Инфантилизација на општеството

26.03.2013 08:40
Поглед низ детските очи на македонскиот фашизам

Инфантилизација на општеството: поглед низ детските очи на македонскиот фашизам

 

Минута по потпишувањето на договорот за одржување локални избори и за преговори за терминот на предвремените парламентарни избори, премиерот Груевски истрча од салата каде се водеа преговорите, и скокајќи по две-три скали, се искачи на говорницата од која – со трогателна детска полунасмевка – триумфално ѝ објави на целата јавност дека во договорот за предвремени избори што пред малку го потпишал, воопшто не станувало збор за предвремени избори. Оваа урнебесна този-дупка-не-е-дупка шега, меѓутоа, не само што никого не засмеа, туку отвори жестока јавна дискусија околу клучното прашање за решавање на македонската политичка криза: дали ќе има предвремени избори или само избори кои ќе се случат пред време, и дали изборите кои ќе се случат пред време, можат да бидат наречени предвремени доколку зборот „предвремени“ не е напишан во договорот со големи црвени букви?

Целата нација, заедно со меѓународните претставници, беше вовлечена во страствено и инфантилно, до болка повторувано толкување на една реченица од договорот. Како да се објасни ова трагично глупило на јавниот дискурс во Македонија, кое – гледано однадвор, како на филмско платно – мора да изгледа како комедија на забуни со замена на идентитети?

Овој национален колапс на разумот е очигледна последица од систематското заглупување на јавноста, кое режимот на ДПМНЕ веќе седум години го изведува со техниката на инфантилизација на општеството. Тоа е пропагандна стратегија со која авторитарната власт ги затрупува граѓаните со лаги и со редуциран, инфантилизиран вокабулар, третирајќи ги како да се деца, како да се незрели и инфериорни поданици неспособни самостојно да донесуваат судови за животот. Техниката на инфантилизација од слободните граѓани произведува зашеметени поданици, зашто таа претставува секојдневна бучава од пропагандни искази со која никогаш не се признаваат стварните факти, ниту вистинското значење на зборовите, како ни логичната смисла на исказите. Инфантилната пропаганда инсистира на едно произволно и детско именување на нештата со имиња и зборови кои служат како симболична, но бесмислена, маска за затскривање на грдата стварност.

Ваквата пракса во Македонија веќе стана нормална, па јавноста навикна на лажна стварност создадена со затскривање на вистината зад перде од лаги исткаено од бесмислени зборови испразнети од каква и да е логика или предметна содржина. Овој идиотски номинализам, во кој само имињата и зборовите се важни, а не стварите или процесите од кои се состои нивното значење - елем, дека не е битно што власта навистина направила, туку што таа прогласила дека направила - стана основен начин на кој режимот на Груевски ја креира македонската лажна стварност.

Така на пример, кога се појавија меѓународни реакции поради подигнувањето гигантски споменик во центарот на Скопје на клучниот симбол на „преродбата“, Александар Македонски - власта проблемот го „реши“ со негово преименување во „Воин на коњ“. По оваа инфантилна номиналистичка операција режимот се однесува како да ги „надмудрил“ сите домашни и меѓународни критичари и како проблемот со грандиозната глупост на централниот плоштад волшебно да исчезнал! Тоа што споменикот ја уништи позитивната меѓународна перцепција на Македонија, која во очите на светот стана една непресметлива арпаџик-држава, тоа не им пречеше на претседателот и на министрите да манифестираат трогателна детска несвесност за катастрофалните последици од нивното злодело и да скокаат од радост како „ги превеслале“ сите странски и домашни непријатели, да си покажуваат кренати палци и да си ги плескаат високо кренатите дланки како детска екипа после победнички кош.

Случајот со споменикот на Тодор Александров е уште подидактичен. Овој споменик беше најавуван и изграден како анонимен „Војвода на коњ“, а се појави на јаве како буквална и прецизна бронзена интерпретација на фотографија на контраверзниот шеф на ВМРО. Поради бурните реакции на јавноста, целиот државен врв одигра претстава која можеби претставуваше светски врв на „итроштина“ во категоријата на деветгодишни машки деца со заостанат ментален развој: Владата се огради зашто, кутрата, не била информирана, градот Скопје немал поим бидејќи споменикот се подигал според програма на општината, а градоначалникот на Кисела Вода со нефокусиран и тажен поглед ѝ соопшти на јавноста дека општината му нарачала анонимен војвода на скулпторот, а што неговиот војвода случајно личел на Тодор Александров тоа било веројатно негова уметничка одлука. Ова арогантно, вулгарно и инфантилно лажење на јавноста од страна на целокупната македонска државна власт, градоначалникот го заврши со изјава во која е дефинирана суштината на инфантилниот номинализам: тој објасни дека „да се работеше за споменик на војводата Тодор Александров, тогаш на него ќе имаше плоча на која ќе пишуваше – Тодор Александров, а бидејќи таква плоча нема – значи војводата не е Тодор Александров“. Ха! Ете го базичниот принцип на сите вистински тоталитаризми: не е важно она што навистина се случува (и што народот со свои очи го гледа), туку само она што власта ќе прогласи дека се случило.

Сосем е јасно дека државната употреба на инфантилни лажни искази создава ситуации толку апсурдни, претерани и глупави, во својата структура комични, што веќе не можат да бидат пародирани или претворени во сатира. Режимот се однесува како најстариот од филмските браќа Маркс - Гручо, кој, уловен во очигледна, детска лага, бесно одговара: „Кому ќе веруваш, на своите очи или на моите зборови?“ Структурата на горкиот хумор на македонската гротескна стварност е иста како во вицот од раните осумдесетти години, кога во Југославија снема кафе, па Мујо изнакупувал пакети со кафе од Италија и патува натоварен назад во татковината. На граница го застанува цариникот и го прашува што има во пакетите. Мујо вели: Храна за моите канаринци. Цариникот отвора – кога таму саде кафе! И му се врти на Мујо: Каква храна за канаринци, бе несреќо, па тие не јадат кафе? А, Мујо одговара бесно: Штоо?! Јас се мачам да им купувам храна дури од Италија, а тие да ми аздисуваат дека не ја јадат, па кај го има тоа?!?! Смешното во овој блес(к)ав виц е токму апсурдната упорност на Мујо до крај да се држи за својата детска лага, за идиотската, несфатливо инфантилна претпоставка дека неговата промена на името на кафето во храна за птици, успешно ќе го „маскира“ кафето пред очите на цариникот. Истово ѝ се случува на Македонија под режимот на ДПМНЕ, кој кршењето на Уставот го нарекува „одржување ред“, политичките реклами ги нарекува „соопштенија“ на министерствата, партизацијата на државата и судството ја нарекува „реформи“, нагрдувањето на Скопје го нарекува „разубавување“, огромните споменици од државно и меѓународно значење ги нарекува „спомен обележја од локално значење“, ставањето на државата во понижувачка позиција да биде предмет на потсмев и сожалување режимот го нарекува „враќање на достоинството и вистинскиот идентитет“, вулгарното лажирање на изборите го нарекува „сценарио на опозицијата за одбрана од сигурен пораз“, и што сè не...

Но, да се разбереме: кога инфантилното однесување ќе стане својство на режимот, кога комичното и лудачкото ќе се транспонираат на високо државно ниво, тогаш смешното и инфантилното автоматски стануваат трагично и злосторничко. Тоа е така зашто предмет на „играњето“ на злосторничката власт се секогаш највисоките и најсветите човечки вредности – животот, правата, слободите и културата – со кои инфантилизираните моќници се играат со истата леснотија и несвесност како што тоа го прави дете кога им ги кине крилцата и нозете на фатени инсекти. А, кога режимот го нормира инфантилизмот како единствен образец на однесување, кога ги злоупотребува институциите и ресурсите на државата за да го присили целото општество да не мисли и реагира на стварноста онака како што ја гледа и доживува, туку само низ „детските“ очи на диктаторот, тогаш нема сомневање дека се работи за инфантилизирано општество со кое владее авторитарна власт. Нашиот криптофашизам (како и сите други фашизми) е создаден на плимата на општото чувство на инфериорност, пониженост и беспомошност, а инфантилизацијата се покажа како најуспешна стратегија овие болни чувства на несреќниот народ да се поттикнуваат и негуваат за да траат што подолго.

П.С. Слабоста на сите авторитарни режими кои го инфантилизирале своето општество е што граѓаните во еден момент се будат и прогледуваат со очи на возрасни луѓе спремни да се борат за својата слобода. Од 24 декември и во Македонија се случува забрзан процес на будење од инфантилната кома на груевизмот. Како реагира режимот на видливите симптоми на своето разобличување и пропаѓање? Исто како и Мујо со својата храна за птици: иако фатен на дело како го урива уставниот поредок и ја лажира демократијата, режимот слепо (до апсурд!) се држи до својата инфантилна лага, со наивно уверување дека таа ќе го заштити од неминовните консеквенци на неговите недела.

Слики: Свирачиња