
за да заслужиш да станеш врв.
Појди во самиот себеси,
прашувајќи се дали твојата аорта,
и твоите бели дробови се населливи:
и ти ќе станеш твоја сопствена крв.
Појди отаде непознатото
и бавно изговори го зборот 
Бог:
или ќе умреш од тоа,
или пак јас ќе бидам тој што ќе падне мртов.“

* * *

Два трона еден спроти друг,
човекот врз едниот
и Бог врз другиот.
Помеѓу нив една книга,
со боја на месо, со боја на крв.
Човекот шепоти:
„Јас сум ја напишал“,
а бог одговара:
„Јас сум јас сум ја диктирал.“
По еден долг молк
книгата вели:
„Вие сте родени од мене:
еден човек, еден бог,
еднакви и непокорни.“
Таа се отвора и ги зема во себе.
Два трона еден спроти друг,
без човекот,
без Бог.

Препев: Влада Урошевиќ
Слики: Leah Saulnier

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото