Студент паднал на испит иако скршил нога

26.03.2013 13:49
Студент паднал на испит иако скршил нога

Скопје, 26 март 2013

Студентот од втора година на Правниот факултет во Скопје Дарко Павловски (22) паднал на испит иако неодамна ја скршил ногата, дознаваат Пара вести.

Дарко, кој се жали дека нема среќа со испитите, вели дека за испитот по Англиски јазик кој го влече уште од прва година, ги имал сите услови за конечно да го положи од четвртиот обид.

„Секогаш кога пред некој испит родителите и пријателите ќе ми посакаа среќа, речиси по правило се случуваше да го паднам баш тој испит. Им требаше неколку години да запамтат дека пред испит не се посакува среќа бидејќи тоа носи лоша карма“, вели Дарко.

„Минатата недела кога се враќав од факултетското бифе, се сопнав на скалите и ја скршив левата нога. Иако повредата воопшто не беше безопасна, сè укажуваше на тоа дека среќата конечно тропна на мојата врата. Меѓутоа, набрзо паднав по Англиски, а и колоквиумот по Социологија го завршив очајно. Не вредеше ни тоа што професорите ме жалеа поради гипсот и ми дозволија да користам книги. Единствено ми е драго поради тоа што колегите од факултет ме нарекоа херој, бидејќи влечкањето со такси до факултет за нив е вистинска гњаважа“, изјави Дарко за Пара вести.

Овој студент се надева дека неговиот случај на останатите студенти ќе им послужи како доказ дека кршењето нога не нуди задолжителна проодност на испитите.

„Се обидувам да смислам идеална желба која луѓето би требало да ми ја упатат за да бидам сигурен дека ќе положам некој испит. Пријателите често ми велат дека треба да учам повеќе од половина час дневно, меѓутоа јас мислам дека тоа не е сигурен рецепт за положување, бидејќи и родителите често ми велат учи сине! па пак ништо, испитите остануваат неположени“, заклучува Дарко.

Извор: www.njuz.net