1022 hPa
81 %
5 °C
Скопје - Чет, 14.11.2024 21:59
„Македонија со најмала невработеност, а ова е од транзицијата на Бранко“
Злоупотреба на статистички податоци од евиденцијата на официјален државен орган, за пласирање на класичен спин и неаргументирана апологија на политичката опција кон која авторот е наклонет, како и неодмерена критика на лидерот на опозицијата.
Линк до оригиналниот напис: Македонија со најмала невработеност, а ова е од транзицијата на Бранко
Датум и време на објавување: 14.03.2013 (датум и време на сајтот нема)
Датум на рецензирање: 14.03.2013
Рецензент: Биљана Илиќ
Вистинитост на факти: Текстот на авторот И.Т. пласира одредени факти, повикувајќи се на официјален извор, но поради очигледниот обид тие да се искористат во манипулативни цели, тешко е да се каже дали тие факти се точни и веродостојни. Кога се во прашање фактите поврзани со феноменот на невработеноста, официјализирањето на бројките сè уште не значи дека тие се точни. Агенцијата за вработување често спроведува акции за бришење од евиденција на невработените и други промени во начинот на евидентирање (тоа авторот на текстот, нормално, го игнорира), па тешко е овој извор да се оцени како целосно веродостоен.
Извори на информации: Написот користи два официјални извора – Агенцијата за вработување и министерот за труд и социјала, Спиро Ристовски. Во текстот, како извори, се спомнуваат и неименувани стопански комори, стопанственици и економисти, за вештачки да се засили веродостојноста на клучната теза дека во Македонија драстично се намалила невработеноста.
Авторот на текстот не се потрудил да консултира засегнати и експертски извори, кои ќе ги прокоментираат пласираните податоци и можеби ќе изнесат поинакви видувања на состојбите. Бидејќи не станува збор за извештај, туку за напис со претензии на анализа, таквата постапка била задолжителна.
Поради тоа, изворите ги оценуваме како еднострани. Се разбира, изборот на такви извори не е случаен, туку соодветствува со намерата на авторот и со аголот на текстот.
Содржајност: Написот не го задоволува минималното ниво на сеопфатност. Стапката на невработеност, како и бројот на невработени во Македонија, се контроверзни категории. Податоците за тоа варираат, но не само во зависност од промената на ситуацијата на теренот, туку и од начинот на евидентирање на невработените лица, од третманот на неевидентираните вработувања во т.н. сива економија, од политиките на власта во поглед на начинот на евидентирање, од социјалните трансфери кон невработените лица од кои зависи и заинтересираноста за пријавување во евиденцијата на Агенцијата за вработување, итн. Анализата на И.Т. нема сенс за овие проблеми.
Иако дел од насловот на текстот „Македонија со најмала невработеност…“ сугерира дека пред нас е анализа која ја споредува невработеноста во Македонија со таа во некои други земји, во написот нема такви споредбени податоци. Вообичаено, стапката на невработеност, утврдена според стандардна методологија, се споредува меѓу земјите, а особено меѓу тие со регионална блискост и сличен историски бекграунд (меѓу посткомунистичките земји, на пример). Во текстот има само една нејасна реченица, која вели дека „на европско ниво, додека не ја стигнеме Германија, засега Македонија е на ниво на Шпанија“. Целосно е нејасно на која и чија статистика се повикува авторот и што значи оваа реченица.
Авторот на анализата ги прикрива тие податоци и акцентот го става на споредбата на бројките на невработени лица во последните три години. Патем речено, според една скорешна анализа на Министерството за образование, Македонија бележи тренд на засилен одлив на млади луѓе во странство, кои таму бараат и наоѓаат вработување и кариера. Текстот ги прикрива тие драматични податоци, објавени само пред неколку дена, иако тие би можеле да бидат важни за објаснувањето на трендот на „намалување на невработеноста“.
Пристрасност: Веќе објаснивме дека текстот не ја прикажува целата вистина за проблемот што го третира. Но, тоа очигледно и не е неговата цел. Обратно, целта е вистината да се изврти и да се пласираат спинови.
Првиот спин е тезата дека невработеноста во Македонија е „најмала“, што сугерира погрешен заклучок дека таа е таква, споредено со други земји. Обратно, дури и вака „намалена“, невработеноста во Македонија е поголема од речиси сите соседни земји, но тоа во текстот намерно се прикрива.
Вториот спин е дека невработеноста во Македонија е намалена поради „новите инвестиции“ и „новите работни места“, за кои, како што сугерира наднасловот, е заслужна власта. Во текстот, оваа теза, се разбира, не е одбранета. Нема податоци за тоа колку „нови инвестиции“ донеле колку „нови работни места“. Во текстот има само еден податок, дека програмата за самовработување ја искористиле 5.000 лица, но тој не може да го објасни „бумот“ во „намалувањето на невработеноста“, што го детектира авторот.
Третиот спин се содржи во насловот на текстот – Македонија има најмала невработеност, а оваа што ја имаме „е од транзицијата на Бранко“. Пред сè, треба да се констатира дека е ноторна невистина целиот период на транзиција да се поврзува со Бранко Црвенковски. Еден голем дел е поврзан со владите кои ѝ претходеа на владата на Црвенковски, на владите во периодот после 1998 година и после 2004 година, до денес. Освен тоа, во текстот воопшто не е објаснето која е таа невработеност која е резултат на „транзицијата на Бранко“, а која, евентуално, на транзицијата во периодот кога економски министер, а потоа и премиер, е Никола Груевски, на пример. Значи, станува збор за очигледен спин.
Нема дилеми дека текстот е политички наклонет – неговата цел е да докаже дека власта ја намалува невработеноста, која ни останала од сегашната опозиција, поточно од нејзиниот лидер, за чие име манипулативно се поврзува целиот период на транзиција.
Коментирање: Текстот содржи коментаторски елементи, пред сè во наднасловот и насловот, кои веќе ги образложивме и ги оценивме како класични спинови, непоткрепени со факти.
Освен тоа, текстот содржи уште еден коментар, атрибуиран како исказ на неименувани стопанственици и економисти:
„Вработени во странство, но и во земјава, во семејни фирми или компании каде што не ги пријавуваат, а се регистрирани како невработени за да добијат бесплатно здравствено осигурување, го билдаат процентот на невработеност во земјава. И стопанственици и економисти се согласуваат дека стапката на невработеност е нереален одраз на вистинската невработеност во земјава.“
Овој коментар е неуверливо атрибуиран и е интегриран во фактите (или „фактите“) што се пласирани во овој текст.
Квалитет на насловот: Како што веќе утврдивме, носител на главните спинови е тенденциозната насловница (наднаслов и наслов) на овој текст. Таа дезинформира наместо да информира, се труди да биде сензационална (спомнувањето на именката „Бранко“, на пример, без да се наведе презимето Црвенковски) и да ја заврши својата основна функција – апологија на власта и напад врз лидерот на опозицијата.
Фотографија: Во функција на спиновите, кои се суштина на овој напис, се и двете објавени фотографии. Една е пред седиштето на фабриката „Џонсон Мети“ (гордост на власта која отвора „нови работни места“), на која четири млади момчиња итаат на работа. Втората фотографија е од контрапротестите на „жртвите на транзицијата“. Нивната комбинација е очигледно манипулативна.
Уреден за веб: Дури и тие што ќе решат внимателно да го прочитаат овој напис и кои ќе му подарат верба на авторот, ќе се соочат со многубројни нејаснотии, кои текстот го прават недоволно читлив и разбирлив.
Целосно е нејасна наведената споредба на Македонија со Шпанија и спомнувањето на Германија. Каде се другите земји? Која е таа скала? Кој е изворот?
„Бранко“ се појавува во „првиот чин“ на приказната, во насловот, па се очекува, според познатото правило на Чехов, „пушката“ да пукне до последниот чин. Но, во продолжението на текстот, не само што не се спомнува овој лик, туку ниту неговото презиме.
Недоволно јасно се презентирани и споредбените податоци за невработеноста за 2010, 2011 и 2012 година – логично, прво треба да се спореди 2012 со 2011 година, а потоа 2011 со 2010 година. Во текстот е постапено обратно, со што е отежнато следењето на статистиката.
Не е јасно каде и во која прилика е дадена изјавата на министерот Ристовски – дали специјално за оваа анализа, на прашање на авторот, или на некој настан.
Заклучок: Написот има јасно поставена цел пред себе – со манипулација со статистиката на Агенцијата за вработување, со повикување на неименувани стопанственици и економисти, во чија уста се вметнуваат коментарите на авторот, како и со една груба манипулација и спин во насловот, да ја пласира тезата дека невработеноста во Македонија се намалува, но не случајно, туку поради тоа што власта привлекува инвестиции и отвора нови работни места.
Текстот е политички пристрасен и пласира директен напад врз лидерот на опозицијата, во екот на кампањата за локалните избори, што е неговата главна употребна вредност.
Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).