Благодарност

27.03.2013 12:26
Благодарност

Научив од вас сè.

Око ако имаш што сè гледа горе: ќе ти го ископам. Уво ако имаш со обетка златна: ќе ти го сечам. Прст ако имаш со затворен прстен: и него ќе го скастрам. И курето ќе ти летне ако не ведне глава.

Дуќан си имал: ќе го ограбам. Килим си имал: дома ќе си го однесам. Ќерка чесна си имал: ќе ја обесчестам. Прав си бил: крив ќе те направам. Умен си бил: луд ќе те сторам. Чест бараш – срам ќе најдеш.

Зашто, нема место на светов за нас обајцата.

Научив од вас сè.

За срамот што еднаш сум го јал – стопати ќе те засрамам. Вошки ме цицале – јас тебе ќе те смукнам. Посран си ме видел – на глава ќе ти се посерам. За школо не ме бивало – даскал ќе ти бидам. Фурна си имал – фабрика ќе имам. Магаре си имал – ергели ќе имам. Секоја вечер над софра ќе ти седам и акал ќе ти солам: да сфатиш дека нема место за нас обајцата.

Научив од вас сè.

Како умот в рало се впрега. Од сето знаење, доста било да молчиш, со глава важно да кимаш. Нема победа без здрав стомак: кој паѓа од шише ракија, кому од кафе срцето му бие, кого од луто газ го пече – за таков нема место на светов. На секој генерал илјада учени глави – тие нека му го најдат џуапот на сè, a jac ќе го наместам чаркот под нивната бука. Како кучиња ќе се радуваат што ги клоцам в муцка – нивна нека биде славата, мој ќе биде ќарот: за двајца нема место на светов.

Научив од вас сè.

Од страв страв да нема. Што и да се случи, исто ќе ми биде – смртта е горе и смртта е долу: гол газ од казна не се плаши. Мудроста се учи до третиот месец: од кражба кој бега, ни за лага не е; да лаже кој не знае, за арамилак не е. Нема да нема: има да има – нема тоа да не може. Правдата да се истенчи и да се скине; мудроста да олцне, бацијата да боцне. Грдоста убост да се стори, умот подлост, чувството злост. Таму каде што нема Господ, сè е дозволено, вели мудрецот, а каде што е дозволено сè – сè е можно. На светов нема место за две вистини.

Од вас научив сè: нека ви е вечна слава и фала!

Извор: „Меѓата на светот“
Слики: Свирачиња

Слични содржини

Квир / Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото