Скопјанец уапсен затоа што избрал дела

20.03.2013 15:01
Уапсен затоа што избрал дела

Скопје, 20 март 2013

Рано изутринава, полицијата го уапсила 25-годишниот Р.В., затоа што во текот на ноќта провалил во неколку галерии и си земал десетина вредни уметнички дела по негов избор. Причина за кражбата, како што дознаваме, била погрешното разбирање на слоганот на владејачката партија „избери дела“.

Р.В., инаку апсолвент на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, бил уапсен во утрово во 5:46 часот, кога се обидел да го украде споменикот на Јустинијан Први.

„Постапив во согласност со пораката што ја упати власта. Си избрав десетина дела, претежно мртва македонска природа, а сакав да си го земам и грандиозниот споменик на Јустинијан. Имам право на избор!“, изјавил Р.В. на сослушувањето во полициската станица Беко.

Од МВР велат дека дошло до ваквата забуна поради недоволната информираност на гласачите околу програмата и слоганот на владејачката партија, и препорачаа таа да се рекламира поинтензивно за да се избегнат недоразбирања од овој вид.

Во меѓувреме, од книжарницата Просветно дело, исплашени дека некој може да го присвои објектот, побараа засилено полициско обезбедување, додека граѓаните да се информираат дека не може да се избере баш секое дело.