Кој е виновен за поразот?

26.03.2013 12:05
Кој е виновен за поразот?

Некој во СДСМ ќе мора да ја преземе одговорноста за тешкиот изборен пораз. Во рамките на опозиционата коалиција исто така ќе треба да се преиспитаат досегашните стратегии и да се понесе одговорноста за неуспехот.

Се разбира, прашањето на одговорноста е комплексно и изборниот пораз е само една негова димензија, дури можеби и не најважна. На пример, можеби повеќе политичка одговорност носи одлуката да се излезе на избори кои според многу индикатори не можеа да бидат регуларни. Таа, пак, димензија на проблемот го повлекува можеби клучното прашање: има ли СДСМ каква било кохерентна стратегија за борба против диктаторскиот режим?

Се добива впечаток дека СДСМ не е усогласен дури ни околу природата на режимот: ако се претерувања тврдењата дека груевизмот е своевидна (јал „нежна“ јал пропагандна) диктатура, тогаш одговорноста нека ја преземат радикалите кои мислат дека Македонија е во шепите на една крајно опасна и забегана власт. Ако, пак, радикалите ја имаат прецизната политичка дијагноза за природата на режимот тогаш таа дијагноза („груевизмот е партиско-полициска диктатура“) мора да биде основа за сите стратегии.

Вака испаѓа дека тактиката на Црвенковски е еден чекор назад - два чекори напред, кон постојано легитимирање на груевистичкиот режим. Испаѓа дека опозиционерите се шегуваат кога зборуваат за мафијашката власт која никогаш нема да организира фер и демократски избори. Испаѓа дека Црвенковски со своите лоши тајминзи и недоследни стратегии всушност дува ветар во издишаните едра на груевистичкиот брод. Да не заборавиме дека само пред две години опозицијата и власта според гласовите беа изедначени. Наместо власта да биде казната за уште две години назадување на земјата на сите планови - казнета е опозицијата, која изгуби речиси сто илјади гласови (при што излезеноста беше поголема од онаа пред две години).

Значи, опозиционерите мораат да расчистат неколку важни политички прашања: Дали грешката е во излегувањето на избори за кои беше јасно дека нема да бидат фер? Дали грешката е во лошата кампања или во погрешниот избор на кандидати за општинска власт? (примерот со Ѓорче Петров е многу позитивен; зошто немаше повеќе такви примери?) Дали е грешка промашениот тајминг на отпорот? Дали временската дезориентираност е знак на суштински погрешна политичка стратегија?

Многумина од нас со години се воздржуваат поснажно да го критикуваат СДСМ зашто, сакаме да веруваме, тоа е последната институција која колку-толку може да организира активен отпор против недемократскиот режим. Но, дојдовме до ѕидот. Токму многумина од нас пред ѕидот вака си велат: океј, нека груевизмот ја дотолчи до крај државата, нека паднеме на самото дно, за да доживееме катарза и прочистување. Е па, логиката вели дека за потполно пропаѓање на ваквото безнадежно општество негде патем треба да пропадне и ваквиот СДСМ. Толку многу сме исплашени од груевизмот што дури и пропаста на државата ни е поприфатлива од пропаѓањето на СДСМ. (Ова го мислам сериозно, не е само реторичка фигура: на огромен дел од македонскиот естаблишмент СДСМ му треба како изговор за сопствената неодговорност, неспособност, дефетизам, кукавичлук. Како сите оние кои од уста не го вадат Бранко 20 години не направија макар скромни политички партии, движења, агенции, медиуми, па и фирми, кои ќе ги гарантираат автономијата, слободата, деловната способност, визиите?! Зашто ниеден од многубројните „дисиденти“ од СДСМ - отворени или прикриени - сите овие 20 години не направи барем обид за нешто како што е ЛДП на Чедомир Јовановиќ во Србија?! Како е можно една одвратна партија како што е ДОМ, навредлива по секоја линија на разумот/моралот/естетиката, да ги присвојува каузите на радикално левите политики?! Зарем ДОМ не е поголема навреда за кој било граѓански ориентиран Македонец/ка дури и од СДСМ/ВМРО?! Слична е работата и на десната страна од спектарот: како тоа целиот „патриотски простор“ му е препуштен на ѓоамити јапиевски а морално ретардиран блок предводен од Груевски, Тодоров и Ставрески?! Кај исчезнаа македонскиот патриотизам, верата, хероизмот, саможртвувањето?! Кај Ивица Конески, Илија Димовски, Саше Мијалков и Гоца Јанкуловска?! Тоа се ликовите на „љутата македонштина“ во 21 век?!)

Во своја одбрана СДСМ може го каже истото што го кажуваме сите ние, секојдневно, правдајќи ја сопствената беда: зошто баш јас?! Зошто СДСМ би ја ослободувал земјава? Зарем не е попаметно да склучат дил со ДПМНЕ за мирен пренос на власта тогаш кога на пастирот ќе му се сони дека доста беше? Зарем сдсмашите нема да спијат помирно ако склучат братски договор да не се чепкаат бизнисите на Фамилијата и големиот градителски потфат на пастирот? Имам впечаток дека Стевче Јакимовски, на пример, го избра тој пат. Зошто Јакимовски или Црвенковски би се грижеле за слободата или за демократските права? Тоа е нешто што се мачка на леб? Нешто со што се добиваат избори? Не, се разбира. За голем дел од македонските граѓани тоа се перверзни апстракции. Развојот на демократијата изминативе 20 години им дава прилично аргументи на оние кои и самата демократија ја сметаат за пропагандна манипулација.

Зошто кој било би се рчкал со мафијашите на Фамилијата? Зошто било кој паметен и фамилијарен човек би се рчкал со мафија? Ете, и тоа може да биде одговор на диктатурата: Океј, луѓе, имате право, Македонија се претвори во приватна држава на шака бандити, но не очекувајте од мене да ја рушам; имам работно место, имам деца, имам фамилија.

Можеби е поблиску до вистината за нашата општествена состојба констатацијата дека СДСМ, па и целокупната опозиција, не се причина туку се последица на умртвеното општество на коешто груевизмот буквално му ја исцица крвта изминативе седум години. Ако, почитувани читатели, околу вас стварно чувствувате живост, енергија, идеи, копнеж за борба и вера во подобро утре - тогаш земете камењата и заџиткајте ги кон грешниот СДСМ. Мој впечаток е дека таа живототворна енергија ја нема и дека општеството е мртво. А токму чувството дека општеството е мртво во однос на полетот, идеите, визиите - е главниот аргумент дека живееме без слобода во мрак и диктатура.

Најпосле, И Бранко Црвенковски може да ни рече на сите нас: Океј, немам доследни политики, немам големи визии, немам организаторски способности - но уште еднаш ви испорачав, заедно со здружената килава опозиција, триста илјади гласови за рушење на толку омразениот груевизам. Кај е вашиот влог?! Кај се вашите гласови?! Кај е вашиот придонес за борбата?!

Слики: Свирачиња 

ОкоБоли главаВицФото