Василије Поповиќ-Цицо - Карикатури

23.03.2013 13:43
Василије Поповиќ-Цицо - Карикатури

Често е укажувано дека карикатурата игра една општествено парадоксална улога. Таа деформира, навистина, но за полесно да камшикува. Таа се напојува од моралните извори на еден извесен пуританизам, односно конформизам. Успехот на карикатурите најчесто зависи од нивниот прием кај читателите на дневниот и неделниот печат. Карикатурата ја задржува делумната сличност со објектот и допушта препознавање, па нејзиниот комичен ефект настанува како резултат на психичката двојност во несоодветсвувањето на реалниот објект со неговиот приказ. Со истакнувањето на слабостите и недостатоците на поединци или на некои општествени појави, карикатурата може да влијае воспитно во социјален, морален и политички поглед.

Во историјата на современата македонска ликовна и применета уметност, Василије Поповиќ- Цицо (1914-1962) зазема едно специфично и издвоено место. Тоа е определено од широчината на творечките подрачја во кои се искажувал овој уметник, од неговата пионерска улога во неколку области, а особено во карикатурата и сценографијата, како и од сериозноста на резултатите што во секоја од нив ја има постигнато.

Поповиќ е роден 1914 година во Скадар (Црна Гора), а на своја петгодишна возраст се преселува во Скопје каде што со мали прекини живее сè до крајот на својот живот.
Интересот за карикатура кај него се јавува во времето на неговите гимназиски денови. Цицо тогаш ги прави своите први карикатури каде најчести модели биле неговите наставници. Ова е време кога тој со голема љубопитност ги проследува карикатурите на Пјер Крижаниќ објавувани во дневниот весник Политика, кои дополнително го поттикнуваат да се занимава со овој медиум.


Бригаден генерал Михаило Недељковиќ, 1941

Своите сликарски вештини по гимназијата ги усовршува кај тогаш веќе етаблираниот уметник Никола Мартиновски, кому му помагал при изработката на неколку ѕидни слики, меѓу кои и слика за куќата на скопскиот трговец Михајло Шкаперда (денешната амбасада на Италија) во 1933 година.

Истата година тој ги објавува своите први карикатури за скопскиот весник Вардар, каде што продолжува да објавува сè до затворањето на весникот во 1936 година.
Цицо објавува карикатури и за време на неговите студии во Белград - студирал во тогашното Уметничко училиште (подоцна Уметничка академија) во Белград, кај професорите Бета Вукановиќ, Ивана Радовиќ и Љуба Ивановиќ ), во хумористично- сатиричниот весник „Оковани јазовац“ , а неговите карикатури се репродуцирани и во тогашните весници и списанија „Скопска сцена“, „Правда“, „Позоришни лист“.

Во периодот на почетокот на Втората светска војна и борбата против фашистичка Германија од април 1941 година, Цицо е во долгомесечно заробеништво во три концентрациони логори (Либек, Хоенфалс и Нирнберг). Сакал да внесе малку ведрина во мрачните логорашки денови, а дека успеал во тој свој обид потврдуваат портретите на личностите што се прикажани во циклусот „Од логорот“, портрети на припадниците на поразената југословенска кралска војска.


Офицер на кралската војска во германски воен логор, 1941

Цицо не ги потпишува овие карикатури, туку во долниот дел од десна страна го бележел само датумот и името на логорот во кој настанала карикатурата. Нацртал 77 карикатури кои се наоѓаат во три тетратки, а кои ги чува ќерката на уметникот, Гордана Поповиќ Васиќ. Овие карикатури настанале во период од само шест месеци (од мај до ноември 1941) и некои критичари сметаат дека во нив е искажана целата суштина на неговото творештво. Во центарот на неговото внимание секогаш бил и останал човекот, со сите свои мaни и доблести. Сакал да ги набљудува луѓето, да ги запознава, да се дружи со нив и некако несвесно ги сакал. Но неговите карикатури не го простувале ниту стравот, ниту слабоста, ниту суровоста, ниту апатијата. Кога во 1944 година отишол во партизани, го задржал истиот однос и кон своите соборци и колеги од Агитпропот, искажувајќи сличен критички поглед. Неочекувана острина покажувал само во карикатурите на бугарската фашистичка војска. Неговите карикатури од војната ја имаат истата вредност како и еден добар есеј или најсериозен реферат - поубедливи се од купишта зборови и се сигурна замена за многу историски списи.

Сепак, во воените години Цицо не можел да презема особена творечка активност, со оглед на фактот дека бил постојано надгледуван од бугарските власти. И покрај тоа, во овој период продолжува повремено да работи во театар, но изработува и карикатури поврзани со тогашната ситуација во Скопје. Во 1944 година Цицо повторно е интерниран, овој пат во бугарски логор во Горна Џумаја (денешен Благоевград), но по интервенцијата на пријателите од Македонија и Бугарија, тој е ослободен и набрзо потоа отишол во партизани. Таму тој се ангажира во Агитпропот на Главниот штаб на НОВ сместен во селото Горно Врановци. Во овој период изработува цртежи, портрети на личности од неговото опкружување, како и карикатури за првото издание на весникот „Нова Македонија“ и весникот „Македонка“ на антифашистичкиот фронт на жените од Македонија.


Агитпроп, 1944

Првите остварувања на Цицо во повоена Македонија биле втемелени на потребите на едно специфично време. Од тој период датираат неговите карикатури во весникот „Остен“ кој започнува да излегува во 1945 година, каде тој ги третира темите од народно-ослободителната војна и крајот на фашизмот.

Во своите карикатури, Цицо ги следел и ги вообликувал општествените и политички промени, без разлика дали станува збор за локалната скопска сцена или некои аспекти на глобалните политички настани, пред сè во Втората светска војна или во ослободена Македонија. И покрај забраната да се карикираат политички и државни функционери во поранешна Југославија, Цицо сепак во своите дела портретира дел од тогашните македонски политичари кои понекогаш и ги откупуваат карикатурите, покажувајќи на тој начин дека ако си предмет на Цицовата карикатура значело да си приопштиш атрибут на личност со широки и демократски разбирања, барем во уметноста.

Како хроничар на своето време оставил впечатлив белег во групните карикатури во кои ги бележи „културните фронтови“ во музиката, театарот, филмот и литературата, како и спротивставувањето на реалистите и модернистите во литературата и другите уметности.


Поразот на Хитлер, 1945

Портретните карикатури опфаќаат голем дел од опусот на Цицо и истите ќе извршат големо влијание на следните генерации македонски карикатуристи. Нивната обработка се заснова на добро согледаните актуелни модерни правци од тоа време. Тој во нив вградил современ визуелен јазик и постигнал виртуозност на цртежот и колористичките решенија.

Покрај својата пракса во карикатурата, Цицо е активен и во областа на театарската и филмска сценографија и графичкиот дизајн. Сценографиите што тој ги изработува се поврзани исклучиво со драмските претстави на МНТ. „Тартиф“, „Сомнително лице“, „Женидба“, „Швејк во Втората светска војна“ се само дел од бројните претстави на кои тој работи. Значаен е и неговиот творечки резултат со изработката на сценографијата за филмот „Мис Стон“ од 1958 година во режија на Жика Митровиќ. Во своите решенија и реализации внесува современ израз кој кореспондира со актуелните истражувања во светот.

Продукцијата на Поповиќ во областа на графичкиот дизајн опфаќа илустрации за книги на различни теми - од популарни романи и учебници до ангажирана литература. Меѓу другото, автор е на корицата на првиот буквар на македонски јазик , грбот на градот Скопје, како и на грбот на НР Македонија, кој и денес е официјален државен симбол, само без петокраката ѕвезда.

Творештвото на Василије Поповиќ- Цицо ќе остане пионерски проект во историјата на македонската карикатура. Неговите дела ќе останат како значаен документ за бурните времиња и промените во минатиот век.


Д-р Глигор Муратовски, 1952


Разгледи-Хоризонти, 1954


Омнибус, 1957


Димитрие Османли, 1958


Милка Ефтимова, околу 1955


Димче Коцо, 1953

Слични содржини

Карикатура.мк / Стрип / Уметност / Карикатури
Карикатура.мк / Стрип / Уметност / Карикатури
Карикатура.мк
Карикатура.мк
Карикатура.мк

ОкоБоли главаВицФото