1010 hPa
45 %
27 °C
Скопје - Пет, 04.10.2024 12:59
Оние кои се надеваат дека наскоро ќе шетаат низ паркот од времето на Јура не би требало премногу да се радуваат, бидејќи истражувачите не планираат да оживуваат диносауруси, чија ДНК, барем за сега, се смета за премногу стара за овој вид манипулација.
Собрани на конференцијата TEDx која се одржува во Вашингтон под покровителство на National Geographic, научниците составиле листа од 24 животни кои исполнуваат одредени критериуми за оживување.
Меѓу тие животни се птицата додо, тасманискиот тигар, каролинскиот папагал, еден вид јужноафриканска зебра чиј што последен претставник умрел во далечната 1883 година и други.
При избирањео на животните, научниците пред сè воделе сметка за атрактивноста на видот и значењето на нивната еколошка функција. Научниците ја имале предвид и изводливоста на постапката, т.е. дали расположливите примероци од ДНК можат да бидат употребени, како и можноста за реинтеграција на животните во денешната природна средина.
Според Вашингтон пост, пред десет години еден тим составен од француски и шпански истраувачи успеал да оживее изумрен вид коза. Меѓутоа, животното умрело по десетина минути.
Проектот за оживување на изумрени животни ќе покрене бројни етички и логистички прашања, вклучувајќи го и начинот на кој научниците ќе добијат употреблив примерок од ДНК на животно кое одамна е исчезнато од лицето на Земјата.
Се поставува и прашањето за трошоците за една ваква операција, чија цена е повисока или пониска во зависност од видот, но секако достигнува неколку стотици илјади евра.
На идејата да се оживеат одредени изумрени животни, научниците биле поттикнати од проектот Лазарус во чии рамки, користејќи ја техниката на клонирање, истражувачите успеале да оживеат една изумрена австралиска жаба.
Иако ниту еден од добиените ембриони не опстанал повеќе од неколку денови, генетските тестови потврдиле дека во настанатите ќелии имало генетски материјал од жабата која изумрела пред повеќе од 30 години, што ги уверило научниците дека клонирањето сега е повеќе „технички отколку биолошки проблем“.
Извор: e-novine