50 годишнина од „Денот кога умре музиката“

24.03.2009 18:49
Winter Dance Party - The Day The Music Died.jpg

Пред пола век, на 3.02.1959 г., во трагична авионска несреќа загинаа три големи R’n’R легенди: Бади Холи, Ричи Валенс и Биг Бопер. Настанот, кој силно ја погоди јавноста, подоцна беше опеан во песната “American Pie” на Дон Меклин, со што остана запаметен како „Денот кога умре музиката“.

Трите паднати воини на рокенролот во оваа несреќа беа:

  • Бади Холи, 22 г., родум од Тексас, познат по своите милозвучни мелодии, редовното користење на Фендер стратокастер, како и трејдмарк имиџот со очила, сличен на оној на Кларк Кент, алтер- егото на Супермен. Холи инспирираше повеќе подоцнежни музичари.  Например, како негова своевидна реинкарнација се смета славниот new wave артист Елвис Костело, додека името на Холиевиот бенд, Крикетс (Штурци), е инспирација за името на The Beatles (“beetles” се бубачки, но “a” е ставено заради игра на зборови, во смисла на “beat”, ритам).
  • Ричи Валенс, со само 17 г., родум од Калифорнија. Тој го менува своето вистинско име Рикардо Валенсуела заради влез во шоу бизнисот, каде остава силен печат како прв рокенролер од латино- американско потекло. Останува запаметен по имплементацијата на латино елементи во рокенролот, особено по преработката на мексиканската народна песна “Ла Бамба“, која подоцна ќе ја изведе и групата Лос Лобос за саундтракот на истоимениот биографски филм посветен нему. 
  • Биг Бопер, соодветен прекар на 28 годишното корпулентно момче, чие вистинско име беше Џил Пери Ричардсон, познат пејач, диџеј, автор на песни и за други изведувачи и општо забавувач, а наводно кум е и на феноменот наречен „музички спот“, кој ни е денес секојдневие.

Трагедијата се случува околу 1 часот по полноќ близу местото Клир Лејк во Ајова, САД. Во периодот пред фаталниот лет, Холи, Валенс и Бопер заедно со други музичари учествуваат во екстремно исцрпувачка групна турнеја, при што некои од нив, заради студот, тешко се разболеле и неможеле да поднесат да го продолжат патот до следната концертна дестинација со автобус. Холи предлага изнајмување на мал авион како алтернатива, но во него можат да се сместат само три лица.

Холи како иницијатор на ова патување е првиот патник на црниот список. Басистот на неговиот бенд, Велјон Џенкингс, е вториот, но тој решава да му го отстапи своето место на Бопер, кој страда од грип. Третото седиште првобитно е наменето на Томи Алсап, Холиевиот гитарист, но тој е замолен да му го препушти на Валенс, кој е заинтересиран за летот, затоа што никогаш претходно немал патувано со таков мал авион. На молбите на Валенс, Алсап предлага третиот патник да се одреди со фрлање паричка. Таа одлучува тоа да биде Валенс.
 
Бизарно, според „Ла Бамба“, биографскиот филм од 1987 снимен во негова чест, Валенс сиот живот има кошмари за авионски несреќи, кои ете, на крај и му се обистинуваат. Според истиот филм, брат му, ќе се обиде да му помогне тој да ја надмине фобијата со тоа што ќе го однесе кај индијански врач, кој ќе му подари амајлија. Но, при една физичка препирка меѓу браќата, амајлијата се кине, по што следува и несреќата! Преостанатите музичари вклучени во турнејата, или немаат против да патуваат со автобусот или пак не сакаат да трошат пари за летот, со што и се спасуваат од несреќата која следува.
 
Непосредно пред летот, Холи на шега му се обраќа на Џенкингс- „Се надевам дека ќе измрзнете во автобусот!“, на што вториов возвраќа „се надевам дека ќе ви се урне авионот!“. Оваа реченица ќе го прогонува Џенкингс низ неговиот подоцнежен живот. Во чест на трите паднати херои на рокенролот, легендата Еди Кохран ја отпејува песната со наслов „Три ѕвезди“, за и самиот да загине во несреќен случај неколку години подоцна.

Трагедијата на трите великани, сега позната под името “The Day The Music Died”, во склоп со неколку други битни настани, кои се случуваат горе-долу во истиот период, според многумина симболично го одбележа крајот на старата добра 1950’s R’n’R ера. Имено, во октомври 1958 г., кралот на рокенролот Елвис Присли заминува на отслужување на воен рок во американските бази во тогашна Западна Германија, при што една и пол година е отсутен од случувањата на сцената и далеку од очите на публиката. Кога се враќа во 1961, наидува на променета ситуација- ем вкусот на публиката во меѓувреме е променет, ем тој од Германија ја доведува својата нова љубов, четиринаесетгодишната Присила со која подоцна и ќе се ожени, на тој начин намалувајќи си ја атрактивноста кај женскиот дел на публиката.

Една друга легенда, Џери Ли Луис, кој според некои требаше да биде замена за Елвис, предизвика скандал кога се ожени со својата тринаесетгодишна внука и тоа пред разводот со својата прва сопруга, со што си ја запечати кариерата, па беше потребен подолг период тој да биде прифатен назад на музичката сцена. Литл Ричард реши да го промени декадентниот лајфстајл на ѕвезда, наводно симболично фрлајќи го својот скапоцен накит во Сиднејското пристаниште за време на австралиската турнеја. Се посвети на религијата, со што се јавија промени во неговиот музички стил.
 
Чак Бери пак, заврши во затвор каде лежеше до 1963, а погореспоменатиот Еди Кохран, легендата на рокабили музиката, инаку и инспирација за punk иконата Сид Вишз, трагично загина во сообраќајна несреќа во такси во 1960. Алан Фрид, познатиот диџеј заслужен за промоција на многу музичари и наводно кум на рокенролот, поради корупциски скандал (т.н. “payola”) во 1958 беше шутнат од шоу бизнисот по што се пропи и почина во 1965. Значи редовите на вистинските првични рокенрол херои беа проретчени, а како замена, музичката индустрија почна да фабрикува тинејџ идоли, кои по потреба ги отфрлаше како чорапи. Тоа не беше тоа.

Поради сево ова, на крајот на 50-тите и почетокот на 60-тите, првичниот американски R’n’R западна во тешка криза. Но токму под негово влијание, на другата страна на Големата Бара, во Британија, млади изведувачи ја продолжија традицијата, како например четворицата млади од Ливерпул под име Битлси, растени на Џин Винсент, Кохран, Чак и Елвис.

Но, започна симболичен процес на „губење на невиноста“ на рокенролот и негова еволуција. Ако во 50-тите и раните 60-ти, музичарите пееја наивни младешки стихови од типот „јас те сакам- ти ме сакаш“, во подоцнежниот период, особено во втората половина на 60-тите, во сцената на голема врата навлезе политичкиот радикализам, сексуалната револуција, дрогата и други претходно невидени или барем маргинализирани појави, а се менуваше како звукот, така и имиџот, се јави хипи движењето итн. Овие еволутивни процеси, симболично започнати со „Денот кога умре музиката“, како што рековме беа опеани во песната на Дон Меклин “American Pie” , чиј загадочен текст е сеуште предмет на различни толкувања.

Sorry, you need to install flash to see this content.

ОкоБоли главаВицФото