Спремни за труд и одбрана

27.03.2013 12:17
Спремни за труд и одбрана

Луѓе, што ви е? Зошто сите се смеете на тоа што претседателот конечно сака да направи и нешто добро за својата земја? Кога пред некој ден Путин ни „препорача“ да се вратат нормите на ГТО (Гоmов к mруду и обороне – општообразовна и фискултурна прогама од најшироки размери во поренешниот СССР, воведена поради здравствено и патриотско воспитување [првенствено] на младината; се практикувала од 1931 година, до распадот на СССР во 1991 година и со неа било опфатено практично цело население, на возраст од 10 до 60 години) и резултатите постигнати на овие идни масовни натпревари да се сметаат при уписот на високите школи или на универзитетите, целата неформална опозиција прсна во смеа.

Изгледа дека вие навистина не сфаќате дека Владимир Владимирович искрено сака да ѝ помогне на Русија. На пример, него исклучително многу го загрижува тоа што Русија умира со брзина од 700.000 луѓе годишно. И се разбира дека тој би сакал тоа некако да го поправи, но, исто така се разбира, без какви било интервенции во основите на постоечкиот систем.

Квалификуваната и квалитетна медицинска помош е едно од нештата што би можеле да го сопрат или барем забават брзото темпо на изумирање на Русија. Но, имајќи предвид дека кражбата на неизмерни количини пари преку увозот на медицинска опрема (којашто потоа никој не знае да ја користи), како и здравственото осигурување што го прави несоодветно секое можно лекување – значи, имајќи предвид дека овие два елементи спаѓаат во основите на постоечкиот систем, во здравството никако не смее ништо да се промени.

За да се спречи изумирањето на Русија би можело да помогне и враќањето на чувството на граѓанско достоинство кај населението, т.е. чувството дека не се робови што кој било надзорник има право морално или физички да ги згмечи, осакати или убие, туку дека тоа се полноправни граѓани на земја што (би сакала да) се вика Руска федерација. Но, бидејќи државата е организирана така што кој било надреден има право да ги изврши сите видови престапи над своите подредени, па и оние најтешките, како и тоа дека ова всушност спаѓа во основите на постоечкиот систем – секој разговор за вистинските граѓански права е потполно исклучен.

Секако дека на Путин не му е драго што Русија умира. Тој своевремено и нареди да им се исплаќа на мајките за второто, третото и така натаму родено дете таканаречениот „мајчински капитал“ од буџетот. А резултатот? Резултатот е тоа дека немаме податоци каде оди најголем дел од тие пари. Па дали тогаш некоја сиромашна наркоманка или неизлечлива алкохоличарка како онаа Јулија од Гдов, во еден пресуден момент нема да се запраша: а зошто да не родам уште едно дете?

Или, да речеме, реформите на армијата. На Путин му е криво затоа што нашата армија е неспремна и што нејзиниото вооружување е застарено. Само сетете се со колку страст и горчина во гласот своевремено ни зборуваше како тој (кутриот) во 1999 година, не можел да собере ни две дивизии војници спремни за војна со Чеченија. А за да се осовремени армијата, би морало да се продолжи со реформите што ги започна поранешниот министер за одбрана Серџуков. Би морало да се прекине со набавките на огромни количини железарија конструирана по примерот на технологиите од минатиот век, што војската уредно ги нарачува од „Уралвагонзавод“ и ги плаќа три пати поскапо отколку што тие всушност вредат (ако воопшто и нешто вредат). Но, очигледно „Уралвагонзавод“ е – светост. И секако дека целиот тој општествен слој што по тројно повисока цена произведува нешто што ниедна нормална власт никогаш не би го купила, припаѓа меѓу најпреданите на оваа власт.

Освен тоа, имајќи предвид дека легитимноста на власта не ни е силна страна, ако се создаде ефикасна армија, т.е. армија што е секогаш спремна на пожртвувана и промислена акција за благосостојбата на земјата – на многумина тоа би им го нарушило мирниот сон. И затоа армијата не треба да биде ефикасна. Но и покрај тоа, претседателот е многу загрижен за нејзината состојба. Затоа и нареди да се сошијат нови униформи за војската.

Или, на пример, сообраќајните несреќи. Нашиот гарант на уставот секако дека е вознемирен поради тоа што безобѕирните возачи по патиштата и улиците ширум Русија сакатат и убиваат наши граѓани како да се (прости ми Боже) мачки. На оваа немила појава би можело барем делумно да ѝ се застане на пат, да речеме, со укинување на правото на користење на ротационото светло за чиновниците и останатите државни службеници коишто, според видот на работа што ја извршуваат и ресорите за коишто се одговорни, немаат буквално никаква потреба од него. Бидејќи возењето под ротационо светло е она што го диктира стандардот на однесување на возачот на нашите патишта и улици. Но, правото на високиот сталеж на приоритет во јавниот сообраќај, што последователно се укинува по Големата француска револуција во 1789 година, исто така е една од основите на Путиновиот систем и затоа никако не смее да се промени.

Освен тоа, бројот на сообраќајни несреќи би можел да се намали со примена на законските казни за сите „важни“ личности што ќе ги предизвикаат, а особено во оние случаи во коишто има и мртви. Неодамнешниот случај е добра илустрација: во еден од своите три раскошни автомобили, јеромонахот Илија деновиве збриша од патот двајца несреќни работници што се нашле таму на работна задача. Сведоците на оваа сообраќајна несреќа тврдат дека 26-годишниот Илија бил мртов пијан.

И секако, имајќи предвид дека е неприкосновено правото на обезбедувачите, полицајците од сите видови, обвинителите, а денес, по сè изгледа, и на нив еднаквите попови, неказнето да газат луѓе и да го прават тоа и со сета поткрепа од режимот, нема причина да се сомневаме дека поради оваа несреќа, на нашиот Илија нема да му фали ни влакно од главата.

Но, немојте да мислите дека на Путин не му е жал за сите тие несреќно прегазени луѓе. Токму затоа државната Дума изгласа уште еден бесмислен закон, според кој возачите во текот на возењето смеат да имаат, ни помалку ни повеќе, туку 0,00 промили алкохол во крвта. Без оглед на тоа што ова на ниеден начин не го спречува јеромонахот Илија да остане неказнет и според новиот закон, но имајќи предвид дека поради разни физиолошки причини толку голем процент алкохол во крвта и кај најдисциплинираниот трезен човек е речиси невозможен, отсега, годишно 180.000 de facto трезни возачи ќе остануваат без возачки дозволи, а ние останатите неколку милиони на кои ни се посреќи, и понатаму ќе останеме заложници на овој режим. Но, ќе признаете дека пораката „Стоп за алкохолот!“ не може да биде лоша.

Истото важи и за нормите на ГТО. Путин и самиот гледа дека народот масовно му се оддава на алкохолот, дека просто се дегенерира и умира. И сега, што да се прави? Оние помладите, пообразовани и поснаодливи – заминуваат. Оние „поглупавите“ што наумиле во Русија да основаат некој свој бизнис, ако патем не заглават во затвор, може да сметаат дека поминале одлично. А оној Васја Пупкин, од длабоката глува провинција што не завршил никакво училиште и којшто без проблем би можел да работи на некое градежно место или како чистач на улици, до таквите работни места не може да стигне бидејќи ги заземаа таканаречените гастрабајтери. Туку ти, Васја, „ич не му ја мисли“, примај парична помош и пиј батко, кој ти брани!

Се разбира дека општеството би можело да биде уредено така што на бизнисмените нема да им се крадат бизнисите и нема да бидат апсени. Би можело и за Васја да се најде некаква работа. Но, користењето на робовскиот труд на луѓето од поранешните средноазиски советски републики и истовремената лумпензација на сопственото население е една од основните формули за стабилност на режимот, а за чиновниците и олигарсите е најбезебеден извор на екстра профит. А уништувањето на самостојната млада буржоазија што не смета на државниот буџет туку своите пари ги заработува сама, за постоечкиот систем се само уште едно sine qua non.

Но сепак... Би било убаво ако сториме нешто и за Васја Пупкин, момчето чијшто татко се препи кога го избркаа од локалната живинарска фарма на којашто работел со години и на негово место донесеа работник од Таџикистан, а нашиот Васја, опкружен со атмосферата на сеопшта безнадежност, од своето петто одделение дува лепак. Би требало некако да му помогнеме, зарем не? Па да, како не се сетивме на тоа порано? Ајде да го натераме самиот тој редовно да тренира секој ден, па тогаш да провериме дали е „спремен за одбрана и труд“.

Извор: novayagazeta.ru
Слики: Џо Драгт


ОкоБоли главаВицФото