Граѓаните одушевени од делата што не се ветени

25.03.2013 09:48
Граѓаните одушевени од делата што не се ветени

Скопје, 25 март 2013

Освен окупирањето на речиси сите медиуми, заканите и притисоците, пресуден фактор за резултатите од локалните избори се идните проекти и делата што ги немаше во изборната програма на ДПМНЕ. Народот очекува Пирамиди 2016, согласни се аналитичарите.

Одушевени од проектот Скопје 2014, кој го немаше во ниту една изборна програма и не беше најавен во ниту еден од многуте владини медиуми, македонските гласачи, замислувајќи го следното огромно а неветено остварување, дадоа голема поддршка за кандидатите за градоначалници на владејачката партија.

Интересно е тоа што во општина Центар, местото каде што се оствари најголемото неветено дело на ДПМНЕ, води опозицијата. На прашањето зошто е тоа така, премиерот Николај Грубевски немаше прецизен одговор.

„Го разгледавме тоа прашање пред да излезам на прес конференцијата, но нашиот човек задолжен за дриблање на јавноста, Илија Спиновски, не смисли доволно паметен одговор“, рече Грубевски, додавајќи дека не е исклучено да станува збор за светски заговор предводен од Бранко Црвенковски и љубоморниот дух на Микеланџело.

Тој спомена и дека вториот круг ќе биде крајно неизвесен, а од ДПМНЕ веќе се во преговори со мелницата Жито-антика и подготвуваат специјални француски колачиња за гласачите, за закуска помеѓу двата изборни круга.

„Со свој барок по глава. Човек на човека му е дорски столб“, вели за поразот на ДПМНЕ во Центар политичкиот аналитичар и слободен скулптор Пламенчо Сарказмов.

Според анкетата и истражувањето спроведени од Пара вести, македонските граѓани најмногу се надеваат на изградба на пирамиди, Ајфелова кула до Триумфалната порта, Таџ Махал, Македонски ѕид што ќе се гледа од месечината и обиколница околу цела Македонија, за да им се олесни работата на инвеститорите што и онака ја заобиколуваат нашата земја.

Слика: Свирачиња