Пропа-гадна војна

22.03.2013 13:04
Пропа-гадна војна

Една од поедноставните дефиниции на кичот е следнава: спој меѓу високи начела и ниски побуди. Меѓу другото, значи, и заради нивната кичеста природа, на нерви ми одат рекламните кампањи на владата. Тие непогрешиво го откриваат манипулативниот карактер на власта за кој токму суштинско е камуфлирањето на ниските цели со високите принципи.

Не верувам во високите принципи на Груевски, особено не закачани на билборди и кампањски предизборно згуснати. Напротив, се’ повеќе станува јасно дека ниските побуди се апсолутен приоритет: ако затвореноста и сиромаштијата на Република Македонија ветуваат стабилна и повеќегодишна власт на Груевски, тој нема да се двоуми земјата на среднорочен план да ја зацементира во провинцијализам и сиромаштија.

Да се разбереме: уназадувањето на развојот на земјата заради остварување краткорочни партиски и клановски интереси не е измислица на сегашната гарнитура на ВМРО. Но е факт. Нас почна да не’ престигнува дури и Албанија. Слабо образованите, невработените и сиромашните граѓани се идеална основа за политички уцени и ветувања. Иако неколку десетици илјади луѓе изминативе години беа вработени, главно во државните служби, во суштина станува збор за уназадување на земјата. Се зема од вредните и продуктивните и се дели „социјална помош“, но врз партиско-мафијашки принципи. Згора на се’, поголемиот број од уценетите гласачи се популистички изиграни оти не добиваат ништо друго освен маркетиншки трошки и конфети; сиромавиот наместо оброк ќе мора да се задоволи со лепливата билборд хартија, како Чарли Чаплин со чевлата. Притоа, се разбира, земјата ќе остане пусто поле зашто не знае да ги искористи капацитетите ниту на сиромашните ниту на посолидните и зашто нејзините водачи повеќе ја сакаат сопствената власт отколку развојот кој може да го поткопа нивното владеење.

Патриотизмот („последното пробежиште на битангите“) исто така оваа власт го претвора во кич, кукавички затскривајќи ги ниските страсти зад високите зборови. Крлежа зборуваше: „Таинствената сила на кобната фраза за светите нешта на татковината, бога, уверувањата или принципите е едно од најмрачните историски страшила“.

И заради тоа, исто така, не им верувам на крупните зборови натопени во „крвта и тлото“, не им верувам и немам доверба во големите „антички Македонци“ на кои колената им се тресат од можноста некој некаде, во некоја атинска или бриселска канцеларија, со потег на перото да им го избрише повеќемилениумскиот „идентитет“. Тоа е фарса, лакировка и лага, „идентитетот“ што се брише со налози... А во таа лага (на тој ветар, всушност, плови чамецот на Груевски) во моментов лебдат премногу Македонци... Ем Титани, ем Лилипутанци...

Ја мразам рекламната иконографија на нашата власт и зашто ме потсеќа на фашистичката и сталинистичката иконографија. Автократијата на Груевски ме потсетува на една од митските сцени на советската хагиографија: Сталин се шета низ житни полиња и сретнува еден возач кому тракторот се расипал. Со мудар совет Сталин му помага на возачот да го поправи тракторот. Кој е заклучокот? Дека предобриот Грујо, делејќи „шаком и капом“ низ македонските полиња, е прекрасен човек?! Заклучокот е дека на пат кон наполно пропаѓање е онаа земја во која ни тракторот не може да проработи без благословената помош на некаков си политички светец!

Пред неколку години, инаку, за јавноста беа отворени записниците на седниците на советското Политбиро и на Централниот комитет од триесеттите години на дваесеттиот век. Паѓа во очи Сталиновото „милосрдие“ на тие седници. Кога помладите членови на ЦК, страсно докажувајќи го својот револуционерен жар, барале итна смртна казна за Бухарин, Сталин секогаш интервенирал и говорел: „Трпение! Неговата вина се’ уште не е докажана!“ Се разбира дека тоа е чисто лицемерие. Сталин е оној што го создал деструктивниот пламен во кој настрадаа толку многу негови соработници. Но, без оглед на тоа, хагиографиите по правило инсистираат на милосрдната слика на водачот и по правило те прават слеп при здрави очи (т.е. единственото нешто што не го земаат предвид се – очите).

Во улога на младите напалени следбеници на Сталиновиот ЦК кај нас денес ги гледам гротескните медиумски фигури на Јанко Јади Бурек и Латас, корифеите на најбесрамното и најбесчесното новинарство (што наликува на садистичка игра во школски двор: Латас клекнува зад обележаната жртва во дворот, доаѓа Мијалков или Јанкуловска и со лесен допир на раката ја превртува жртвата преку палавиот Латас; после сите стануваат и се смеат, се разбира, комплет со жртвата).

Но, денес работата во нашата земја е толку забегана што Јади Бурек и Латас се тотален мејнстрим! Над фигурите од типот на Латас и Јади Бурек се само налозите од ЦК и од севишниот! Сето друго се реди зад двајцава корифеи, вклучувајќи ги тука и божем големите медиумски газди (Стојменов, Рамковски, Ѕинго...) со своите камарили на божем моќни директори и главни уредници. Помизерно – бетер! И алал нека ни е, на сите комплет што работиме во и за медиумите, за дереџето на кое сме спуштени како во запуштен бунар.

Затоа на први јуни ќе гласам за чистење на бунарите („нетребен бунар – смрдит!“), за слободни медиуми, за плурализам на мислењето, за разум и демократија. Големо охрабрување е победата на демократските сили во Србија, земја која по многу нешта наликува на нашата. И таму анкетите ги фаворизираа радикалите и Коштуница, а добија проевропските и демократските сили.

„Утрински весник“, 13.05.2008.
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото