Меѓународен ден на борба против расната дискриминација

21.03.2013 10:53
Меѓународен ден на борба против расната дискриминација

Денес во целиот свет се одбележува Меѓународниот ден на борбата против расната дискриминација. Денот го установуваат Обединетите нации во 1966 година, во знак на сеќавање на 21 март 1960 година, кога во Јужноафриканската Република беа убиени 69 луѓе кои мирно демонстрираа против апартхејдот.

Расизам е наив за идеологијата која смета дека расата е темел на човечкото општество, односно дека припадноста на поединецот на одредена раса мора да биде основа за неговата општествена положба. Расизмот подразбира верување дека одредени раси се супериорни или инфериорни една кон друга, од што произлегува расната нетолеранција.

Иако во одредени облици постоел и порано, расизмот како идеологија е профилиран во XIX век под влијание на напредокот во природните науки кои на разни теоретичари на расизмот им дале „научна“ подлога. Дополнителен поттик за расизмот бил и империјализмот, благодарение на кој државите на белците во Европа и САД добиле власт над голем број поданици од црната и жолтата раса, на чие поробување расизмот му дал идеолошко оправдување.

Расизмот понекогаш добивал и своја институционална форма, особено во мешаните средини каде што е спроведувана расна сегрегација и расна дискриминација. Најпознати такви примери се јужните држави на САД до 1960-те, односно Јужна Африка под режимот на апартхејдот.

Најекстремните форми на расизам најчесто се поврзуваат со национализмот и фашизмот, односно расната теорија чија што примена доведе до Холокаустот и геноцидот во Руанда.

Во современиот свет, расизмот се смета за неспоив со начелата на либералната демократија, а институционалниот расизам речиси секаде е отфрлен, што за жал не значи дека расистичките верувања во имплицитен облик не се присутни ширум светот.

Извор: www.panorama.am, www.un.org

ОкоБоли главаВицФото