Книга за „Црниот понеделник“

21.03.2013 12:04
Книга за „Црниот понеделник“

На 20 март (среда) 2013 во 12:00 часот, во хотелот Холидеј ин беше одржана промоција на книгата „Црн понеделник“, а се одржа и дебата на тема „Црниот понеделник и по него“.

На 250 страници Фондацијата Отворено општество во книгата „Црн понеделник“ ги има собрано сите хронологии на настаните кои се случија пред и по 24 декември, кога пратениците на опозицијата и новинарите на брутален начин беа исфрлени од парламентарната сала. Црната книга на својата корица има само еден црвен прозорец од собраниската зграда, кој е симбол на „црвен аларм“, но во исто време и сугестија за тоа каде е одговорноста од која властите упорно бегаат.

Црниот 24 декември не е само ден кога се згазиja Уставот и законите, тоа е датум кога во Македонија се згазија основните човекови права, се злоупотребија институциите и се згази демократијата. Токму поради тоа, професорот Владимир Милчин, пишувајќи го воведот на книгата „Црн понеделник“, симболиката на 24 декември ја поистоветува со крвавиот пир кој се случил во Франција на 23 август 1572 година, познат како Вартоломејска ноќ.

„Не знам што беше поужасно, насилството или одобрувањето на насилството од пратениците на власта, ликувањето и злорадоста со кои беше поздравен триумфот на безумието, кое со ќотек го воведе едноумието во она што требаше да биде повеќепартиски парламент. Врв на резилот беше спокојството на немиот сведок, народниот правобранител, кому Собранието, „олеснето“ од недисциплинираните пратеници, му го изгласа вториот мандат“, вели професорот Милчин.

Според професорот Светомир Шкариќ, насилното исфрлање на опозицијата и новинарите претставува преврат во правната регулатива, рамен на државен удар, со што претседателот на Собранието наместо прв меѓу еднаквите прерасна во институција која се здоби со огромна моќ. Според него, оној кој го прекршил Уставот мора да ја преземе одговорноста, а длабоката криза во која влезе државата се решава само со предвремени парламентарни избори.

Радмила Шеќеринска истакна дека она што ја поттикнало власта на насилството на 24-ти декември е константното молчење на народот и калкулацијата со ставот дека и тоа ќе биде одмолчено.

„Директниот удар е насочен против главниот непријател, а тоа е демократијата. Вистинскиот непријател на власта е фактот дека власта може да има алтернатива и дека нејзиното мислење не се поклопува со сечие. И можеби е добро што маските паднаа, оти знаеме со кого имаме работа“, вели Шеќеринска.

Подолу може да погледнете видео снимка од целата дебата, а книгата „Црн понеделник“ може да ја преземете од е-библиотеката на Окно на следниот линк.

Извор: plusinfo.mk, libertas.mk, vozivo.mk