Им припаѓам на сите оние коишто ме читаат

26.03.2013 11:04
Им припаѓам на сите оние коишто ме читаат

Разговарал: Слободан Костиќ

Оние што сакаат да го видат писателот Мирко Ковач може да го сретнат единствено во текот на летото во Ровињ, каде што уште во далечната 1991 година најде трајно прибежиште. Но, оттогаш постојат различни препреки што овој добитник на најзначајните српски, хрватски, босански, црногорски, но, пред сè меѓународни книжевни признанија, го држат далеку од Белград, градот во којшто дошол уште од раната младост за да студира драматургија, откако на 16 години заминал од семејната куќа во Херцеговина. Во Белград го помина и најголемиот дел од животот.

Без оглед на тоа што атмосферата на белградските улички што се спуштаат кон Дунав и темните простори меѓу трошните, сега речиси исчезнати куќарки во Долниот град, остана една од трајните одредници на прозата на Ковач, разидувањата со Белград почнаа многу рано. И поркај сè, Белград остана важно место за Ковач, место во коешто тој ги формираше своите погледи на свет, и во коешто живеат некои од неговите пријатели со коишто има блиски односи. Па, иако неодамна најави дека ќе присуствува на промоцијата на неговите дела во Белград, таа посета останува неизвесна бидејќи Ковач моментално е прикован за работата врз книгата „Време што се оддалечува“.

Ако го прашате овој писател како се одлучи да дојде во градот од каде што го протераа заканите, навредите и нападите, и дали за таквата одлука се доволни само книжевните причини, тој ќе ви одговори: „Мислам дека тука веќе нема место за двоумење, јас имав одбивност кон каква било посета на Белград додека Слободан Милошевиќ беше господар. Ако чекав да биде подобро, тогаш никогаш немаше да дојдам. И уште би сакал да кажам дека бев протеран од Белград по сопствена волја, затоа што немав желба да учествувам во каква било политичка борба, а бев свесен дека мојата опција не може да успее, затоа што се наоѓав во вителот на колективните заблуди и колективното слепило“.

Која беше вашата опција?

Нацијата сигурно не беше. Затоа што јас имам идентитет и без нацијата.

Дали тоа минато навистина помина, имајќи предвид дека еден од најблиските соработници на Шешељ од тоа време, инаку четнички војвода, Томислав Николиќ, што во текот на војната беше дел од доброволците во Антин, сега е претседател на државата, додека поранешниот штитеник на Милошевиќ, Ивица Дачиќ, сега ја води владата?

Сето она што денес го имаме, нашиот политички живот, нашиот статус во светот, кога велам „наш“ мислам на сите нас на просторот на поранешна Југославија, е логична последица на тоа што сеевме војни, омраза, конфликти што беа целосно непотребни и целосно ирационални, затоа што нашите проблеми не беа толку длабоки што не можеа да се решат. И што добивме? Ништо. Уште подлабоко навлеговме во уште поголема кал, затоа што насекаде имаме партии на воени злосторници, во Србија на власт, во Хрватска во парламентот. Омразата е подлабока, бедата е поголема, тешко се живее, младите заминуваат. За иднината веќе не се ни зборува, тој поим исчезна. Оние што нешто имаат не го стекнаа тоа со работа и нивното богатство им помага да живеат бесмислено, напразно. Сето тоа се затвори во мал простор. И што остана? Бекство во својата црвка, и сè помоќниот фундаментализам, католички, православен или муслимански. Тука најдоа засолниште. Па ако тоа е среќа, ако тоа е она што го сакаа, на здравје!

Според вас, Црквата сè повеќе се претвора во собиралиште на националистите и десничарите, па дури и главната дилема е Црквата или Европа? Тоа е речиси правило во сите посткомунистички земји?

Да се разбереме, Црквата има големи заслуги, и јас никако не го негирам нејзиното значење и нејзините вредности, за Црквата се врзуваат духовните вредности, од архитектурата, сликарството, филозофијата, до просветителството и образованието, тоа не се доведува под прашање, но она што претставува Црквата во ова посткомунистичко и транзициско време, за тоа и Бог жали. Јас имав некои илузии за тоа дека, да речеме католичките попови се образовани и учени луѓе. Точно е дека завршиле факултети, зборувам за хрватските попови, но сите со ред, од бискуп до жупник, се црни националисти. Одев на некои нивни проповеди, да чујам што зборуваат – тоа е за грев. Наместо да зборуваат за духовните патишта, за смислата на животот, за смислата на верата, тие го цитираат Исус пет-шест минути, па потоа набрзина преминуваат на политичка пропаганда и секогаш се на страната на најлошите. Православните владици беа воени подбуцнувачи во крвавите братоубиствени војни во деведесеттите. Неодамна, помошникот на загрепскиот бискуп, Валентин Позаиќ, држеше говор за тоа дека ни е потребна војна против владата, нарекувајќи ја комунистичка и нацистичка, а тоа значи и против мнозинството граѓани коишто ја избраа. Всушност, бискупот повикува на граѓанска војна, како да ни беше малку крвопролевање. Тој тип, во таканаречените развиени демократии, би бил уапсен како воен подбуцнувач. Бискупската конференција во Хрватска денес е замена за Централниот комитет на сојузот на комунисти. Таа е врховен цензор, забранува плакат за театарска претстава, осудува и бара бојкот за филмот на Винко Брешан, се меша во учебникарството, во образованието, во здравството итн.

Тогаш каква е европската перспектива?

Лоша, но единствена. Во Европа ќе бидеме никој и ништо, и нема да имаме никаков удел ниту влијание во донесувањето на европските одлуки. Не знам што се промени во Бугарија и Романија, а тоа се членки на ЕУ, многу поголеми од нашите државички, стратешки поинтересни и во секој поглед подобри од нас. Се чини тажно и трагично да се расправаме околу тоа дали да влеземе во милитаристичката организација НАТО, од морално и интелектуално стојалиште би можеле да осудиме многу од акциите на тој пакт, меѓутоа, и јас сум за тоа да се стане дел од НАТО, што гарантира дека нема да се исколеме меѓу себе. Затоа што ние имаме само еден начин во решавањето на проблемите, а тоа е националистичкиот пристап кон секое горливо прашање. А тоа е најлошиот пристап, потполно дебилен, малоумен.

Може да се претпостави дека вашите белградски години, со некои вистински личности, ќе заземат важно место во мемоарскиот роман „Време што се оддалечува“, на којшто моментално работите?

Да, голем дел од романот – го оставив отворено жанровското прашање дали е тоа роман или мемоари – припаѓа на белградските години, и тоа првиот дел којшто е исполнет со интимни доживувања, додека вториот дел се занимава со распадот на Југославија, војните, судбините, бегалците итн. Се разбира дека сето тоа се раскажува во прво лице, т.н. автобиографско Јас. Овој пат немаше потреба од измислување, ликовите се вистински, како и настаните, но внимателно се бирани за да личат на роман што е можно повеќе. Мислам дека жанровски среќно ги споив романот и мемоарите.

Во досегашните ваши дела, преработката на фактите ви беше поважна од самите настани, така што за читателите не беше лесно да го замислат вашето автобиографско Јас, во моментите кога во текот на шеесеттите се водеше хајка поради „мрачната“ слика на „Губилиштето“ или кога ви ги повлекоа книгите од библиотеките и книжарниците во 1973 година?

Многу е тешко да се служите со автобиографското Јас, многу е тешко. Сингер вели дека автобиографијата не може да се напише и дека автобиографските факти може да послужат само како основа. Јас пишував за тоа време на моите маки и натегања со цензорите, но само по себе тоа е недоволно, затоа што без судбината и ликовите мемоарите не ме интересираат.

Дали идолошките главосеци од тоа време навистина беа толку моќни и опасни? Од перспектива на она што се случуваше во текот на деведесеттите, па и потоа, кога некои го платија со живот она што го говореа, тоа личи на некое идилично време?

Тој комунистички систем опстојуваше со хајките, постојано требаше некој да биде гонет, тоа беа хистерии. Меѓутоа, во тој систем, гонетите беа посимпатични од прогонувачите, ја имаа наклонетоста на мнозинството, па дури и на самите комунисти коишто тајно ги тешеа, а јавно ги напаѓаа и тоа онолку колку што мораа. Во времето на национализмот, прогонетите се предавници, изроди, срам за нацијата, а прогонувачите се праведници што се застапуваат за својот народ. И најлошото е тоа што мнозинството е наклонето кон прогонувачите. И, се разбира, секогаш во името на нацијата се прикриваат убиства, а во воените конфликти злосторството е херојско дело. Јас не би одел толку далеку за да го наречам комунистичкото време идилично, но еднакво опасен е секој тоталитаризам и секое политичко насислство.

Но, за оние што ве прогонуваа поради „идеолошко застранување“, сигурно нема да биде пријатно кога ќе се препознаат во книгата, особено поради тоа што некои од нив потоа изградија успешна кариера како либерални демократи?

Немам ништо против тоа луѓето да се менуваат, па и да се свртат наглавечки, само нека не се жалат дека во комунизмот им било тешко и неподносливо. Политиката е една димензија од животот, Кундера убаво пишуваше за тоа. Комунизмот беше наш историски период и имаше подобри страни од ова што се случува денес. Но, имаше и многу полоши страни, затоа што токму комунизмот го создаде оној тип подлизурко што денес се снаоѓа подобро од чесните од тоа време.

Можеби ќе биде уште подраматично со луѓето со коишто се среќававте во моментите кога национализмот почна да господари со судбините, па со некои ваши познаници моравте јавно да се пресметувате по медиуми?

Со голем број луѓе што некогаш ми беа драги ги прекинав сите односи, веќе ништо не ми значат и никогаш не се присетувам на нив. Стекнав нови пријатели, подобри и попаметни.

Дали ве замори таа улога да бидете глас на совеста со оглед на тоа што тука веќе подолго од две децении трае опседнатоста со политиката, така што она што го работите сигурно ви го одвраќа вниманието од пишувањето на начин што го сакате?

Не, не, од пишувањето ништо не може да ме одврати, дури и мислам дека тие искуства од баналната политика понекогаш се корисни за писателот. Киш би рекол, сè што е добро и сè што е лошо, му користи на писателот. И уште нешто, писателот веќе не е глас на совеста како во времето кога немаше слобода на мислење. Сега можеш да кажеш сè, но тоа нема влијание. Сите оние што ги нарекуваат нештата со вистинските имиња и ги согледуваат такви какви што се, помалку или повеќе зборуваат за своја душа, затоа што така се дистанцираат од толпата.

Тоа не ви го наруши задоволството при раскажувањето со оглед на тоа дека според мнозинството, ваши најдобри романи се „Кристалната решетка“ и „Град во огледало“, што настанаа во екот на воениот хаос или борбата за основни демократски стандарди?

Избрав самоизолација за да ги завршам тие и други книги, за мирно да работам на оваа книга „Време што се оддалечува“ којашто ќе излезе до крајот на годината, многу е обемна, бидејќи опфаќа широк временски распон. Иако го сакам Загреб, во него поминав некои од моите младешки денови, објавував книги и напишав неколку сценарија според коишто беа снимени филмови – денес ги вбројуваат меѓу најдобрите хрватски филмови – сепак не останав таму, туку во еден мал град на Истра, што во целост ми одговараше, меѓу другото и поради тоа што таму практично ги нема ХДЗ, а Туѓман беше исвиркан.

Дали ви пречи тоа што вашите дела се во некој вид interregnum, што припаѓате на хрватската, српската и босанската книжевност, но на ниедна национална книжевност во целост, освен можеби на самите читатели со коишто делите едно посебно доживување на светот?

Не само што не ми пречи, туку и ми ласка. Јас сум писател за оние што ме читаат на јазикот што го разбираат и чувствуваат. А немам ништо против оние што се занимаваат со историја на книжевност да ме сместуваат во која било од тие книжевности, затоа што им припаѓам на сите нив, делумно поради својата волја, делумно поради судбината.

Извор: Danas

ОкоБоли главаВицФото